1003 hPa
81 %
7 °C
Скопје - Сре, 17.04.2024 23:59
Секоја година на 4 октомври се одбележува Меѓународниот ден за заштита на животните, со нагласок на соживотот на луѓето и животните и улогата на животните во природата. Овој ден за прв пат е одбележан 1931 година на една конвенција на еколози во Фиренца, со цел да се предупреди на загрозеноста на животинските видови, а со тек на време прераснува во настан посветен на грижата за сите животни.
Денес тоа е ден кога првенствено се укажува на проблемот на хуманиот однос кон животните, како и на нужноста од нивно зачувување во природата.
Според податоците на различни светски организации, секој ден умираат 50 до 150 видови, а бројни видови се наоѓаат пред изумирање, за што најмногу е виновен човекот.
Најистакнати од оние кои се наоѓаат пред изумирање се морските желки, горилата, пандите, слоновите, китовите и тигрите.
Во светот се познати околу 1,8 милиони животински видови, а се претпоставува дека ги има речиси сто пати повеќе.
Најголема закана за животните претставува целосното уништување на нивната животна средина. Природната околина се претвора во градежно или земјоделско земјиште, а изградбата на сообраќајници доведува до нивна фрагментација. Голема закана претставува и внесувањето на непознати видови од кои некои стануваат инвазивни, прекумерното искористување, интензивното земјоделство, загадувањето на водата, почвата и воздухот, како и недозволеното ловење.
Загрозеноста на животинските видови се проценува според критериумите на Меѓународната унија за зачувување на природата (International Union for Conversation of Nature - IUCN) и им се дава соодветна категорија на загрозеност.
Здруженијата за заштита на животните глобално го одбележуваат овој ден за да се зголеми свеста за проблемите на животните и да се поттикнат луѓето да размислат за тоа како се однесуваат кон животните.
Извор: radiosarajevo.ba