Е-Пандора

04.10.2013 09:01
Е-Пандора

е-Пандора - Жена Земјанин

 

Планета Земја 2322. Со години се градеше совршено општество за НАЈнародот каде маргиналната грешка е дозволена само за 0,000001%. За да нема корупција, за да нема неправда, за да нема емотивна болка, НАЈнаучникот смисли инплант со кој луѓето се имуни на неморал, прељуба, неодговорност и ги контролира најдлабоките бразди на мозокот. На сметка на тоа е намалено уживањето во разноразните задоволства со зголемена количина адреналин, хедонизмот, параспурлакот и нефер однесувањето. Чувството на привидна среќа е згасанто, но затоа извесноста нуди сигурност која е побитна од сè: учениците во училиштата се праведно оценувани и тоа без екстерни тестирања како некогаш, правниците прецизни како Швајцарци, без страв и трепет од подмитување кога еден тас од вагата ќе претежне без причина како некогаш, емотивците – ненадразнети, а не во потрага по драма како некогаш. Страствените идеолози се на програмирани антидепресиви, бидејќи поривот им е згаснат уште пред да се појави. Хуманистите се досадуваат, бидејќи системот ја вметна оваа димензија во програмата, па волонтираат да ги чистат невидливите дисплеи. Промискуитетните како инвалдиди се влечат, не сфаќаат што им фали. Тие се кастрирани од полигамијата, бидејќи НЕ БИЛО ФЕР, за партнерот, така изгласа конзервативната страна на Севишниот Процесор. Партнерот се наоѓа според повеќе вкрстени критериуми, системот исфрла, стартувајќи од најподобните како некогаш Гугл; притоа земајќи ја предвид: физичката допадливост, потенцијалите, математичката пресметка од размена на генетски материјали и сл.

Системот немаше некоја посериозна грешка. Така беше програмиран, безгрешен, освен тој еден процент во милион, кој НАЈпрограмерите во свет го оставаат бидејќи доволно се умни да знаат дека не постои ништо совршено.

За да нема некој баг, овој паметен софистициран софтвер деноноќно го чуваа: НАЈНАБЉУДУВАЧИТЕ НА ЖИВОТОТ. Тие ги следеа сите појави без предрасуди. Го следеа поривот, инстинктот, интуцијата, слободната мисла, тоа беа најголемите ризици за системот бидејќи нивниот логаритам секогаш завршуваше непознато, или во најмала рака поинаку. Толку многу внимаваа што изучија се за дразбите на невроните, за емотивните нијанси, за мирисите на слободата. НАЈнабљудувачот еднаш сонуваше за непознатото и се разбуди вљубен во тоа што не го знаеше, љубопитен и за прв пат исплашен. Тој систем не познаваше страв. СТРАВОТ не постоеше во матрицата. НАЈматематичарот мораше да го извади милионитот дел на површина и кога после многу пресметки, како некој вешт фотограф што ќе смени леќа се доби новата ПЕРСПЕКТИВА, почнаа да се движат поинаку работите... некако хаотично, сменето, а исто. Системот стана глупаво куче кое си ја брка опашката, а луѓето станаа:

малку приглупавени, ама насмеани;

некако онеправдани, а орни за борба;

поразени, но со сјај во очите барајќи нешто, нешто... НАДЕЖ!

Ете таа непозната фалеше во равенката. НАДЕЖ! И решија да им ја вратат на полуандроидите, полулуѓето, како некогаш Зевс со Пандорината кутија на луѓето НАДЕЖТА... дека ПОИНАКВОСТА не мора да значи опасност....


Поради законот - Елизабета Краљевски

 

Најсигурен рецепт за здрав живот е да имате дедо, ама мора да има повеќе од осумдесет и пет години. Неговата, е гаранција за ваша уште подлабока старост. Иако изгледаат гнасно со исушени образи, одамна испиени очи, бесконечно многу брчки, сепак никогаш не ја губат смислата за хумор. Старците се всушност она што ја одржува рамнотежата меѓу ѕвездите, во исто време толку беспомошни, полни со спомени, мудри и сенилни.

Мене, вчерашниот ден ми започна најубаво на свет. Се будам јас околу два попладне, мамурен од синоќешната пијанка, уште сонлив се фаќам за ѓезвето и се обидувам да си сварам некое кило кафе, кога ете ти го дедо ми сиот искезен, со бастунот наместо трета нога, влегува церемонијално во кујната. Во обичните денови разговорот би почнал и би завршил со следново.

 Добро утро, дедо.
 Стана ли синко. Јадеше нешто?

Јас по навика би одговорил дека не можам да јадам штом ќе станам бидејќи цревата ми играат R’N’R од алкохолот, ќе си го земам долго чеканото превриено кафе и ќе си се повлечам во собата за да бидам сам со својата главоболка и мачнина. Меѓутоа вчера, на моето ” Добро утро”, толку разлигавено што се измолкнува од ушите веднаш штом ќе влезе, дедо ми само се смееше. Бидејќи имаше печурки во ушите последниот пат кога беше на преглед, помислив дека му се намножиле и дека не ме слушна како културно му посакувам добро утро, повторив дерејќи се на сет глас.

- Добро утро!!!!!!

Иако мислам дека целата вселена ја слушна мојата космополитска желба, дедо ми и после две – три минути, сѐ уште стоеше скаменет пред мене. Добро, сигурно пак му е лут на целиот свет. Веќе со шолја врело кафе тргнав во дефанзива со свртен грб накај старчето , кога неговата трета нога ме чукна по една од рамениците.

- Момче, јас и ти треба да направимо један мушки муабет – официрски, во склад со неговата пензија ми се обрати полковникот Димитријевиќ.

Страшно бев близок со него, уште од детството, едноставно си го имавме муабетот. Затоа и искрено го сосеков

- Матори, ај заеби ме, нели гледаш дека сум жив мртовец. Дај да се потприсоберам малку па ќе тупиме до вечер ако сакаш.

- Не момче, ово је важно – се огласи одлучноста на бившата ЈНА

- Добро што сакаш? – седнав, морав.

Стариот мој се посади на столот карши мене и ме гледаше. Дали од пијанството или од мачнината што ми го разјадуваше џигерот, врз неговото лице почнаа да танцуваат раните утрински вежби на милиони измачени војничиња од кои дедичко мој правел мажи, направил мажи, ги фрлил во животот и сега таму некаде во политиката на ситните државички на бивша Југославија, живеат како паразити. Последното нешто што го помислив за време на оваа неколкусекундна опсервација беше патетично и срамно за еден интелектуалец како мене, но го помислив и тоа е факт. Стари, што ќе правам јас кога ќе умреш. Со кого ќе ги пцујам комшиите што градејќи ограда навлегле пола метар во нашиот атар, со кого ќе слушам плочи од DOOR’S, со кого ќе гледам порниќи и кој ќе ме штити кога родителите ќе ме фатат како ги гледам додека безнадежно се обидуваат да се ебат. Еве си тука пред мене, со двете нозе в гроб, се браниш од дупката само со бастумот, и самиот разјаден од црви. И додека јас така си го жалев уште не умрен, тој мртов ладен ми вика.

- Да не околишем, ќу се женим.
- А?! – иако имбецилна, ова беше единствената моја реакција на ваквиот ладен туш од дедо ми. – Како, како?
- Ќе се женам.

Си ја потпрев вилицата со дланка, да не се откачи. Ми се смееше, не ми се веруваше, не бев сигурен дека сум буден, вртлог од емоции уште рано насабајле.
- Знаеш, сето ова помалку ме плаши, вљубен су многу одамна ама старите закони...

- Чекај, чекај, чекај! Женидба, закони, стари те дрма склероза.

- Синак, ја се женим и то ти је. Татко ти је у болница, му се качи притисок, од него леб нема... Многу долго спијам сам.

Па добро, ако му се дига на човекот нека се жени.

- Кај ми беше муабетот? А да, Милош е мирен ама многу помлад од мене, десет години...

Сакав да си сркнам од кафето кога мојот мозок ја прими информацијата дека полковникот Димитријевиќ изговори машко име. За малку ќе си ги попарев гениталиите. Се склопија коцките, законот, притисокот на татко ми, кавгите со баба ми.
- Старииии, си криел од мене дека си педер?
- Бисексуалец, смотан!
- Кога ќе ме запознаеш со него?

Сите три нозе одеднаш скокнаа.

- Пиј кафу и полази!

Што да ви кажам, не го допив кафето туку се нам’кнав на брзина и со рацете на газ отшетавме до плоштадот. Пензионерите веќе се беа разретчиле, кој умрел, кој заминал на ручек, кој добил инфаркт, важно, место на клупите имаше. На една од нив седеше еден дедичко на изглед многу постар од овој мојов полковник и си ја вртеше шапката в раце.

- Еве го мојот ангел – ми шепна дедо. Му пружи рака и откако дедето ја подаде својата, полковникот залепи врел бакнеж врз неа. Аплауз на плоштадот.

- Ова е Александар, ме претстави дедо ми.
- Јас сум Милош- се претстави деденцето подавајќи ми рака.

Попладнето што следуваше беше волшебно, сите детски фрустрации ги излечив во рок од пет часа. Со моите дедовци го прошетавме градот, бевме во кино, јадевме сладолед а си добив и нови чевли. На крајот отидовме во станот на Милош, испивме кафе и кога сакав да си тргнам, тој ми тутна едно плико во рацете. Го гледав прашално, веројатно личев на тукушто родено теле.

- Еве ти, да му се раздолжиш на татко ти.

Полковникот Димитријевиќ стоеше зад Милош и се смешкаше. И јас се смеев, долго и хистерично се смеев, одејќи по улиците на волшебниот град во кој се родив. Поради законот, само поради законот, дедо ми тогаш не ми даде пари, па морав да украдам од татко ми за да си го сменам полот.

Слики: Roby Dwi Antono

 

ОкоБоли главаВицФото