Микроробот кој разнесува лекови по телото

01.10.2013 11:22
Микроробот кој разнесува лекови по телото

Истражувачи од Кинескиот Универзитет објавија дека дизајнирале микроробот кој не е поголем од човечка ќелија, кој би го носел „товарот“ на лековите на места каде што се потребни, со што би се замениле ризичните операции на мозокот и очите.

Направата која со изгледот потсетува на кафез е долга 100, а широка 40 микрони. Мала е доволно за да може да се внесе во телото без правење рана и се наведува бежично преку електромагнетно поле.

Асистентот на професорот на одделот за механички инженеринг, Жанг Ли, вели дека споредбата на овој модел со претходниот е како да се споредува камион со автомобил.

„Микророботот е како возило кое ги пренесува лековите директно во подрачјето каде што се потребни. Сакав да дизајнирам камион, а не автомобил“, вели Жанг.

Моделите кои до сега беа достапни на пазарот можеа да пренесуваат многу ограничена количина лекови, па затоа кинеските научници одлучија да дизајнираат микроробот способен да носи поголема количина.

Научниците од Кинескиот Универзитет го тестираат микророботот на зајаци и глувци, а Жанг тврди дека ќе бидат потребни децении додека технологијата не се развие доволно за да може да се тестира и на луѓе.

Извор: www.scmp.com