Зборот што почнува на Т

17.11.2009 12:39
10HangingMan.jpg

Иако начелно ми се допаѓа црниот хумор во организирање на марш за толеранција во пет за дванаесет, сепак мислам дека посоодветно ќе беше да се закаже за дванаесет и петнаесет. Или дури цел ден подоцна. Бродот на толеранцијата потона пред многу лета, а атмосферата во меѓувреме е доволно загадена за секое спомнување на зборот што почнува на Т да предизвикува канонада на потсмев и непристојни гестикулации.

Толеранција во општество што ја користи секоја прилика да се подели на Наши и Ваши, на Ние и Оние, на *.овци и *.исти е речиси невозможна. Доказ за тоа е и сфаќањето на некои луѓе на овој марш како геј парада. Кај нас изостанува толеранцијата на Другиот дури и по партиска линија, а не па ли на верска, национална или каква и да е друга основа.

Една тазе кампања нè дели на вистински и невистински мажи и вели дека вистинските мажи не удираат жени. Според последните податоци од МВР, во Македонија годинава речиси секој ден е забележан барем по еден случај на невистински мажи. Ама бројката е намалена за 2,9 проценти од лани, така што добро е – се множат вистинските.

Но, од каде потребата за таква поделба? До толку ли сме импотентни за да се тешиме дека сме вистински мажи само ако не удираме жени? Ако тргнеме од тоа дека партиската книшка и ден денес игра клучна улога во одредувањето на нечија судбина наместо квалитетите што ги поседува човекот, тогаш да. Ни треба некој да ни каже дека и покрај тоа што не сме вистински мажи затоа што нашиот опстанок не зависи од нашите способности, сепак има нешто со кое што може да се гордееме.

Само што „вистинитоста“ не завршува кај неудирањето на жени. Вистинските мажи не плаќаат за секс, не се хомосексуалци, гледаат порно, пијат ракија, се гасат со пиво. Спомнувањето на вистински/невистински мажи – или уште полошо: правењето таква мачо/немачо поделба – влијае врз толеранцијата. Тоа е како да барате Комити и Чкембари да се гушкаат после секоја утакмица Вардар-Пелистер. „Вистински“ маж не само што не е хомосексуалец туку и му се гади од нив затоа што тие не се поклопуваат со сликата на „вистински“ маж. Хомосексуалците се „невистински“ мажи. Затоа и се омаловажувани и понижувани и тепани. „Вистинскиот“ маж знае и може да се тепа. Или барем мУшки да издржи ќотек.

Проститутките не се вредни за спомнување зашто „вистинскиот“ маж никогаш не плаќа за секс. А секогаш кога ќе плати се потсетува дека тоа го прават само „невистински“ мажи, му паѓа срам и, можеби, ќе и’ ја врзе една. Тоа што таа, ни крива ни должна, ќе си „го добие“ заради неговото чувство на неадекватност е небитно. И покрај тоа што го довела до оргазам.

Тажното (или отрезнувачкото) е што ова се real life муабети со познаници. Иако верувам дека повеќето од нив не можат мУшки да издржат ќотек, ниту пак би им било сеедно ако некој после секс им врзе шамар (посебно вон сексуалниот контекст). Кога ќе се спомне толеранција, најчесто добивам одговор од типот „Ма неее, ја сум страшно толерантен. Ама гадни ми се.“ Ајде научи некој таков на толеранција. Лично, не верувам дека закон против дискриминација може да помогне. Убиството, кражбата, дилањето дрога... сè тоа е казниво според закон, а сепак се случува секојдневно. Во САД и ден денес, по четири и кусур децении од борбата за рамноправност на црнците, постои дискриминација. Да, се тера правдата по судови, ама жртвите на таа дискриминација остануваат жртви на дискриминација. Ниту еден орган на власта нема да може да го избрише чувството на општествена „неподобност“ – колку и да било краткотрајно.

Една студија од средината на минатиот век поставила две групи момчиња една наспроти друга. Иако на почетокот сè било во духот на спортски натпревар, за кратко време ситуацијата ескалирала до намерно поставување на (фигуративни) сопки и вербално препукување – иако „воспитувачите“ не дозволиле да дојде до физички пресметки. Разликите биле надминати дури откако се поставиле заеднички цели. Во кампот „снемало“ вода за пиење и „воспитувачите“ обвиниле некоја трета, непостоечка страна. Кога стигнале до изворот и го одблокирале, едната група момчиња дозволила другата група прва да се напие – не во духот на „вистински“ мажи што инсистираат „послабите“ први да се напијат, туку на другарска база. За кратко време не само што имало толеранција (и немало дискриминација) туку децата станале другари зашто имале заедничка цел.

Иако уште на самиот почеток биле поделени на Наши и Ваши, децата ги надминале разликите. Деца од 12 до 14 години. Можеби ни треба нова кампања: „Вистинските деца можат да ги надминат разликите“.

Слики: Richard Colman

Заборави да напомнеш за

Заборави да напомнеш за карактерите одвоени во кампањата за "Вистински маж" , односно под кој основ се одвоени врвни спортисти како вистински "мачо-балканци" ?
Според мене "Вистински маж" е и оној кој прехранува семејство со едномесечни примања на четворочлена заедница , а не е со ликот на чоколади и знамиња.
Уздолж-Попреку е голема.

ОкоБоли главаВицФото