Какво влијание имаше реконструкцијата на Скопје?

04.10.2013 13:16
Какво влијание имаше реконструкцијата на Скопје?

Секој вработен од 22 милиони Југословени учествуваше со 2% од личниот доход во периодот 1963-68 година за да се платат трошоците за реконструкција на Скопје. Освен тоа, истиот процент го дадоа и сите претпријатија и фабрики. Архитектите со кои се сретнав немаа податоци за целосните трошоци за реконструкција, но според една пресметка целосните трошоци до 1975 година биле 14.000 милиони фунти во споредба со проценетата штета од 500 милиони фунти. Или како што вели еден архитект од Скопје: „Единствено оние што загинаа и што беа ранети во земјотресот изгубија. За сите останати тоа беше голем чекор напред, како за градот, така и за целата регионална економија".

Се смета дека обновата на Скопје беше изведена многу ефикасно. Се трошеа помошни средства минимално, а властите имаа многу јасна идеја за приоритетните објекти. Ова беше потпомогнато со присуството на организациите за помош при вакви несреќи. Во секторот за домување властите успеаја да го избегнат трошокот околу „привремени живеалишта", дива градба и неудобни засолништа. Сè на сè, системот на државна сопственост ја потпомогна оваа стратегија на изградба - за разлика, на пример, од Манагва, каде што приватната сопственост всушност ги блокираше (или ги успори до мртва точка) сите напори за брзо обновување на живеалиштата.

Ако фрлите поглед на градот што се протега во долината, не може а да не се запрашате дали брзите архитектонски одлуки за локациите на новите населби биле на место. Тесно збиениот град се претвори во долг линеарен град со должина од 24 км, со што стана неопходно да се обезбеди скап систем на патишта и јавен транспорт и се добија долги патувања до работа. Како што е општо познато, градот е распространет во долината на реката Вардар, што само по себе значи линеарно распространување, но можеше да биде позбиен. Сепак, тоа лесно може да се објасни ако се свртиме малку назад кон минатото. Веројатно после сите земјотреси се јавува феноменот архитектите да застапуваат решенија со мала густина место збиени населби.

За катастрофите е карактеристично оти се јавува секогаш едно многу оптимистичко движење за обнова кога сеуште има прав во воздухот. Само седум дена по земјотресот, сојузната влада апелираше до целата нација градот да се обнови за пет години. (А всушност беа потребни повеќе од 15 години.) Три недели по земјотресот југословенските стручњаци почнаа со правењето планови, а до октомври (14 недели по земјотресот) беа објавени пресметките за изградба на новиот град кои наведуваат сума од 200-300 милиони фунти.

Архитектите ја поделија работата во две фази.

1. Почетен период, до декември 1964 година (18 месеци по катастрофата).
Со усмерени напори да се реставрираат основните служби, да се поправат оштетените згради, да се вратат фабриките во состојба на целосно производство и да се згрижат сите семејства останати без покрив.

2. 1965-71.
Со планирана реконструкција што ќе го следи усвоениот главен план.

Во мај 1964 година Собранието на град Скопје оформи Завод за урбанизам, прв од таков вид во Југославија. Архитекти и архитектонски бироа од многу земји им помогнаа на скопските експерти во создавањето на основните архитектонски планови. Здружението Doxiades Associates помогна при изработката на нацрт планот; Џорџ Нец од САД ги координираше активностите при планирањето; во август 1964 година Адолф Циборовски стана раководител на проектот. Во текот на следните години Циборовски многу добро го искористи искуството што го беше стекнал како раководител при реновирањето на Варшава.

Архитектите имаа многу проблеми за решавање, но тие не се предмет за расправа на оваа студија.

Во 1965 година беше подготвен урбанистичкиот план со почитување на сеизмичките фактори. Се налагаше да се избегне урбанистичкиот развој во појасот 600 метри околу реката Вардар. Беше планирано градот да се развива најсилно во источниот дел, иако ова не беше најпогодна област од микроклиматска гледна точка, а сите јавни објекти требаше да се изградат според строги безбедносни стандарди.

Центарот на Скопје го претрпе најсилниот удар на земјотресот, а според новиот регионален план центарот на градот требаше да биде фокус на овој регион. Затоа беше неопходно центарот да се реновира што е можно побрзо.

Во 1965 година беше објавен меѓународен конкурс за детален план на центарот на градот. Се пријавија осум фирми: четири од Југославија, а од странство Ван ден Брок и Бакема, Пицинато со Студио Сцимеми, Мoрис Ротивал и Кензо Танге.

Жирито под раководство на Ернст Вајсман направи компромис при доделување на наградата со тоа што три петтини од наградата (парична) му ја даде на тимот на Танге, а остатокот на Мишевиќ и Венцлер (југословенски архитекти од Загреб).

Двата победнички плана беа сосема различни по карактер. Предлогот на Танге содржеше еден смел концепт за внатрешно јадро опкружено со „Градски ѕид" од станбени згради. Градската порта требаше да претставува сообраќаен излез, а во исто време да функционира како административен центар. Жирито го изрази своето сомневање за улогата на Градската порта заради големата концентрација на сообраќајот. Тие исто така беа критички расположени и кон предлогот железницата да се спроведе низ тунел под реката. Југословенските архитекти понудија поскромен предлог и според гледиштето на жирито ја имаа таа предност што беа флексибилни со цел да се задоволат менливите потреби.

Требаше да се направи компромис и скопскиот архитектонски тим го назначи Воислав Мачкиќ за главен раководител на тимот што се состоеше од Тангеовото биро и загрепската фирма. Тие имаа седум месеци за изработка нов план за центарот на градот, со фузионирање на најдобрите идеи од победничките планови и други идеи што можеа да се добијат до останатите шест ненаградени решенија.

Во јули 1966 година, три години по катастрофалниот земјотрес, тие ја завршија работата на градскиот план. Висината на зградите во Градскиот ѕид беше намалена до максимум 45 метри, а Градската порта беше модифицирана со наголемување на нејзината височина на инсистирање на Танге.

Девет години по завршувањето на основниот план можат да се видат резултати, а може да се претпостави и финалната реализација.

Како и кај многу други проекти (добро познати во Британија), расчекорот меѓу визијата и конечната градба е забележлив. Концептот за Градскиот ѕид на бирото на Танге претрпе промени во две фази: прво во текот на создавањето на компромисниот план, а потоа при самата реализација. Како резултат на тоа ѕидот постои, но неговата локација мораше да се промени. Земајќи предвид дека Градскиот ѕид е најпогоден можен концепт, очигледно е дека требаше на сите објекти што го сочинуваат ѕидот да им се даде некаков кохезионен архитектонски израз. Ова не се случи, а освен тоа ѕидот беше ,,раскршен" со разновидни високи кули на различни локации блиску до ѕидот.

Веќе спомнав дека целиот концепт на урбанистичкото биро е нов во Југославија, а освен тоа недостастуваат и средства. Како резултат на тоа целиот квалитет на околината е зависен од вештината и чувствителноста, или лакомоста и некомпетентноста на програмерите за развој и архитектите. И на крајот се добија индиферентни објекти, кои понекогаш се спуштаат на ниво на крајни медиокритети.

Танге проектираше само еден објект во Скопје. Тоа е транспортниот центар, дел од оригиналната идеја за градска порта. Овој објект ја содржи и новата железничка станица со колосеци 15 метри над земјата сместени на голема издигната платформа. Под платформата ќе се наоѓа меѓуградска автобуска станица, аеродромски терминал и др.

Без сомнение овој објект ќе биде најистакнат во ново Скопје, но останува едно многу важно прашање за неговите метрополитски размери кога ќе се спореди со скромниот градски центар. Можеби е тоа јапонски folie de grandeur.

Освен оваа огромна структура, посетителот е многу свесен за начинот на кој архитектите и нивните клиенти одговориле на скопскиот економски бум. Екстровертните потези се такви што би можеле да ги задоволат и градските татковци на Атланта, Џорџија, САД за време на периодот на нејзиниот просперитет во шеесеттите години. И како што бумот во Атланта го уништи суптилниот вкус на нивната традиционална архитектура, истото се случи и во Скопје. Во рамките на стариот град во Скопје (кој за среќа не беше оштетен во земјотресот) постои еден моќен показател на карактерот на овој град.

Некои нови објекти се градеа под влијание на оваа традиција; но најголем дел е под влијание на расположението за „прогрес" - „нова архитектура за едно ново револуционерно општество".

Какво влијание имаше реконструкцијата на Скопје во Македонија и Југославија? Инјектирањето на капиталот очигледно доведе до значителен економски развој. Но, на пошироко ниво, земјотресот може да се сфати како катализатор Македонија да се доведе на поцентрална позиција во Југославија. Покрај тоа, учеството на другите републики во реконструкцијата на Скопје веројатно беше од витално значење за да се обединат нееднаквите републики на Југославија.

Од било која гледна точка, реконструкцијата на Скопје е одличен пример за ефикасност и соработка по една катастрофа. Но, со интернационализмот и сите негови добри страни, се јавуваат и неизбежните проблеми на културна „особеност": во мала мера погодноста на куќите што ги изработи Dexion за острата клима на Скопје и во поголема мера, јапон- скиот „токиски" транспортен центар за еден скромен град кому му требаат нежни структури. Но, што е уште побитно, изградбата на Скопје одново го покренува основното прашање за погодноста на „модерната револуционерна архитектура" во споредба со архитектурата што се развива на локалната традиција и со цел да ги задоволи локалните потреби.

Извор: А, списание за култура на просторот, број 2, 1985 г.

ОкоБоли главаВицФото