За власта која ги мрази своите граѓани

05.10.2013 12:54
За власта која ги мрази своите граѓани

Почнува многу да ме развеселува читањето на закони кои ги предлага и донесува актуелната власт. Во моментот кога ќе помислиш дека го достигнале сопствениот врв, тие ќе излезат со нови и сосема неочекувани идеи.

Го знаете она чувство кога нешто ве скокотка во стомакот и сè нешто ви иде да се изнасмеете? Е такво ми беше мене чувството додека го читав последниот предлог закон за прекршоците.

Знам дека работата е трагична и безнадежна, ама после читање на ваков текст никако не можам да ја прифатам и како сериозна.

Прво, идејата да менуваш Закон за прекршоци донесен во 2006 година е сама по себе многу забавна. Што е тоа што се сменило во оваа област во изминативе 6 години? Се сменил политичкиот систем? Процедурите? Стандардите кои треба да ги следиме? Па ако во 2006 година сме биле спремни за влез во ЕУ со донесувањето на тој закон за прекршоци, тогаш зошто нов? Сме лажеле тогаш дека ги исполнуваме стандардите или нешто друго е во прашање?

Како и да е, еве го пред нас предлогот на закон за прекршоци кој би требало да нè внесе во Европа. Тоа е оној правиот. На жими мајка.

Што ни порачува власта со овој закон?

Граѓаните има да се тресат пред органите на власта. Тие ќе бидат сурово казнети за секое прекршување на законите, без опомена, без предупредување, без обид да се помогне и поттикне на почитување на законите.

Според членот 13 за прекршоци на прекршочно одговорни полнолетни сторители може да им се изречат следниве санкции:

1) глоба;

2) опомена;

3) престанок на важење на возачка дозвола;

4) забрана на управување со моторно возило;

5) забрана на вршење професија, дејност или должност;

6) протерување на странец од земјата;

7) задолжително лекување на алкохоличари и наркомани (лица со

болести на зависност) и

8) задолжително психијатриско лекување на слобода.

Прво глоба, па опомена. Опомена само ако така реши органот или судијата. По исклучок.

Глоба како главна казна дури и кога станува збор за болести на зависност (алкохоличари и наркомани како што ги нарекува нашиот примитивен уличар од власта). Дури и кога им треба лекување (според член 14: задолжителното лекување на алкохоличари и наркомани (лица со болести на зависност) се изрекува заедно со глоба или како самостојна санкција во случаите определени со закон.

Има прво да платат, па после на лекување. И утре добро нека размислат дали ќе се разболуваат. Мислам дека ова е добро решение и за сите дијабетичари, а и за лицата заразени од ХИВ. Може да се прошири и на други хронични заболувања кои подразбираат потреба од долготрајна или целоживотна терапија со лекови.

2. За правните лица е предвидена апсолутна одговорност. Раководителот е потполно одговорен за тоа што го прават неговите вработени, што пропуштаат да го направат или за она што требало да го надгледува, а не го направил доволно добро. Има да си плати според член 7 (одговорност на правно лице):

(2) Правното лице е одговорно за прекршок ако до извршување на прекршокот дошло со дејствие, пропуштање на дејствие или со пропуштање на должен надзор од страна на надлежниот орган или на одговорното лице во правното лице или со дејствие или пропуштање на друго лице кое било овластено да постапува од името на правното лице, во рамките на својот надзор, или кога тоа ги пречекорило своите овластувања заради остварување корист за правното лице.

(3) Прекршочната одговорност на правното лице не ја исклучува одговорноста на сторителот на прекршокот.

Според членот 9:

(2) Одговорното лице во правно лице или трговец поединец, во случаите предвидени со закон, одговара за прекршок сторен од вработен во тоа правно лице или кај трговец поединец, ако до извршување на прекршокот дошло со пропуштање на должниот надзор врз работењето.

(3) Одговорноста на одговорното лице во правното лице или трговецот поединец не ја исклучува одговорноста на сторителот.

Ова не важи за претставниците на власта. Имено, според ставот 4 од истиот член:

(4) За делата определени со закон прекршочно се одговорни сите правни лица, со исклучок на Република Македонија, државните органи и органите во единиците на локалната самоуправа.

Ова значи дека министерката за внатрешни работи не е одговорна за прекршувањата на законот кој го прават нејзините вработени, ниту пак министерот за правда, ни министерот за здравство, ни…

Според членот 10:

Службеното лице во државен орган и во орган на единица на локалната самоуправа е одговорно ако прекршокот го извршило во рамките на своите службени овластувања или ако при вршење на службените овластувања ги пречекорило службените овластувања.

Вработениот во државниот орган си е одговорен самиот за себе, меѓутоа не е одговорен неговиот надреден, ниту раководител, ниту оној чии задачи ги извршува. Тоа значи квака 22 за сите службеници. Како изгледа тоа: а) раководителот ќе му даде усна наредба на службеникот, која значи прекршување на законот б) Службеникот има можност да бира:

-Да не ја изврши наредбата и како последица на тоа да биде отпуштен, распореден на пониско или полошо работно место, шиканиран и малтретиран

-Да ја изврши наредбата и самиот да ги сноси евентуалните последици од прекршочното гонење.

Во превод ова значи: партизирана, уплашена, неефикасна и корумпирана администрација која слепо се повинува на желбите на владејачката политичка структура.

Дипломатите во Македонија се заштитени од кој било облик на одговорност. Тие можат да викаат, да пуштаат гласна музика, да се паркираат каде што сакаат, да се однесуваат непристојно и дрско, да фрлаат и кршат шишиња, да се оддаваат на пијанство, да ги вознемируваат соседите, да организираат борби меѓу животни, да малтретираат, омаловажуваат и понижуваат, физички да напаѓаат граѓани, да ги омаловажуваат државните органи, да не постапуваат по наредба на државни органи, да уништуваат и сквернават споменици, да ги изложуваат на подбив државните симболи на Република Македонија, да ставаат на располагање простории за проституција, да им даваат на малолетните лица порнографски содржини, да играат комар, да оштетуваат јавни згради, плажи и паркови, да пукаат од огнено оружје,…

Според членот 57:

Прекршочна постапка нема да се води против лице кое ужива дипломатски имунитет, како и против други лица кои уживаат имунитет согласно меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот на Република Македонија и под услови на реципроцитет.

Кутрите кецарошчиња од власта ништо не разбрале. Ни за што се користи дипломатскиот имунитет, ни каде може да биде применет, ни што значи заштита на сопствените граѓани.

Ај кажете ми, како да не се смее човек?

Извор: kvadraturanakrugot.crnaovca.mk
Слики: Свирачиња