Конески: Кажувања (11)

16.11.2009 12:07
12vaskot.jpg

Збирката раскази „Лозје” (1955)

... Не сум имал никогаш некоја намера посериозна да се бавам со проза. И таа збирка на некој начин случајно настана. Интересен е поводот. До 1954-та година јас бев уверен дека ништо прозно не сум напишал. Кога, претресувајќи некакво сандаче со стари ракописи, открив една тетратка, пишувана со моја рака и во неа гледам околу шеесет страници испишани со проза. И кога погледав, тоа беше расказот „Крчмите”. Всушност, јас сум го напишал тој расказ - потоа во своето сеќавање целата работа ја реконструирав - некаде летото 1944-та година. Потоа дојдоа сите настани, промени, и сум заборавил дека такво нешто сум напишал. Тотално сум заборавил. Десет години тој текст останал така настрана. Кога го открив, го прочитав и видов дека со извесни корекции тој може да се објави. Јас тие корекции ги направив. Не беа тие многу... Не во композицијата толку, колку во некои епизоди. Исфрлање на нешто, додавање на нешто. Не беа тие големи исправки. Тогаш се заинтересирав за тоа, и некои други мотиви што ми се вртеа во глаата, да ги обработам во раскази. И така, во доста кратко време настанаа уште оние девет текста. Збирката има вкупно десет раскази.

Настанување на расказот „Песна"

Тоа беше навистина еден случаен стимул. Кога јас почнав да ги пишувам текстовите и кога веќе почна пред мене да се јавува идејата и за една збирка на раскази, се случи јас да го импровизирам расказот „Песна", така да кажам на еден здив. Беше веќе тоа, летото педесет и четвртата година, август месец, или самиот почеток на септември. Се најдов во зградата на тогашниот Филозофски факултет, близу до Вардар. Не во старата зграда, ами малку подолу, оние училишта кајшто беа... Не беше работен ден, а имав задача во амамот да отворам една изложба на нашите ликовни уметници. Да речеме, тоа беше предвидено за 11 часот. А јас имав време. Негде во девет и пол можеби сум отишол на факултет. И таму, за да ми помине времето, уште еден час, ставив една хартија на машината и пробав некои свои впечатоци од посетата, претходно, на еден манастир, на машина да ги забележам. И одеднаш тргна тој расказ.

Го напишав. Тоа е за мене единствен случај. Јас никогаш не пишувам на машина, ами со рака. И тој е скоро без поправки после објавен по онаа верзија тогаш што настана. Меѓутоа, пишувајќи, јас заборавив на својата обврска за амамот, па некое време веќе поминало единаесет, ме најдоа на факултет и после брзо требаше да одам таму. Но, расказот беше готов. И така стигнав во амамот да ја отворам изложбата. (... Еден многу убав расказ).

Па јас и затоа тоа сега го споменав, бидејќи знам дека тој буди интерес. Тој е влезен и во некои антологии. Антологијата на југословенскиот расказ, издадена во Лајпциг, дури носи наслов по мојот расказ - „Петревата песна”. Проширен е насловот. Кај мене е само „Песна", а таму е земено и името на главниот јунак на расказот.

... Јас не одев свесно кон поетизирање на текстовите. Дури, поскоро би рекол, дека јас тоа го избегнував, Но, во овој случај самиот мотив наложи еден таков поетски пристап. И навистина, тој може да се смета и како еден вид песна во проза. Целиот тој текст. Инаку, јас не сум пишувал проза затоа што, можеби, не сум стекнал ни нвик да пишувам проза.. Секогаш сум бил многу зафатен со ред задачи. И практични, секидневни, како наставник, како човек што бил задолжен и во некои форми на општествениот и културниот живот. И, просто, поради немањето на време, јас сум се искажувал, главно, во поетска форма. Сега можам да кажам дека не е „Лозје” единствена моја прозна книга, бидејќи дојде и „Дневникот”.

За расказот „Лозје“

Кога го пишував тој расказ, тргав од едно свое доживување и од асоцијации сврзани со него. Јас тогаш Хемингвеј не го знаев, но го знаев Чехов. А после разбрав дека Хемингвеј учел од Чехов, дури, ако се работи за драматургијата посебно, целата англосаксонска литература, од драмите на Чехов. Тоа подоцна го разбрав. Меѓутоа, јас Чехов го знаев. Па, тоа е модел на расказ што е обичен кај Чехов. Всушност, не е толку загатка, колку оставање на крајот можност на читателот, со еден емоционален ангажман, да ја доживува содржината, без некоја нагласена поента. Тоа е пак еден вид поента. Нели?

А тоа е кај Чехов обичен потход. Јас можеби подоцна од другите ги читав авторите што се сметаа за модерни, но можам да Ви кажам дека образец на расказот за Хемингвеј сум нашол кај Гончаров, во руската литература. И тоа во роман, во романот „Обломов", на две-три странички, во разговор меѓу два лакеи. Едниот лакеј на Обломов, а другиот, некој комшиски лакеј. Разговараат за своите господари. Дијалошката форма преовладува. Тоа да се напечати, посебно како расказ, тоа би можел човек да го потпише со името на Хемингвеј. Тие се обрасци од порано дадени и после можеле да се развијат. Се разбира, не тврдам дека Хемингвеј тргнал од тука, ама сакам да кажам дека секој од нас можел во својата лектира да најде образец што можел да го развие, независно од оние имиња што се наложиле како водечки во современата проза. Исто важи и за поезијата. Јас сум му најголем должник, ако се работи за прозата, на Чехов.

За автобиографскиот текст

Мислам дека прв услов за тоа, еден текст да биде успешен и кога е наполно автобиографски, (искажано по повод расказот „Прочка") е постигање на една таква дистанца, што авторот да не паѓа во приватизам, ами да раскаже нешто како објективно дадено... Сè може да биде од поширок интерес. Само, тука, оној што пишува, треба да има едно чувство да избегнува некои интонации што ќе го спуштат текстот во таа сфера на сосем приватното. Тој мора да се постави малку настрана, како опсерватор на она што самиот го доживеал. Значи, да земе визура на опсерватор од страна, иако самиот тоа го доживеал, и така да го просудува и да го процедува. Тоа е најопшто речено.

... Во литературата нема недоживеано. Само, може да биде од мене доживеано лично, може да биде раскажано, да сум го чул од друг. Па, можеби тоа што ми го раскажале да направило на мене многу поголем впечаток од тоа што самиот сум го доживеал. А може нешто и да измислам. А може нешто и да сонувам. А може нешто и од литературата да земам. Сето тоа е доживеано. Во секој случај треба да има канали за авторот да ја дознае реалноста. А тие канали треба да комуницираат и со неговите читатели. Инаку ќе изостане врската меѓу аторот и читателите.

... Има некој принцип што го организира текстот. Текстот треба да биде организиран на таков начин што секој што го чита да мисли дека тој го создава. А не да си вели - а ова не требало да влезе, она не требало да влезе. Текстот е тогаш успешен, кога оној што го чита си мисли дека тој го создава во моментот. Ако авторот го постигне тоа, тогаш се ослободил од приватизмот, независно колку е тоа автобиографска работа. И затоа прашањето за автобиографското во делото, за мене е секундарно прашање. Мене ме чуди зошто толку често пати се убиваат да изнајдат што е автобиографско. Но, ако читателот има илузија дека тој во моментот како да го искажува текстот, во моментот на читањето, тогаш е постигната целта и во тој момент станува совршено неважно дали текстот предава вистински преживелици, вистински животни факти од опитот на авторот или тој претставува слободна комбинација на извесни факти.

За расказот „Прочка“

Тоа е автобиографски текст. Тој би можел сосем слободно да се вклучи во „Дневник по многу години”. Се работи за смрта на мојата најмала сестра во Прилеп. Тоа точно на една Прочка стана и тој впечаток останал кај мене. Долго време тој мотив сум го носел. Ми се вртел во главата, па сум се потсеќавал на подробностите, па сум заклучувал каква била ситуацијата на одделните таму личности што се појавуваат во расказот, на возрасните, на децата, и така натака... Не е тоа настанато поради авторска вештина (контрапунктирање на две крајни ситуации: весела Прочка и смртен случај). Тоа така се случи. А се разбира, ако остава впечаток и на нешто што е обмислено, тогаш тој впечаток е нормален, ако авторот постигнал да се дистанцира од текстот толку да не звучи текстот приватистички.

Во овој случај, ( за студената празнина во душата на детето) јас барем сум уверен во тоа, дека го пренесувам тоа што јас како дете сум го чувствувал во тој момент. Спрема тоа, тоа се вклучува како податок нормално во расказот. И тоа може да биде порака. ( Дека треба да му се помогне на човека да ја преболи својата болка). Но тоа не е порака, да речеме, на човек што сака да доцира. Колку да им се чини на некои возрасни чудно, едно дете, да речеме на десет години, може да ја прифати играта да им помогне на големите. Големите се трудат да му помогнат нему, а детето го дешифрира нивното држење и тоа од своја страна сака да им помогне. Спрема тоа, јас мислам дека не ми е дополнително таа идеја дојдена. Заправо, едно свое сеќавање јас развивам, или еден свој впечаток од тогаш, кога сум го доживеал тоа. Откривам нешто што во моментот, главниот јунак на тој расказ, независно што е дете од девет, десет години, го чувствува. Јас за децата имам многу повисоко мислење во смисла на нивното сфаќање на животот, отколку што обично се смета... Секој човек прво реагира на болката, на навредата, а е благодарен ако најде утеха или ако некој му помогне. Јас тој мотив многу често и во поезијата го обработувам. Дури имам и песна под наслов „Навреди”. А, ако сакате, во „Болен Дојчин” тоа е главната содржина. Човекот паѓа. Човекот е слаб, се руинира и бара поткрепа. Гледа дека самиот не може да се спаси. Сака да се опре на некој близок, друг човек.

Околу чаршискиот стил на хуморот

... Кога ќе ми речат дека чаршијата има хумор, јас со тоа не се согласувам. Јас мислам дека таму хумор нема. Таму има пакосни шеги на луге што безделничат и гледаат како да го понижат некого што мине тука. Тој хумор јас не го примам. Ние сме од селска, патријархална средина и нашиот хумор влече корени од анегдоти народни, хумористични народни песни, од едно постојано, да кажам, хроничарско следење на настани што можат хумористички да се осветлат. И секогаш имало способни луѓе, и во мојата потесна фамилија на тој начин да го применат хуморот...

Јас секогаш сум имал одвратност спрема чаршискиот стил. За мене е поразен тој. Тоа е еден балкански стил на средина којашто е доста стеснета, економски, како да кажам, на работ на рентабилитет. Отаде пакосна. Готова секој туѓ успех да го сведе до својата немош. Средина што располага со доста време, тие својства ги развива. Мене тоа ми пречело. Јас тоа не го примам, ако почувствувам чаршиска интонација во текст. (Што го има и денеска).

Да. Да. Има. Кај наши писатели има понекогаш чаршиска интонација. Не само во литературата. Таква интонација има многу повеќе и во искажувањето на некои луѓе што важат за интелектуалци. Независно во која област, дали во хуманитарната или во областа на природоматематичките науки, може од начинот на размислување, од системот на размислување, па и во подборот на лексиката, и на самата интонација на фразата, да почувствувате влијание на таа чаршиска подлога. Тоа јас го откривам брзо и тоа ме одвратува.

 


За „Дневник по многу години“

Сметам дека најдов пригодна форма во дневникот. Јас ја викам отворена форма за искажување на такви содржини. Јас сум задоволен од тоа што таму го соопштив... Таму ми беше основното, дури и од една анегдота или од една животна ситуација да извлечам некаков поширок, поопфатен заклучок. Нешто што може, да речеме, да биде во еден есеј поента на размислувањето. А оваа форма дава можност сосема лежерно и без голем напор и пократко да се соопшти нешто што инаку, со една научна аргументација или во еден есеистички текст, треба да се води на многу покомплициран начин... Мене не ме интересира јас една низа на свои сеќавања да предавам во некаква сукцесија... Некои од тие текстови, Вие велите, дека можат да се развијат во расказ. Но други можат во есеј да се развијат. Оваа форма е пригодно избрана за да искажува содржини што се допираат и до уметничката проза, и до поезијата, и до она што обично го наречуваме есеистика. Ете, тоа е, мислам, суштествената карактеристика на овој мој „Дневник по многу години”. Тоа е на некој начин подбор и сумирање од она претходно што било моја непосредна усна раскажувачка проза во компанија со мои пријатели. Нешто што можеби многу пати сум го прераскажувал, извесна преработка што доживеало во тоа раскажување, такашто на крајот не било за мене ни тешко да биде фиксирано и на книга.

Слики: Васко Ташковски

Другите делови од „Кажувањата“ можете да ги прочитате на следниве линкови:

Конески: Кажувања (1)

Конески: Кажувања (2)

Конески: Кажувања (3)

Конески: Кажувања (4)

Конески: Кажувања (5)

Конески: Кажувања (6)

Конески: Кажувања (7)

Конески: Кажувања (8)

Конески: Кажувања (9)

Конески: Кажувања (10)

ОкоБоли главаВицФото