Зошто менталните нарушувања се сè почести?

02.10.2013 12:16
Зошто менталните нарушувања се сè почести?

Според последниот комплетен извештај на Светската здравствена организација (СЗО) за распространетоста на менталните заболувања кај општата популација, секој четврти жител на светот, барем еднаш во текот на својот живот, се стекнува со услови за да добие психијатриска дијагноза. Објавените научни истражувања велат дека тој процент, кога станува збор за нациите од развиениот запад, е поголем и дека се движи помеѓу 30 и 50 проценти.

Националната анкета за комобирдитетот на менталните нарушувања, спроведена на репрезентативен примерок од американската популација во периодот 1990-1992, покажала дека половината Американци за време на животот доживуваат ментално нарушување, при што секој трет известува дека во период од една измината година страдал од некаква психичка пречка. Слични резултати во анкетите од овој вид редовно добиваат и британските истражувачи. Речиси исти проценти, судејќи според анкетата која, додуша, ги зема предвид само четирите ментални нарушувања (депресијата, анксиозното растројство, алкохолизмот и злоупотребата на канабисот), се појавија и во резултатите на новозеландската лонгитудинална студија за менталното здравје на нацијата.

За волја на вистината, постои нееднаквост на резултатите, но најверојатно таа е методолошки условена. Неодамнешната компаративна студија, со која се опфатени двете американски и едната новозеландска национална анкета за менталното здравје на населението, покажа дека податоците за преваленцијата на менталните нарушувања се разликуваат во зависност од тоа дали се собрани со ретроспективен или со проспективен метод. Во првиот случај, испитаниците практично одговараат на прашањето дали во минатото имале симптоми на некое ментално нарушување, додека во вториот истражувачите ги следат субјектите во одреден временски период во кој редовно ги анкетираат за менталното здравје. Се разбира, проспективната техника покажува поголеми проценти.

Дваесетина дена пред објавувањето на петтото издание на Дијагностичко-статистичкиот прирачник за менталните нарушувања (DSM-5), прашањето за нивната распространетост беше поактуелно од кога било. Додавајќи низа нови и релаксирачки критериуми за дијагностоцирање на веќе постојните психички дисфункции, новата класификација на менталните нарушувања сигурно ќе ја зголеми нивната преваленција. Меѓутоа, дали постојат и други, помалку арбитрарни, причини за несомнениот статистички раст на зачестеноста на менталните нарушувања во развиениот свет?

Суштински, може да стане збор за три (групи) фактори или нивна комбинација:

1. Менталните нарушувања не се зачестени, туку само станавме подобри во нивното препознавање и дијагностицирање;
2. Нашето ментално здравје е реално позагрозено и послабо отколку кај претходните генерации;
3. Психолошките состојби кои некогаш ги сметавме за нормални, евентуално чудни, денес ги етикетираме како ментални нарушувања.

Влијанието на првиот фактор е несомнено. Психолозите и другите експерти за ментално здравје ги совладаа техниките кои им овозможуваат да направат разлика помеѓу палаво или разгалено дете и дете со хиперактивно нарушување на вниманието (ADHD). Исто така, денес се знае дека чувствувањето тага без реална причина, падот на апетитот и лошиот, непостојан сон, кога се јавуваат заедно, не се производ на случајност, туку симптоми на нарушување на расположението кои со еден збор ги нарекуваме депресија. Слично, научивме дека консумирањето алкохол прераснува во алкохолизам, односно зависност проследена со влошување на општото здравје и психосоцијалната благосостојба, и без личноста да се опива секојдневно.

Тешко е да се измери релативното влијание на подоброто препознавање на менталните нарушувања врз растот на нивната застапеност во општата популација, но извесно е дека тоа не може да биде единствената причина за тој раст. Имено, истражувањата правени во развиениот дел од светот упатуваат кон заклучокот дека нашето ментално здравје реално станува послабо во однос на генерацијата на нашите родители, а дека знаците на менталните нарушувања се јавуваат порано отколку некогаш.

Денешниот просечен тинејџер покажува симптоми на анксиозност кои според разновидноста и интензитетот се еднакви на показателите за анксиозноста кај тинејџерите со психолошки проблеми од шеесеттите години на минатиот век. Тестовите за личноста на возрасните покажуваат дека сè поголем број луѓе бележат висок резултат на димензијата на личноста „невротицизам“ (тест за невротичноста), што самото по себе е знак за диспозицијата кон анксиозно реагирање на стресните ситуации и предизвиците.

Иако нема сомнеж дека анксиозноста на тинејџерите ја претставува реакцијата на општествените промени, да речеме, презафатеноста на родителите и поголемите барања и очекувања во поглед на школувањето, а дека невротицизмот на возрасните, барем во мера во која цртите на личноста се стекнати, исто така може да се објасни со влијанието на екстерните, срединските фактори, не го менува фактот дека, изгледа, дел од растот на распространетоста на менталните нарушувања доаѓа оттаму што едноставно „сме“ ментално „оштетени“ во однос на претходните генерации.

Третото објаснување на растот на преваленцијата на менталните нарушувања кај општата популација во западните земји, на кое многумина – од поддржувачите на антипсихијатријата до теоретичарите на завери – му даваат најголема релативна тежина, накратко може да се формулира на следниот начин: Тоа што некогаш се сметало за психолошки здраво, или барем не за болно, денес се смета за ментално нарушување. Со други зборови, облиците на однесувањето, мислењата и чувствата кои некогаш припаѓале во опсегот на нормалното човечко искуство денес се турнати на патолошкиот крај на континуумот нормално-абнормално. Се сугерира дека причината за тоа треба да се бара во проширувањето на дефиницијата за „ментално нарушено“, што како припадници на современата западна култура нè прави поподложни да го препознаеме „ментално болното“ кај себеси и другите.

Последното објаснување, посредно, клучната улога во патологизацијата на психичкото здравје на современиот човек му ја припишува на DSM, т.е на науката за менталното здравје, која преку дефиницијата на менталните нарушувања практично ги дефинира категориите на „нормалното“ и „ненормалното“. На пример, пред сè уште актуелниот DSM-IV, дијагнозата „Аспергеров синдром“ не постоела. До 1994 година, кога започнала неговата примена, луѓето со послаби социјални вештини, а без когнитивни и јазични дефицити карактеристични за класичниот аутизам, или „поминувале“ без дијагноза (околината секако ги сметала за „чудни“), или, што е уште полошо, ја добивале дијагнозата „аутизам“. Кога на 22 мај се појави DSM-5, „Аспергеровиот синдром“ повторно исчезна од листата со нарушувањата, но се смени и дефиницијата на аутизмот воопшто. Новиот прирачник го воведе нарушувањето на аутистичниот спектар, конципиран како континуум во кој постојат нијанси во бројот и силата на изразувањето на симптомите.

Како и кај „Аспергеровиот синдром“, екстремно срамежливите луѓе некогаш биле само тоа – „чудаци“ кои ги избегнуваат непознатите и не горат од желбата за дружење. Во меѓувреме, одреден дел од нив, доколку би се обратиле кај психијатар или психолог, од ординацијата на едниот и другиот можеле да излезат третирани како личности кои страдаат од избегнувачко растројство на личноста.

Дали промените – патологизацијата и нормализацијата – набљудувани преку примерите на „Аспергеровиот синдром“ и избегнувачкото растројство на личноста, се работа на арбитрарните одлуки на психијатарот/психологот, кои се вклучени во дефинирањето и класифицирањето на менталните нарушувања, или има простор тоа да се набљудува и поинаку?

Да го земеме „Аспергер“. Од појавата на DSM-IV до денес, на јавната сцена стапи движењето за подигнување на свеста за аутизмот. Со помош на експерти движењето успеа да го сврти вниманието на јавноста од дефициенциите карактеристични за аутизмот кон зачуваните капацитети, па дури и кон предностите кои понекогаш во соодветни околности ги носи поседувањето благо аутистични црти. Паралелно, настапи ширењето на информатичката индустрија и индустријата за софтвер каде се покажа дека работата во изолација, фокусираноста на детали, разбирањето како нешто функционира како систем (без занимавање со прашањето зошто така функционира), кои се карактеристики на благиот, таканаречен функционален аутизам, претставуваат посакувани особини. Со други зборови, експертите за ментално здравје не одлучиле еднаш арбитрарно дека „Аспергеровиот синдром“ е ментално нарушување, а другпат дека веќе не е тоа. Околностите се промениле во насока личноста со симптоми на „Аспергеров синдром“ веќе да не мора да се чувствува дисфункционално и без сопствено место во светот во кој живее.

Избегнувачкото растројство на личноста не ја подразбира само срамежливоста, туку и анксиозноста во социјалниот контекст, пред сè предизвикана од стравот на личноста дека ќе биде негативно оценета од околината. Секојдневниот живот кој за повеќето луѓе сепак доминантно зависи од интерперсоналните интеракции и згуснатата комуникација не изгледа како најсреќното место на кое би можел да се најде некој што не е подготвен да се носи со тоа дека постојано е изложен на окото и судот на другите. Изгледа дека психолозите и психијатрите имаат улога да го „адаптираат“ пациентот на околностите кои се такви какви што се.

Сè заедно, ова воопшто не значи невиност на професијата. Да речеме, во DSM-5 ќе се најдат рекорден број нарушувања на исхраната и спиењето, од кои некои се класични медицински, а не психички проблеми. Таков е случајот со нарушувањето на апнеата во сонот. Станува збор за нарушување на дишењето за време на спиењето до кое доаѓа заради опуштање на мускулите во грлото и, последично, блокада на протокот на воздух. Оној што спие во тој момент чувствува гушење, одеднаш се буди, по што повторно може да заспие, но го нарушил вообичаениот тек на спиење, што на долги патеки се манифестира со замор, раздразливост и слични симптоми кои според природата можат да бидат психолошки, но нивниот предизвикувач првенствено е медицински (се отстранува со оперативен зафат).

Освен тоа, DSM-5 ги намалува критериумите за дијагностицирање на некои од најчестите ментални нарушувања. Според DSM-IV, општото анксиозно растројство може да ѝ се дијагностицира на личноста која изразува најмалку три од вкупните шест симптоми, во период од шест месеци; DSM-5 ја спушта границата на еден симптом и период од еден месец. Слично, DSM-5 практично ја брише границата помеѓу нормалната тага и депресијата.

Одговорноста на професијата е несомнена, како и влијанието на фармацевтската индустрија врз психијатријата и психологијата како еснафи. Меѓутоа, социјалниот контекст игра не помалку битна улога и тука би можеле многу да научиме од американскиот пример.

Според истите критериуми, ADHD, на пример, е дури 12 пати почесто во Америка отколку на европскиот континент, при што во границите на Америка е десет пати почест денес отколку пред десет години. Во однос на Данска и Финска, американските деца дури 20 пати почесто страдаат од нарушување на вниманието и од хиперактивност. Во споредба со Канаѓаните со кои се граничат, Американците двојно почесто страдаат од депресија и анксиозни нарушувања. Група американски експерти во трудот објавен во списанието Health Affairs, сугерира дека високата превалентност на психијатриските дијагнози во современа Америка може да биде последица на специфичноста на американското општество: стандардизирано тестирање на децата на школска возраст; обид на сиромашните родители некои од социјалните права да ги остварат медикализирајќи го и сопственото психичко здравје и здравјето на децата; можноста на фармацевтските компании „да ја подигнат свеста“ меѓу наставниот персонал и родителите за ADHD и нарушувањата кај децата и адолесцентите.

Извор: http://mindreadingsblog.wordpress.com