Послание

08.10.2013 07:59
Послание

ПРОМОЦИJА во МАНУ на книгата „ПОСЛАНИЕ. Поезија на Блаже Конески“, 26.09.2013
Олга Панкина

 

Почитуван господине претседател на МАНУ Владо Камбоски, почитувани академици, почитувани дами и господа!

Пред сè би сакала да и ја изразам мојата голема благодарност на Македонската Академија на науките и уметностите за можноста денес да ви ја претставам книгата „Послание“ - поезија од Блаже Конески во препев на руски, објавена летоска во Москва, од издавачката куќа „У Никитских ворот“, со тираж од 1000 примероци. Книгата содржи и библиографија на песните на Конески објавени на руски, а составена е од мене.

Поетското творештво на Блаже Конески дојде кај рускиот читател при крајот на 50-те години на минатиот век во состав на антологиите на поезијата на народите на Jугославија. Оттогаш тоа неизмерно предизвикува интерес кај преведувачите, читателите и истражувачите. Во 1987 година издавачката куќа „Художественная литература“ ја објави лириката од Блаже Конески како посебна книга. Блаже Конески е застапен во сите антологиски избори на македонската поезија излезени во Русија: „Корени и sвезди“ (Радуга, 1988), „Во пресрет на сонцето“ (Клуч, 1997), „Од век во век. Поезија на Македонија“ (Радуга, 2002). Песни на Блаже Конески препејуваа познатите руски поети-преведувачи: Давид Самојлов, Михаил Зенкевич, Натан Злотников, Jуриј Левитански, Jуна Мориц и други. Утврдив дека вкупно на руски се препеани около 150 песни од Конески. Од што можеме да заклучиме дека Блаже Конески е најпреведуваниот македонски поет во Русија. Тие преводи го опфаќаат неговото творештво до 1987 година, односно до неговата поетска книга „Послание“ (која вкупно содржи 260 лирски единици, кои на руски се објавуваат првпат).


Вложувајќи големи напори во популаризацијата на македонската култура во Русија, посебно на македонската литература и јазик, и јас во неколку наврати имам пишувано за Блаже Конески по руски весници и списанија.

Особено го сакам и ценам Блаже Конески како поет. Имам препеано многу песни од Блаже Конески, меѓу нив и најпознатите, исклучителни и зрели, како „Везилка“, „Ангелот на Света Софија“, „Стерна“, „Елен самак“, „Ars poetica“ и други кои се влезени во сите антологии на македонската поезија во светот, како и во последниве две објавени во Москва во 2010 и 2011 година во мој превод на руски.

Преклани почитуваниот академик Милан Ѓурчинов ми ги подари првите две книги насловени „Поезија“ од целокупните дела на Блаже Конески, тоа ме поттикна повторно да ги препрочитам песните на Блаже. Уште еднаш се убедив дека неговата поезија ги допира егзистенцијалните прашања. Jа почувствував многу блиска и возвишена. Посебно ме импресионираа песните на Конески од последната деценија од неговиот живот, кои истовремено претставуваат континуитет на неговото претходно творештво, но значат и откривање на една друга, специфична лирска сфера, во која интимното, облагородено со исклучителниот сензибилитет на Блаже Конески како поет, се искрева до ранг на општочовечка вредност. Се нафатив за препев. И еве, работата е завршена. Книгата е излезена од печат.

Преводот го направив според изданието Целокупни дела на Блаже Конески. Критичко издание во редакција на Милан Ѓурчинов. том 2, Ск., 2011). Прво имав намера да правам избор, но потоа решив да го претставам творештвото на Конески во поголем обем. И сега руските читатели преку превод имаат можност да се запознаат со последните 6 поетски книги на Блаже Конески: „Послание“ (1987), „Црква“ (1988), „Златоврв“ (1989), „Сеизмограф“ (1989), „Небеска река“ (1991), „Црн овен“ (1993) и да добијат целосна претстава за спецификите и за рангот на Блаже Конески како лирски творец. Уште еднаш сакам да нагласам дека сите песни на руски се објавуваат првпат.

Би сакала од сè срце да му заблагодарам на академик Милан Ѓурчинов за предговорот под наслов „ПОРАКИ И НЕСПОКОЈСТВА НА ГОРДИОТ ОСАМЕНИК“, напишан за книгата „Послание“ и адресиран токму на руската читателска публика, како и за поддршката на низа мои други иницијативи со цел промоција на македонските книжевни вредности на руското јазично подрачје.

Оваа книга е израз на мојата голема почит кон Блаже Конески. Имав среќа да го запознам поблизу во 1979-та, кога пристигнав на шестмесечно стажирање во Скопје за да ја спремам дипломската работа под негово менторство. Ги проучував значењата на презентот и имперфектот во современиот македонски јазик. Иако чувствував голем пиетет спрема Блаже, бидејќи веќе имав сознанија за неговата големина како научник, познавач на историјата на литературата, писател, преведувач и врвен интелектуалец, не чувствував трема во негово присуство. Тој секогаш беше внимателен и тактичен спрема мене. Ми остана во сеќавањето како многу скромен, мирен и срдечен човек со голема внатрешна моќ. Многу ми помагаше да навлезам во суштините на македонскиот јазик. Но разговаравме и за многу други работи. Тој го разбуди и поттикна моето внимание кон оваа прекрасна земја. Не се сомневам дека се афирмирав како македонист токму благодарение на Блаже Конески.

Поминаа години. И сè повеќе и повеќе се восхитувам на неговата дарба да ги предвидува работите. Блаже Конески е фигура од џиновска димензија, а делото на Блаже Конески е значајно и вредно остварување во рамките на светското културно наследство и треба нашироко по светот да се наведува како силен аргумент за значењето и суштината на македонскиот јазик, за македонскиот национален идентитет.

Ви благодарам за вниманието.

 

ПОСЛАНИЕ

Без вас, Тир и Сидон,
мы жили здесь тысячи лет
и еще проживем.
Мы, люди, как трава –
ее топчут, она сохнет, задыхается, гибнет,
остается только земля.
Мы, люди, как муравьи –
их давят, уничтожают, а их не становится меньше.
Отсюда когда-то начался поход к Инду,
кто мог такое предвидеть?
По Via Egnatia Цицерон шел в изгнание в Салоники.
Недалеко от Драма
призрак Цезаря явился Бруту в палатке
накануне решающей битвы.
В Тивериополе стали святыми
пятнадцать мучеников.
Наум построил монастырь
у истоков Белого озера.
На этой земле возрос и королевич Марко.
И при этом сколько бед она претерпела!
Но возможна ли без них зрелость?
Все предначертано –
мы уходим,
а земля остается.


ПОСЛАНИЕ

Без вас, Тире и Сидоне,
овде се живеело илјадници години
и пак ќе се живее.
Ние луѓето сме како тревана -
ја газат, се суши, се задушува, гине,
само земјата останува.
Ние луѓето сме како мравине -
ги гмечат, ги ништат, и пак се збрале купче.
Одовде тргнал некогаш поход до Инд,
кој можел да го предвиди тоа?
По Via Egnatia Цицерон одел во прогонство
во Солун.
Близу до Драма
призракот на Цезар му се јавил на Брута
под шаторот
спроти решителната битка.
Па се посветиле во Тивериопол петнаесет маченици.
Наум соградил манастир
на извирот на Белото езеро.
Оваа земја го крепела и Марка Кралета.
И сепак, зар не доживеала таа униженија?
Зар можело без тоа до зрелоста?
Сето е предвидено -
ние си одиме,
а земјата останува.

ОкоБоли главаВицФото