Стоп за малтретирањето животни!

02.10.2013 11:57
Стоп за малтретирањето животни!

 Вчера, на 1 октомври 2013 жителите на Чаир околу 14 часот доживеаја грозоморна и морничава глетка. Пред контејнер во близина на бензинската пумпа кај стадиончето во картонска кутија било оставено одрано куче, со отсечен јазик, откако претходно било удрено по главата, која му била врзана со кеса. Кутрето било мртво само 2 часа пред да го најдат жителите.

Сликата што нашите активисти и жителите на населбата ја видоа говори за злобата, суровоста и насилството што во себе го носат одредени лица кои МОРА да бидат санкционирани!

По неколку часа чекање дојде полиција да изврши увид. Беше направен записник и од МВР изјавија дека ќе продолжат да работат на случајот додека не се најде убиецот. Во текот на денешниот ден ќе се земат изјави од лица кои живеат и работат во близина на бензинската пумпа во скопската населба Чаир.

Според сознанијата на нашите активисти станува збор за младо кутре (1-2 години), а можно е и да станува збор за домашен миленик. Дерењето на кожата, според она што го утврди полицијата била направена мошне професионално, па не е исклучена можноста да станува збор за лице вработено во околните месарници. Околу местото каде што било фрлено кучето немало крв, што значи дека тоа било убиено на друго место.

Апелираме до полицијата сериозно да се зафати со разрешување на овој случај! Не сакаме и не смееме да станеме држава како Кина, каде што кучињата живи се дерат, се варат и јадат! Во лицето кое што го сторило ова кривично дело се крие потенцијален убиец и на луѓе, бидејќи човек со здрава свест не би се дрзнал да стори ваков грозоморен чин!

Се надеваме дека полицијата ќе ѝ докаже на јавноста дека граѓаните не смеат и нема да бидат сведоци на вакви глетки и дека лицето што го сторило ова ќе одговара пред лицето на правдата.

Ги молиме сите, доколку имаат дополнителни информации за случајот, ВЕДНАШ да пријават во полиција!

Извор: www.facebook.com/AAPZMK