Рецензија: Геноцидот во Сребреница никогаш не е докажан

08.10.2013 10:18
Рецензија: Геноцидот во Сребреница никогаш не е докажан

Веста каква што е „Геноцидот во Сребреница никогаш не е докажан“, е податлив материјал за поука како не треба да се пристапува набрзина кон информации кои се поврзани со настани што, без оглед на временската дистанца, секогаш се потенцијал за повреда на нечии лични и колективни чувства, но и потенцијал за повреда на новинарските правила, а посебно и етичките норми.

Линк до оригиналниот напис: Геноцидот во Сребреница никогаш не е докажан

Датум и време на објавување: 01.10.2013

Датум на рецензирање: 04.10.2013

Рецензент: Теофил Блажевски

Вистинитост: Веста се темели на изјави. Но, веродостојноста на тврдењата изнесени во изјавите, како и точноста на самите изјави можат да се проверат само со детална, долговременска проверка преку интернет , пред се, затоа што не е наведен ниту изворот, ниту, пак, во самите тврдења се наведени некакви попрецизни аргументи.

Извори на информации: Во текстот нема наведено извори, па не може да се оцени ниту релевантноста на изворите, ниту актуелноста. Со пребарување на интернет може да се најде оригиналот од каде што е преземена веста, кои ја презеле преку од овој сајт за кој не постојат јасни информации кој стои зад него, но сајт кај кој е очигледна поврзаноста со официјалната руска политика. Тоа потенцијалниот читател не го интересира, затоа што не би требало да биде упатуван на мачна и бавна проверка за да го најде оригиналот. Околу едностраноста, нема дилеми – таа е еднострана.

Содржајност: Станува збор за несеопфатна вест, која токму поради тоа, можеби, прикрива информации

Пристрасност: Во веста има спин. Тој е направен во насловот. Оттука, но и поради несеопфатноста и неприкажување на ставот на другата страна, барем приближно колку што му е даден простор на првата страна, може да се зборува за наклонетост кон првата страна, која би можела да биде од политичка или од друга, за нас, нејасна природа.

Оригиналност/Плагијат: Откако ја најдовме оригиналната вест која послужила како извор, може да се утврди дека во случајот на веста што ја рецензираме станува збор за делумна копија, т.е за лош превод на пар изјави од отвореното писмо. Лошиот превод се гледа и преку непознавање на српскиот јазик, па така Хатиџа Мехмедовиќ станала Хатиџ Мегмедовиќ, а „Народне новине“ станале „Народни весници“.

Квалитет на насловот: „Кваката“ кај оваа вест е насловот. Насловот, така како што е пласиран, претставува дезинформација. Нема никаква ограда, па некој што ќе го погледне само насловот на веста, би можел да заклучи дека порталот изнесува и стои зад таквите тврдења за Сребреница.

Фотографија: Фотографијата е портрет на ликот што ја застапува тезата изнесена во насловот на веста што ја рецензираме. Нема авторство на фотографијата, па претпоставуваме дека е преземена од оригиналниот напис, т.е. веста за изјавата и тврдењата.

Говор на омраза: Во текстот се пренесуваат изјави кои на прв поглед не навредуваат и не дискриминираат. Но, индиректно, дел од изјавите што се цитирани може да се навредливи и може да се оценат како суптилен говор на омраза кон цел еден народ – во случајот Бошњачкиот.

Заклучок: Во текстот што го анализиравме недостасуваат дел од основните новинарски елементи на веста. Ги нема времето на случувањето, го нема ни изворот – од каде е преземена. Покрај тоа, веста е несеопфатна и неизбалансирана, ја нема и втората страна и нејзините тврдења, а има и погрешни факти како што се имиња на луѓе и или на весници.

Но „кваката“ кај оваа вест е сепак насловот:

„Геноцидот во Сребреница никогаш не е докажан“

Вака напишаниот наслов, без никаква ограда би можел да значи цврсто тврдење на редакцијата дека не постоел никаков геноцид во Сребреница. Бидејќи станува збор за докажан факт во повеќе институции – од форензичарските институти, преку резолуции и заклучоци на Обединетите Нации, до Меѓународниот трибунал во Хаг, вклучувајќи тука и извинување на највисок српски претставник до Бошњаците, вака напишиот наслов дезинформира.

Различни варијанти и стоеле на авторката на текстот или на уредниците на порталот. Можело да се оди со истакнување на презимето пред тезата, што би било многу покоректно. На пример, „Каргановиќ: Геноцидот во Сребреница никогаш не е докажан“. Или, пак, насловот да биде прераскажан. На пример, „Српски активист тврди дека нема докази за геноцидот во Сребреница“, итн. Во крајна линија можела да го искористи примерот од каде ја пренела веста:

КАРГАНОВИЌ: „Госпоѓо Хатиџа, ве молам – тужете го Историскиот проект Сребреница!“

Покрај насловот и изјавите на лицето чии тврдења се пренесуваат во веста, може да бидат оценети како суптилен говор на омраза искажан на индиректен начин, а истото важи и за навредливоста и за дискриминаторскиот елемент врз верска и национална припадност. Тоа особено се наоѓа во следнава изјава:

Тврдењето дека спротивно на одредбите на меѓународното воено право, во периодот по 11 –ти јули 1995 година, се стрелани 8.000 мажи и деца, без никакви аргументи е недокажано. Зад овие две констатации стоиме јас и „Историскиот проект за Сребреница“.

Станува збор за ист тип на навредливост и говор на омраза што може да се сретне кај еден куп неонацистички групи денес низ светот, кои тврдат дека во Хитлерова Германија не постоеле конц-логори во кои бил извршуван геноцид врз Евреите, словените, Ромите и други народи или групи.

Бидејќи станува збор за сензитивна материја – геноцид и за масовно страдање во кое е инволвиран цел еден народ, а политичките последици ги трпи и друг народ, ќе било упатно авторката на веста да поработела на сеопфатноста. Во овој случај не само што не е доволно да се каже дека изјавите на едниот субјект се одговор на изјавите на другиот, туку требало да се пренесат барем осовните изјави на вториот субјект и мал бекграунд за двата лика. Ако се сторело тоа, ќе се видело дека изјавата оти нема докази за геноцид во Сребреница, на пример, ја дава Американец со српско и руско етничко потекло и лидер на некаква невладина организација регистрирана во Холандија. За адвокатот постојат и тврдења во самата Србија дека е близок до српските четнички кругови во САД, што фрла сосема друго светло кон неговите тврдења или активности, со оглед на политиката на четничките движења и организации кон муслиманите од Босна, особено и во минатото.

Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).