Предлози за обнова по катастрофата

01.10.2013 10:27
Предлози за обнова по катастрофата

Санирање на една од тешко оштетените згради во Скопје

 

Според елаборатот на Заводот за конзервација Скопје

 

По катастрофалниот земјотрес од 26 јули 1963 год., Заводот за заштита на културните споменици „Кале“ од Скопје направи анализа на уништените споменици и предложи реконструкција и конзервација на најзначајните од нив, оние кои имаат еминентно значење за нашата историја и кои сè уште би можеле да се спасат.

Ситуацијата е многу тешка. Оштетени се или сосема разурнати споменици на културата, станбени згради и цели урбанистички комплекси од историско значење. Старата тврдина Кале е една од најоштетените. Уништен е целиот јужен дел на бедемот заедно со кулата, додека најстариот нејзин ѕид е делумно оштетен.

Со подоцнежните истражувања се утврди дека како последица на силниот потрес потполно или делумно се уништени голем број од најзначајните споменици: Сули ан, џамијата Казан-џилер и Дуќанџик, кулите Гази Баба и Алти Јатак, како и кулата во дворот на Хатун џамијата. Речиси комплетно се разурнати Гурпилер џамијата и Стара-нова бања. Помеѓу другите објекти уништени се познатите Куршумли ан, џамиите Мустафа-паша, Исак-бег, Султан Мурат, како и Чифте амамот, Саат кулата, Даут-пашиниот амам, кулата во дворот на Исак-беговата џамија и многу други објекти.

Од урбаните комплекси, значително е оштетена Старата чаршија, а поединечни дуќани се сосема уништени.

Ваквите оштетувања на овие значајни културни споменици бараат посебна постапка за нивно реставрирање и обновување. Некои споменици се во таква состојба што се наметнува безусловна конзерваторска интервенција. Тоа особено се однесува на оние споменици чија реставрација ќе влијае на реконструирањето на историските урбани целини. Предвидено е обновувањето да се изврши според интенциите на современото живеење, односно во нив да пулсира живот, а не да се претворат во мртва историја. Затоа треба да бидат ангажирани архитекти-конзерватори и оние кои се занимаваат со историја на архитектурата, особено стручњаци кои предлагаат и изработуваат урбанистички планови. За извршување на оваа обемна работа, потребно е да се формира посебна комисија на која овој проблем и средувањето на подготвителната документација за оваа историска акција ќе ѝ биде единствената задача.


Расчистување на урнатините

Интервенцијата ќе се изведува во неколку фази: превенција на оштетените споменици, поткрепување на загрозените делови од објектите на кои им се заканува рушење и покривање, заради заштита од атмосферските влијанија, до извршувањето на дефинитивната реконструкција. Комисијата предложи најнапред да се изврши превенција на Куршумли ан, Исак-беговата џамија и Саат кулата. За извршување на овие работите неопходна е документација заради изработка на елаборат за конзервација и реставрација на наведените споменици на културата. Обемот на предложените активности е голем и за првата фаза се потребни инвестиции од околу 50.000.000 дин., додека во втората фаза ќе се обновуваат објектите според приоритетот кој однапред ќе го одреди комисијата. За тоа кои споменици ќе се обноват, ќе се одлучува според анкетата која ќе биде спроведена меѓу стручњаците. Со оваа задача ќе бидат опфатени и стручњаци надвор од СР Македонија.

Разурнувањето имаше огромни размери. Според комисијата, за реставрација и конзервација на спомениците на територијата на градот Скопје и околината која е зафатена од катастрофата, потребни се вкупно околу 2.810,550 дин. Покрај тоа потребно е да се обрне внимание на спомениците од НОБ, особено на оштетените и уништените куќи кои се дел од нашата револуционерна историја, куќите во кои се одржувале партиски состаноци и во кои се донесувани значајни одлуки за НОД, куќите во кои се родени народните херои, првоборците, како и останатите објекти кои се дел од нашето револуционерно минато.

Со навремено пристапување кон овие работи од понатамошно уништување ќе се сочуваат многу објекти, а нивната реставрација ќе овозможи квалитетно решавање на новите урбани организми, и ќе им даде соодветно значење во урбанистичката структура.

Извор: Čovjek i prostor, Savez arhitekata Hrvatske, Zagreb
јануари, 1964

Превод: Сенка Наумовска

Слични содржини

Скопје 1963-2013
Скопје 1963-2013

ОкоБоли главаВицФото