1025 hPa
63 %
17 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 09:59
Читајќи го вчерашниот брифинг од шанкер-новинарот на МИА во Брисел, од каде, нормално, пред секој извештај на Европската комисија протекуваат информациите дека ќе добиеме уште еден бескорисен позитивен извештај, бев запрепастен од наводно новиот услов - медиумска култура?!
Немам никаква намера кога било повеќе да пишувам за извештаите на ЕК, за тоа колку Европа е попустлива спрема режимот, а уште помалку за тоа каква соработка евробирократите изградија со властите и колку лоша услуга им направија на слободните новинари и медиуми во Македонија. Извештаите на ЕК се претворија во уште една од бројните психо-драми и тортури со кои власта ги пере мозоците на граѓаните и ја правда режимизацијата на државава.
Но, она што е уште потрагично, е тоа што Европа и ЕК во суштина станаа соучесници на режимот со нивното политичко балансирање, со нивните сварени моркови кои никогаш не се претворија во тврди стапови.
Европа, донекаде оправдано незаинтересирана за оваа мала диктаторска земја, неоправдано кокетираше со режимот во интерес на наводно решавање на погорливи прашања. Откако таа стратегија се покажа како нереална и неостварлива, тажно може да констатираме дека Европа стана соучесник во уште една балканска трагедија. Горливите прашања не само што не се решија, туку целата наша реалност и егзистенција станаа горчливи.
Е, токму овој партнерски однос помеѓу ЕУ и режимот, може да ни ја објасни и генезата на оваа неразбирлива синтагма - медиумска култура! Дали Европа поприми нешто од Груевски и од неговото лудило?! Дали до тој степен забегаа евробирокративе што се втопија со нашите преродбенички апаратчици? Не ми се верува, за Европа да ја релативизира својата улога и својот придонес во градење на македонската диктатура и во уништувањето на слободното новинарство и медиуми, тие смислија и склопија една олку глупава кованица. Ќе барале од Македонија медиумска култура?! Така ли се вика денес медиумскиот мрак и монопол, тоа ли е еуфемизмот за целосното уништување на слободната информација и слободата во новинарството?!
Дајте да разјасниме една работа! Повикувањето на каква било култура, претпоставува дека во едно општество или заедница постоел процес низ кој се култивирал особен однос кон материјата за која зборуваме. Употребата на зборот „култура“ сам по себе е навредлив и понижувачки во оваа средновековна диктатура која ја живееме. Додавањето на атрибутот - медиумска, е или невкусна шега или, пак, говори до кој степен на лудило може да ве одведе политичкиот еквилибризам.
Каква медиумска култура ќе барате во Македонија кога режимот од аспект на медиуми нè врати во неолитот?! Во Македонија не е срозена само слободната информација или слободата во новинарството, туку самата есенција на секоја професија, односно, слободата да се занимавате со новинарство. Слободарското новинарство е речиси истребено, а слободните новинари се бројат на прсти. Па, денес имаме повеќе експерти за медиуми од слободни новинари! Дали ЕУ го забележува тоа?! Можеби, ама не прави ништо.
Е сега, бидејќи Европејците зборуваат за култура во медиумите, јас следствено зборувам за слобода, зашто двете работи се нераскинливи. Како ние да имаме култура ако денес немаме слобода, и како утре да имаме слобода ако немаме никаква култура, а камо ли медиумска?! Никаква култура не може да произлезе од режимските медиуми и од нивните квази новинари, затоа што им недостасува основниот предуслов кој ја креира културата во медиумите, а тоа е слободата на личното јас. Не зборувам за слобода да се каже што било, не зборувам ниту за делегирана слобода, за дозволено право, туку за вистински пркос кој се спротивставува на лажното. Конечно, не може да произлезе култура од нешто или од некој кој дури и ја користи својата лична слобода за да ја задуши слободата на повеќето. Со други зборови, без слобода за изразување не може да зборуваме за култура, а сепак, можеме да зборуваме за новинарство. Така што, ова што Европа го бара логично треба да се вика медиумска некултура.
Европа не смее да го девалвира или да го гнаси зборот култура. Европа памети и никогаш не смее да заборави, дека пред повеќе од седумдесет години водачите на некои од државите изјавувале: „Кога ќе го слушнам зборот култура, јас вадам пиштол!“ (Гебелс). Европа не може никогаш да заборави дека покрај Вајмар (едно од најголемите германски и европски културни светилишта), на само неколку километри, никнал Бухенвалд, логорот на смртта. Конечно, во тие луди и трагични времиња, Европа открила како културата станала служавка и соучесник на диктатурата и на лудилото.
Затоа, господо бирократи, не ја валкајте културата и престанете да ја ставате во погрешен контекст!
Културата вреди да се спомене, ако не е во судир со слободата. Кога нема слобода, нема ниту култура. Просто и јасно.
Слика: Свирачиња