Александар ја освоил Индија, сега Субрата ја освои Македонија

04.10.2013 13:19
Александар ја освоил Индија, сега Субрата ја освои Македонија

Големиот војсководец Александар Македонски на времето ја освоил Индија и таа му била најголемиот трофеј со кој се прославил во неговата освојувачка мисија, а сега тие што се нарекуваат негови потомци без борба му ја предадоа Македонија на Субрата Рој, што би рекол господинот Самка Ибраимоски, О преваранти. Кога разбрал Индиецот дека во Македонија му се изградил голем споменик на Александар, го фатило инает и тој посакал Индијците и нему да му направат споменик во неговата земја , па удри во поход , за да биде поголем од Александар кој му ги поробил предците.

Каде сте Македончиња, каде сте, каде се пикнавте, во која ли дупка се сокривте, па ве нема никаде да излезете да се побуните, да кажете стоп на ова лудило кое ни Луди Милојко не би го направил?!

До каде стигнавме, Индијците да нè советуваат и да ни бидат стратешки партнери, најголемите инвеститори да ни бидат граѓани на држави каде што народот живее во беда и сиромаштија, каде економската стабилност е многу пониска од нашата, уште полоша мизерија од нашава, каде сè уште се живее кај нас како да сме закочиле во 1903 год. и од тој момент не мрдаме. Сакате да ни го доловите времето на нашите предци - како тие живееле, како се мачеле да изградат една држава и да куртулат од сиромашниот и беден живот. На голема врата ни го донесовте индискиот „инвеститор“ кој во неговата држава го гонат судските органи за криминал и криење на државни пари, кои биле наменети за сиромашното население. Па нормално, ако во другите држави се затвораат криминалците, во оваа наша држава се величаат истите. Така ќе биде кога криминалци стојат на чело. Кога криминалец ќе осуди криминалец?

Субрата даде изјава дека барал држава каде нема корупција и криминал, сигурно погрешил и мислел да каже каде што владее корупцијата и криминалот, сигурно мислел да каже „го барам рајот за криминалот“. Сега ни го претставивте и како миротворец, исто така како што го пречекале големиот Александар во Индија, кога народот без борба му се предал и му ја подарил државата, но секогаш старите велат „историјата се повторува...“, само што сега историјата направи пресврт, па наместо повторно ние во Индија, таа дојде кај нас. Тоа ти е, можеби Александар си фрлил бумеранг и сепак тој бумеранг се врати со големо задоцнување.

Во Македонија индустријата ќе ја замениме со штали, а машините со крави

Во 21 век кога сите држави се фалат со најнови инвестиции каде влегуваат големите индустрии со најмодерна технологија, ние ќе се фалиме со кравите на Субрата кои ќе се населат во и онака испразнетите градови и ќе можат да си уживаат, затоа што ќе нема кој да ги вознемирува освен спомениците и барокните зданија. Властите, кога разбраа дека нивниот народ се иселува и бега од својата сопствена држава, веднаш реагираа и сакаа да упатат порака , дека ако не сакаме ние да живееме овде, можат да живеат кравите на Субрата. Јас пак се чудев како ќе собере толкав број крави, каде ќе има толкаво мест за нив, но ете, ќе го пополнат местото на иселениот народ. Никаква инвестиција нема да биде потребна за какви било избори, затоа што тие ќе си бидат верни на газдата, мирно ќе си пасат и ќе си гласаат за кого треба. И налет тоа, туку да видите како послушно ќе ги слушаат нивните говори, а нашата влада ќе биде задоволна, мошне задоволна.

Е, мојата чудесна земја Македонија

Само едно прашање многу ме збунува: гледајќи ги индиските филмови, или читајќи за нивните верувања и обичаи, научив дека кај индискиот народ кравата е свето животно и го викаат мајка на семејството. Дали и кај нас ќе треба тие што ќе останат да ја променат својата вера и да се поклонуваат пред кравите?

Дали владата во своите кабинети ќе си земе по една крава за да може да ја одржуваат традицијата во поклонувањето и кога ќе дојде некој странски дипломат да може да ѝ оддаде почест како што прилега?

Сепак, лично мислам дека ние невладините и опозицијата сме виновни, затоа што кажавме дека во оваа власт нешто лошо мириса, па премиерот одлучи за да не се чуствува миризбата на неговите дела, да се донесат кравите за тие да бидат виновни за лошата миризба. Сите организации кои се борат за опстанок на земјината топка укажуваат дека зголемениот број на шталски крави има многу лошо влијание на земјината хемисфера, затоа што испуштале премногу гасови и тоа било една од причините за создавањето на огромните озонски дупки кои се голема опасност за опстанокот на Земјата. Што значи дека сега Македонија ќе придонесува во уништувањето на Земјата и ќе бидеме на црните листи на екологистите кои се занимаваат со таа проблематика, но најбитно е дека смрдеата од „нашиве“ нема да се чувствува. Ќе направат како во народната приказна, па и ние ќе се прашуваме дали е лажичник или газичник.

Ние, во овие црни седум години владеење на оваа Фашистичко Фамилијарна Партиско Полициска власт, се изнаслушавме за големи имиња на светски познати брендови, кои пред секоја партиска кампања „инвестираат“ во Р.Македонија, и сега од индустриско „најразвиено“ подрачје ќе се пренамениме во сточарско-земјоделски-индиски-инвестиции. Ќе станеме рај за кравите на Субрата кој во слободно време ќе ни држи часови по сексологија, затоа што во секоја пригода ни оддава дел по дел од неговото сексуално искуство.

Сега би требало да го промениме и Уставот, затоа што кај нас ако имаш повеќе од една жена е бигамија, а тој, нашиот спасител, има шест жени - за да може сите да ги доведе под итно да се изгласаат промените во Уставот на Р.Македонија, за „спасителот“ да нема проблеми со властите.

Не ни требаат Британците, Американците, Германците, Русите и другите велесили. Кога си го имаме Субрата, ние имаме сè. Кој сакате поранешен политичар да го видите, бате Рој ќе ни го донесе. Со тоа ни докажува колку нè сака и почитува како држава. Каква чест им направи на своите домаќини, им го доведе бившиот премиер на Англија, Тони Блер за кого во јавноста е кажано дека за посета на такви настани наплаќа пари; кој ќе му ја плати на Блер цената што ја бара, во таа држава оди и одржува говор. Сите поранешни функционери на тој начин си ги финансираат своите фондации кои се со различни цели, некои ги трошат своите пари за добротворни настани, а некои ги трошат за политички кампањи.

Но, затоа ние ги имаме советите на Субрата бесплатно, само се чека моментот кога владата ќе смисли рекламен спот за сексуалноста со најголемиот инвеститор во историјата на ова владеење, ако тука не ги сметаме Сведмилк, кој добро инвестираше во својот сопствен џеб, а на земјоделците им останаа кредитите и високите камати за да не ги загубат своите куќи и имоти.

Ве молиме од сесрце: повеќе не вложувајте во инвеститори, ви веруваме дека можете да донесете, само немојте, затоа што од секој ваш инвеститор ние после ги плаќаме кредитите и каматите.

 

Влатко Ристески,
граѓански активист,
преседател на ОДРАЗ