Дарко Марковиќ - карикатури

05.10.2013 14:38
Дарко Марковиќ - карикатури

Дарко Марковиќ, карикатурист и сатиричар, филмски режисер и аниматор, стрип цртач, илустратор и дизајнер е роден во Скопје во 1940 година. Дипломирал архитектура во 1966, а во 1972 специјализирал анимиран филм во Загреб под менторство на оскаровецот Душан Вукотиќ. Професионалната кариера како карикатурист ја започнал во 1960 година работејќи за повеќе весници и списанија во Македонија и поранешна Југославија. Од 1966 до 1975 работел како главен уредник во сатиричното списание ОСТЕН и како директор на Светската галерија на карикатури во Скопје.

Во 1975 година се вработува во Вардар Филм – Скопје, отворајќи студио за анимиран филм. Од 1978 работи како слободен уметник, а во 1983 е назначен запрофесор на Факултетот за уметност во Скопје по предметот анимиран филм. Во истиот период работи како главен уредник на културно-уметничката програма во Телевизија Скопје. Од 1988 до 1995 живее и работи во Лондон. Во 1995 севраќа во Македонија.

За своите карикатури и анимирани филмови имадобиено повеќе од триесет награди и признанија. Меѓу позначајните награди за карикатура што ги добил се: прва награда на фестивалот за хумор во Будва во 1968, Награда на редакцијата Јеж (Шабац) во 1970, Награда Мартини во Борфигера (Италија) во 1973, Втора награда на Светската галерија на карикатури во Скопје во 1979 и други.

Меѓу позначајните награди за анимација што ги добил се: Награда за нов ТВ израз во Порторож, Словенија, во 1974 година за филмот Шоу машина, Диплома на официјалното жири на фестивалот во Оберхаузен, Германија, во 1976 за филмот Стоп, Сребрена роза во Монтре, Швајцарија, во 1977 за филмот Каша, Сребрен змеј на фестивалот во Краков, Полска, во 1979 за филот Циркус, Бронзена роза во Монтре, Швајцарија во 1982 за филмот Фестивал и други.

Негови познати анимации се „Граница“ (1976), „Стоп“(1976), „Три минути на светот на Мирослав Бартак“ (1976),„Бело топче“ (1977), „Циркус“ (1979), „Рака“ (1980),„Фасада“ (1996) и други.

Автор е и на популарниот стрип во дневните весници Нова Македонија, Дневник, Време и Ден, Пецко, како и на истоимената серија анимирани филмови на А1 телевизија.

Живее и работи во Скопје.

Во продолжение, пренесуваме осврт на Соња Абаџиева Димитрова посветен на творештвото на Дарко Марковиќ.

* * *
 

ДАР МАР е творец со елитен дух и оригиналност - квалификативи што a priori го чинат супериорен во оваа, но и во пошироката средина. Кога сме соочени со таков квалитетен квантитет и таков квантитетен квалитет на творечката инвенција, каков што е во неговиот случај, веднаш ни се наметнува констатацијата за непредвидливите и неизмерливите димензии на човековите можности и способности.

ДАР МАР, како и сите карикатуристи, односно новинари, кои реагираат на најсериозните прашања на денешнината со смешни цртани идеи, „не се родил за да живее убаво“. Жртвувајќи ја својата примарна вокација – архитектурата - во полза на карикатурата, а со тоа свесно и предизвикувајќи го ризикот, компликациите, проблемте - понеубавата страна на животот - тој се определува за играта како најадекватен начин за лансирање на осилата на духот во ранливиот организам на денешниот човек.

Зошто токму преку играта се обидуваме да проникнеме во чудниот ликовен свет на овој уметник? Од Аристотел преку Кант до Кајоа, цела плејада на антрополози, социолози, естетичари... ја проучува историјата на човештвото, на културата, преку овој вид на човекова активност. ДАР МАР во вистинска смисла на зборот го оправдува овој толку познат homo ludens на кој посочува и данскиот теоретичар Хојзинга, тој човек на сите времиња кој сака да игра. Идентификувајќи ја последнава со слободата на духот, фантазијата, начинот на однесување..., уметникот бескомпромисно ја злоупотребува кога се во прашање контактот со лентата, фолијата со бојата, музиката со звукот, знакот со предметот, но и кога станува збор за истражувањето, откривањето и извлекувањето на конкретни теми од кошот на секојдневието: ја користи како моторна сила во создавањето.

Остриците на неговата цртана критика се забиваат цврсто во месото на лицемерието, егоизмот, дехуманизацијата, мегаломанијата, одново преку играта како отскочна даска, игра што значи вербално, ликовно или филмско креативно празнење. Манипулирајќи со сопствените искри на духот, без стеги и конвулсии, ДАР МАР ја поставува дијагнозата на една цивилизација, тргнувајќи од игрите што се играат во неа. Ако сите чинови на неговата творечка операција не ги сместиме во контекстот на посочената човекова активност, не ќе најдеме адекватно објаснување за онаа доза на искреност и спонтаност на инвенцијата, не ќе најдеме одговор за детската чистота на пораката и релаксацијата на духот, кои се без сомнение иманентни на неговиот опус.

Скромен придонес кон сфаќањето на културата како живот-игра или на животот како култура-игра му припаѓа и на ДАР МАР. И не само тоа: ако се согласиме со Шилеровата мисла дека „човекот си игра само кога е човек во полна смисла на зборот, а целосно е човек само кога си игра“, логично ќе заклучиме дека ова творештво нè збогатува со најзначајната димензија - хуманата.

Извор: Архива на Музејот на современа уметност во Скопје

* * *

До сега на Окно во рубриката Карикатура.мк беа претставени карикатурите на Василије Поповиќ - Цицо,Боро ПејчиновДелчо Михајлов и Лазо Плавевски.

ОкоБоли главаВицФото