Започна обновата

09.10.2013 13:49
Започна обновата

Летото течеше. Минаа првите трауми. Луѓето од евакуација почнаа да се враќаат во градот. Иако немаа домови. Речиси сè беше на улица: луѓето, институциите, владата, Собранието на градот и на Републиката, училиштата, апотеките, болниците, продавниците...

Животот се одвиваше на улиците, на тревниците, во парковите каде што почнаа да никнат шаторски населби. Тоа беа цели градови низ кои се протинаа и поштарите, носејќи ги писмата. Можеби единствен случај во историјата на градовите!

Никнаа настрешници по дворовите на урнатите куќи, провизориуми во кои граѓаните ги пречекаа и првите снегулки. Но, градот живееше и упорно, неуморно работеше. Тој наеднаш стана едно големо градилиште во кое се слеаја над 50.000 градежни работници од целата земја. Тврдината на солидарноста го живееше својот несекојдневен, херојски живот.

Во тие денови почна да се размислува за новото Скопје. Испитувањата и анализите ги насочија стручњаците Скопје да не се дислоцира, да остане на истото место. Урбанистичкиот завод на Скопје доби задача да почне со изработувањето на урбанистичкиот план за новото Скопје. Изработката на сеизмолошките студии е посебен потфат. Предвидувањата велеа дека кон крајот на октомври ќе биде готова сеизмолошката карта на градот и околината. Според неа ќе бидат дозволени и градби на повеќекатници со посебни асеизмички нормативи. Во првите денови на август, за да се избегне лошото време на есента и зимата, донесена е одлука за градба на 18 приградски населби од монтажни куќи.

И тука стапи во акција југословенската солидарност. Далеку од своите домови, под тешки услови за живот и работа, во борба со суровата есен, градителите од сите југословенски републики ги создаваа населбите околу Скопје — симболите на уште една манифестација на солидарноста и братството на југословенските народи. Тие ја извршија својата задача и си отидоа, но зад нив остана нивното дело, населбите околу Скопје кои се цели гратчиња. Во населбата Драчево живеат 15.000 луѓе. И сите тие знаат дека неа ја изградија градежниците од Република Србија. Населбата Маџари има станови за 10.000 жители, кои ги изгради оперативата на Република Хрватска. Покрај оваа, хрватските градежници ја изградија и населбата Железарница. Дело на Словенците е населбата Влае, за околу 5.000 жители, а Босанците и Херцеговците ги изградија населбите Бутел I и Ѓорче Петров. Градежниците од Црна Гора ја изградија населбата Лисиче, а оперативата од Македонија ги изгради населбите: Пржино, Тафталиџе, Водно. Белграѓаните ја подигнаа населбата Козле за 5.000 жители, а специјалниот одред на ЈНА, за потребите на своите старешини и нивните семејства, ја изградија населбата Аеродром за 10.000 жители.

Погрешно е да се мисли дека приградските населби, во кои се „стопија" осум села и еден мал град (Ѓорче Петров), се некои провизориуми. Така ќе помисли само оној што не ги видел. Тоа се гратчиња со сите потреби на инфраструктурата, а денес најзелените и најцветните предели на Скопје, кое сега има пречник од 23 километри во должина и 9 километри во ширина. Во населбите има и домови на народно здравје, детски установи, школи, самопослуги и други трговски дуќани, стоковни куќи, аптеки, продавници... со еден збор, сè што е неопходно за живеење. Нив ги крстосуваат линиите на градскиот собраќај. Така Скопје се здоби со 18 приградски населби со 14.180 станови. Денес, дваесет години по овој потфат, може да се согледа далекувидноста на оваа градба. Приградските населби сега се најубавите делови на Скопје во кои секоја куќа е доградена или надградена, добиени се уште толку илјади станови, а сите тие се оградени со цвеќе и зеленило.

Меѓутоа, со изградбата на приградските населби на потполно нови површини, станбеното прашање во Скопје не се решаваше. Земјотресот навистина ги оштети сите станбени згради, но не еднакво. Некои беа помалку оштетени и со санација беше можно да се приспособат за живеење. Впрочем, беше речено градот да остане каде што е, а единствена станбена и друга база беше стариот дел на градот од пред земјотресот. Но, како да се санираат толку оштетени згради? Искуства не постоеја. Нешто слично не се имаше случено во Југославија. Дури беа оскудни и искуствата од странство. Можеби едно сериозно проучување на овој проблем од страна на стручњаците ќе дадеше некои технички резултати.

Но, не треба да се заборави дека над тоа и толку рането Скопје со секој ден се проштеваше тажното лето, кое ѝ го отстапуваше местото на зимата. А, токму од нејзините студени, непријатни прегратки, требаше да се оттргнат жителите на овој град кои беа сместени под шаторите и во провизориумите. Во народноослободителната борба постои Четвртата непријателска офанзива и во неа драматичната борба за спасување на болните и ранетите партизани. Тој подвиг на борците од НОБ прерасна во легенда. Нешто слично се повтори во Скопје летото 1963 година. Само оние што беа во можност од близу да ја следат борбата на цела Југославија и на многу странски добротворни организации и влади, за спасување жителите на Скопје, имаа вистинска слика за величината на тие напори. Можеби утре, стратезите и другите повикани ќе го испитуваат овој случај како пример за успешно реагирање по големи катастрофи, бидејќи во него ќе најдат нешто што не се среќава на друго место: катастрофата се случи во најжешките летни денови, но во Скопје не беше забележена епидемија на заразни и други болести. Феноменот на чувањето на здравјето беше уште поголем зашто условите на живеењето беа крајно лоши.

Во таква брзина започна санацијата на над 14.000 згради оштетени од земјотресот. Бидејќи оштетувањата не беа насекаде еднакви, и санацијата не се спроведуваше според некои рецепти и општини, туку според видот на оштетувањето на секоја зграда. Се санираше сè што економски беше оправдано. Санацијата беше тежок проблем, мачна работа. Целта не беше да се поправат оштетените места на зградите, туку да се зајакне комплетно така да можат да издржат и евентуален земјотрес со јачина од 9 степени по Меркалиевата скала. Сигурноста на живеењето во нив беше крајната цел. На некои згради се вршеа и ресанации. Познат е случајот на станбените населби Карпош I и II, кои, патем речено, најмногу настрадаа во земјотресот. Населбата беше санирана, но со помош на англиски стручњаци одново се ресанира на тој начин што зградите се обложија со чилични мрежи, иако беа високи и по десетина катови. Беа санирани 13.500 станбени згради во кои се сместија 65.000 жители. Но, санацијата продолжи неколку години и по станбените и јавните згради, се продолжи со санацијата на културно-историските споменици. Но, имаше згради кои што не можеа да се санираат, бидејќи многу тешко беа оштетени. Тие се уриваа. Така Скопје се прости од многу свои синоними по кои од разгледниците го препознаваа Скопје и оние кои никогаш не биле во него. Впрочем, ова е град на феномени. Еден од нив е и солидарноста, дотогаш невидена во светот, што ја изразија луѓето од сите меридијани. Утре историчарите, хроничарите и оние кои се занимаваат со комуницирање меѓу луѓето ќе речат нешто повеќе за ова. Појавата и траењето на меѓународната солидарност во случајот на Скопје ќе ја објаснат секој од свој аспект. Меѓутоа, и тие, како и ние што ги преживеавме овие манифестации, не ќе можат да не застанат вчудовидени пред тоа колку луѓето се сплотени во чувствата, колку ги зближуваат големите трагедии. Можеби затоа што биле свесни дека само преку подадените раце се премостуваат и полесно се совладуваат сите големи катастрофи.

Извор: Skopje '63-'83, Partizanska knjiga, Ljubljana, 1983.

ОкоБоли главаВицФото