Слободни и гладни

02.10.2013 11:38
Слободни и гладни

Зборот „слобода“ игра голема улога во современата конзервативна реторика. На лобистичките групи им се даваат имиња како FreedomWorks; здравствената реформа се критикува не само поради големите трошоци, туку и како напад - така е - на слободата. Е да, се сеќавате кога помфритот требаше да го викаме „freedom fries“?

Меѓутоа, десничарската дефиниција на слободата не би ја препознал, да речеме, Френклин Рузвелт. Конкретно, третата од неговите Четири слободи - слобода од немаштија - судејќи според сѐ е испревртена главечки. Изгледа дека конзерватиците сметаат дека слободата е само уште еден од синонимите за гладување.

Оттука и војната против боновите за храна, за чие остро намалување републиканците од конгресот штотуку гласаа, иако гласаа за зголемување на земјоделските субвенции.

На некој начин, јасно е зошто програмата со бонови за храна - или да го употребиме нејзиното вистинско име, Дополнителната програма за помош за исхрана (SNAP) - сега е на мета. Конзервативците се длабоко уверени дека државата страшно порасна под претседателот Обама, но се соочуваат со незгодниот факт дека бројот на вработени во јавниот сектор драстично е намален, додека вкупната потрошувачка во однос на БДП брзо паѓа. Меѓутоа, SNAP навистина порасна, од 26 милиони Американци во 2007 на речиси 48 милиони денес.

Конзервативците го гледаат ова и гледаат нешто што, на свое големо разочарување, не можат да го најдат на ниту едно друго место во податоците: здивен, експлозивен раст на една државна програма. Од друга страна, ние останатите гледаме програма за заштита која го прави токму тоа што треба да го прави: им помага на голем број луѓе во време на општа економска несреќа.

Неодамнешниот раст на SNAP секако беше необичен, но необични се и времињата, во најлоша можна смисла. Големата рецесија од 2007-2009 претставуваше најлош пад на економијата од времето на Големата депресија, а закрепнувањето кое уследи беше слабо. Неколку детални економски истражувања покажаа дека економскиот пад во голема мера го објаснува порастот на бројот на корисници на бонови за храна. И додека економските вести се главно лоши, една добра вест е дека боновите за храна барем ги ублажуваат тешкотиите, овозможувајќи им на милиони Американци да не паднат под линијата на сиромаштија.

Ова не е единствената корист од таа програма. Доказите сега убедливо покажуваат дека кратењето на трошоците во депресираната економија ја продлабочува кризата, па државната потрошувачка сепак опаѓа. Меѓутоа, SNAP е единствената програма која се ширеше, и како таква индиректно сочува стотици илјади работни мeста.

Но, душегрижниците тврдат дека рецесијата заврши во 2009. Зошто закрепнувањето не го намали бројот на корисници на SNAP? Одговорот е дека рецесијата навистина официјално заврши во 2009, но закрепнувањето го почувствуваа многу мал број луѓе на врвот на скалата на заработувачка, додека никаква корист не допре до оние кои немаат толку среќа. Ускладено со инфлацијата, приходот на најбогатиот еден процент од населението порасна за 31% од 2009 до 2012, додека реалната заработувачка на долните 40% од граѓаните опадна за 6%. Зошто тогаш би опаднало корситењето на боновите за храна?

Па сепак, дали воопшто SNAP е добра замисла? Или тоа е пример, како што тврди претседателот на Конгресниот буџетски комитет, Пол Рајан, за претворање на безбедносната мрежа во „лулашка која ги заспива здравите луѓе, туркајќи ги во зависност и попустливост“?

Еден одговор гласи: тоа е бедна лулашка. Минатата година, просечната вредност на боновите за храна беше 4,45 долари дневно. Притоа, кога сме кај „здравите луѓе“: речиси две третини од корисниците на SNAP се деца, стари и инвалиди, а поголемиот дел од останатите полнолетни луѓе со деца.

Освен тоа, може да помислите дека доколку обезбедите соодветна исхрана за децата, што SNAP главно го прави, ја намалувате веројатноста дека тие деца ќе бидат сиромашни и ќе бараат помош од државата кога ќе пораснат. И за тоа постојат докази. Економистките Хилари Хојнс и Даен Витмор Шанценбах го проучувале влијанието на програмата за бонови за храна во 60-те и 70-те, кога постепено се воведувала во државата. Дошле до заклучок дека децата кои порано добиле помош во просек пораснале во поздрави и попродуктивни луѓе отколку децата на кои таа помош не им е пружена - па подоцна, како што се испостави, процентуално помалку морале да се свртат кон државата за помош.

Накратко, SNAP е најдобар пример за државна мерка. Не само што им помага на загрозените, туку им помага и да си помогнат на самите себеси. И заврши огромна работа во економската криза, ублажувајќи ги страдањата и чувајќи ги работните места во време кога изгледа дека толку мерки се насочени кон сосема спротивната цел. Фактот дека конзервативците се нафрлија токму на оваа програма ни кажува нешто.

Дури и некои конзервативни коментатори се загрижени дека војната против боновите, особено во комбинација со зголемувањето на земјоделските субвенции, лошо ќе се одрази на партијата, бидејќи републиканците ги претставува како расипани класни војници. И навистина е така. Бидејќи тие и се тоа.

Извор: The New York Times

ОкоБоли главаВицФото