Анархистички манифест

07.10.2013 08:49
Анархистички манифест

Што е анархија и кои се анархистите?

Анархистите се граѓани кои во векот во кој слободата на мислењето се проповеда на сите страни, веруваат дека имаат право и обврска да повикуваат на неограничена слобода.

Во светот нè има неколку илјади, можеби неколку милиони, бидејќи немаме други доблести освен гласно да го кажуваме она што мнозинството го мисли. Ние сме неколку милиони работници кои бараат апсолутна слобода, ништо освен слобода, секаква слобода.

Сакаме слобода; бараме секое човечко суштество да има право и можност да прави што му е по волја. Човекот има право во потполност да ги задоволи сите свои потреби, и единствени ограничувања да му бидат неговите природни неможности и потребите на неговите соседи, кои мораат да се почитуваат подеднакво како и неговите.

Сакаме слобода и веруваме дека таа е невозможна додека постои каква било власт, без оглед на нејзиното потекло и облик, без разлика дали е избрана или наметната, монархистичка или републиканска, побудена од божественото право, народното право, светото помазание или општото избирачко право.

Историјата нè учи дека една влада е иста како и друга, и дека сите влади се исти. Оние најдобрите се најлоши. Кај некои има повеќе цинизам, кај други повеќе лицемерие, но во основа тие секогаш презентираат исти постапки, секогаш иста нетолеранција. Нема влада, вклучувајќи ги дури и оние кои се чинат најлиберални, која во прашината на својот правен арсенал не чува некој добар мал закон за Интернационалата, кој може да го користи против незгодната опозиција. Според мислењето на анархистите, нема повеќе зло во еден облик на влада отколу во некој друг. Злото лежи во самата идеја за влада. Принципот на авторитет е зло.

Нашата замисла по прашањето на човечките односи е слободниот договор, кој постојано ќе биде отворен за доработка или укинување, да го замени административното и правното туторство и наметнатата дисциплина.

Анархистите предлагаат дека луѓето треба да учат да живеат без влада, со оглед на тоа дека веќе учат да живеат без бог.

Анархистите исто така ќе го учат народот да живее без приватна сопственост. Навистина, најлош тиранин не е оној кој ќе ве забрани, туку оној што ве изгладнува. Најлош тиранин не е оној кој ве влече за јаката, туку оној што ве влече за стомакот.

Нема слобода без еднаквост! Нема слобода во општество во кое капиталот е во рацете на сè помали групи монополисти, во општество во кое ништо не се дели на еднакви делови, дури ни јавното образование, кое сите го плаќаме.

Веруваме дека капиталот е заедничко наследство на човештвото, бидејќи претставува плод на соработка на минатите и денешните поколенија, и дека на сите треба да им се стави на располагање, така што никој нема да биде исклучен и никој нема да трупа еден дел од него, одземајќи од другите луѓе.

Со други зборови, она што го сакаме е еднаквоста. Сакаме вистинска еднаквост како природна последица на слободата, всушност, како нејзин основен предуслов.

Секому според правото; секому според потребата.

Тоа е она што ние го сакаме; на тоа ја посветуваме својата сила. Тоа е она што ќе биде, бидејќи нема такво ограничување кое ќе ги надвладее тврдењата кои се легитимни и неопходни. Затоа владата сака да ни го уништи угледот.

Како вистински злосторници, бараме леб за сите, знаење за сите, работа за сите, независност и правда за сите.

Анархистичкиот манифест е објавен во јануари 1883 година, за време на Лионското судење на група од шеесет и осум анархисти, поради наводни врски со Интернационалата и субверзивно дејствување против државата. Кропоткин, Готје, Борда, Бернар и други, во своја одбрана го приложиле овој документ во кој накратко ги објаснуваат своите ставови.

Извор: kkusiusk.com

ОкоБоли главаВицФото