Рецензија: Ексклузивно: Жерновски трошел милиони за реклами

05.10.2013 08:34
Рецензија: Ексклузивно: Жерновски трошел милиони за реклами

Во овој текст се објавени документи, кои, според порталот, треба да бидат доказ дека Општината Центар потрошила “милионски суми” за рекламирање, иако од објавените документи се гледа дека се потрошени 950.000 денари. Оваа сума не е мала, но според она што може да се види од документите, порталот си се демантира самиот себеси, бидејќи од нив се гледа дека едноставно не станува збор за “милионски суми”. Истовремено, се напаѓа Општината Центар дека ги корумпира медиумите но никаде во текстот не се наведува дека рекламирањето во медиумите е проблем со кој Македонија одамна се соочува и дека поради тоа е критикувана во извештаите на меѓународните организации.

Без докази се обвинуваат и фирмите кои склучиле договор со Општината Центар како блиски до СДСМ, а изборот на медиумите кои добиваат реклами од Општината, исто така, без докази се обвинети дека се блиски до опозицијата.

Линк до оригиналниот напис: Ексклузивно: Жерновски трошел милиони за реклами

Датум и време на објавување: 30. 09. 2013, 14:03

Датум на рецензирање: 02.10.2013

Рецензент: Светлана Јовановска

Вистинитост: Според фактите кои се наведени, а и според објавените документи, се гледа дека е вистина оти Општината Центар склучила договор со фирми кои изработуваат реклами за повеќе интернет портали за вкупна сума со 1.190.000 денари. Текстот изразува сомнеж дека оваа сума не е единствената и дека е можно да има и други договори кои се непознати, но тоа со ништо не го докажува и се задоволува со шпекулација.

“Не се исклучува можноста Општината да има склучено и повеќе други договори, за кои јавноста не знае, за маркетинг услуги преку кои долнително се влечат пари од општинската каса. Со ова воедно останува и фактот дека се има развиено мрежа на финансирање на медиуми и новинари кои одработуваат за потребите на општината, но и СДСМ како главна опозициска партија.”

Во текстот се вистинити наводите за тоа дека Општината Центар не дала одговор за тоа кои критериуми довеле до изборот на порталите што ги добиваат рекламите. Но, овде повторно се среќаваме со селективноста на текстот. Тој не се прашува колку пари троши Владата за рекламирање во медиуми и како таа ги бира медиумите каде што дава реклами.

Порталот не го добил навреме соопштението на Здружението на новинарите на Македонија во кое оваа организација кажува дека се залага за тоа да се донесе закон со кој ќе се најде решение за медиумските кампањи од јавните институции кои ја поттикнуваат корупцијата во медиумите. Ова соопштение беше објавено по објавувањето на текстот, иако, според текстот, била барана реакција од претседателот на ЗНМ.

Во текстот, исто така, се најавува и реакција на Делегацијата на ЕУ во Скопје. Во линкот овде, два дена подоцна, се дава реакцијата на ЕУ која вели дека граѓаните имаат право на транспарентност без оглед дали станува збор за локална или централна власт.

Извори на информации: Текстот се повикува на документи во кои може да се прочита договорот што е направен помеѓу Општината Центар и фирми кои ја реализираат кампањата. Но, никаде не се наведени извори кои би демантирале или потврдиле дека наводите во текстот се точни. Цитирана е реакцијата на Општина Центар која ги демантира информациите од написов за “скандалот со милионските суми”. Реакцијата вели дека Општината постапувала според законот. Но, потоа, пак, порталот тврди дека реалноста покажува сосема друга состојба, која, според него, се гледа од документите објавени со текстот.

Други извори во написот не се наведуваат, иако во него се цитирани имиња на луѓето вработени во фирмите кои склучиле договор за рекламирање со Општината и имиња на новинари за кои се тврди дека се блиски до опозицијата. Текстот не наведува зошто за овие новинари се вика дека се „блиски до опозицијата”. Станува збор за чиста шпекулација и обид да се намали влијанието на новинарите и медиумите во кои работат. Оваа шпекулација не е нова и таа упорно се повторува зашто овие новинари ја критикуваат власта.

Содржајност: Текстот не е сеопфатен и настаните ги презентира на пристрасен начин. Наводниот скандал за парите кои Општината Центар ги троши за реклами во медиумите не ги опфаќа сите аспекти на стандардното медиумско известување. Порталот се задоволува со своите заклучоци дека станува збор за „скандал“ во кој се потрошени „милионски суми,“ но не ја презентира реалната ситуација во Македонија каде што постојаното, упорно и репетитивно рекламирање во медиумите од страна на Владата многукратно ги надминува сумите кои ги троши Општина Центар.

Никаде во текстот не е наведено и дека Општината Центар ја повикува државната инспекција да се увери дека трошењето е законско додека парите кои Владата ги дава за истата цел се речиси државна тајна. Текстот е полн со претпоставки за кои нема доказ ниту изјава.

Пристрасност: Овој текст е целосно пристрасен. Порталот се обидува зад договорите кои ги објавува да се прикаже како објективен. Но неговите наводи се извртување на вистината и небалансирано известување без изјави на страната која е обвинета дека корумпира медиуми.

Коментирање: Во текстот има многу елементи на коментирање. Авторот на текстот со коментари наместо со изјави ги оправдува своите наводи, како во овој пасус:

“Ова е само еден од договорите кој го обелоденува Курир, а има милионска вредност. Не се исклучува можноста Општината да има склучено и повеќе други договори, за кои јавноста не знае, за маркетинг услуги преку кои долнително се влечат пари од општинската каса. Со ова воедно останува и фактот дека се има развиено мрежа на финансирање на медиуми и новинари кои одработуваат за потребите на општината, но и СДСМ како главна опозициска партија.”

Квалитет на насловот: Насловот е патоказ за тоа каде сака овој текст да го одведе читателот, а тоа е дека Општината Центар е машина за корупција и трошење државни пари.

Фотографија: Текстот го илустрираат копии на документите кои треба да докажат дека граддоначалникот Жерновски и Општината Центар ги злоупотребуваат народните пари.

Говор на омраза: Говорот на омраза не е присутен, но самиот текст наведува на тоа дека градоначалникот Жерновски, фирмите со кои склучил договорите и новинарите чии имиња се наведени се лица во кои не смее да се има доверба. Ова преставување на лицата буди негативни чувства и е исто така еден вид ублажен говор на омраза.

Заклучок: Како заклучок може да се каже дека текстот се обидува да ја оцрни страната на опозицијата. Овој текст, чиј што автор не е потпишан, не се обидел да ја претстави севкупната вистина. Тој само фрлил негативно светло врз луѓето кои ја водат Општината Центар, фирмите со кои се склучени договори за огласување и медиумите кои не успеваат да добијат реклами од владата. Многу повеќе ќе му се служеше на јавниот интерес ако текстот содржеше елементи и изјави од сите актери во процесот на политичкото рекламирање со цел да се покаже дека се потребни законски реформи во оваа област. Наместо тоа, главната определба на овој напис е манипулација и дезинформирање на јавноста.

Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).