Новото Скопје (2)

11.10.2013 09:59
Новото Скопје (2)

Во овој град сѐ е ново. Ова е нов град. Можеби тоа е најадекватна фраза во неговиот опис. Нови се 18-те населби, нови се блоковите на Градскиот центар, Универзитетскиот комплекс, Културниот центар на левиот брег на Вардар, Македонската академија на науките и уметностите, Радио-телевизија Скопје, Македонскиот народен театар, Универзитетската и Народната библиотека, Музичкиот центар... Нови се неговите десетина хотели, театри, кина, административни и други јавни згради, чие набројување далеку би нѐ одвело. Треба да се дојде и да се види тој нов град за да се добие претстава за жилавоста на овој народ, за неговата виталност и решеност да се бори со сите немаштии и преку победи со нив да ја гради својата подобра утрешнина.

Но, сепак, од сите тие нови населби, блокови, јавни објекти, посебно импонираат некои. Таков е Сообраќајниот транспортен центар, еден од „највиртуозните“ во Европа. Тој претставува извонредно значаен комплекс од објекти, во кој се обединети патничкиот, железничкиот, поштенскиот и автобускиот сообраќај. Покрај главната патничка железничка станица, во него се гради и меѓуградската автобуска станица и сообраќајна пошта. Транспортниот центар има десет колосеци со пет покриени перони, наменети за железничкиот сообраќај, на мостовска конструкција долга 700 метри. Шините се поставени 10,5 метри повисоко од околниот терен. Издигањето на колосеците овозможува продолжување на градските сообраќајници за поврзување на сите делови на градот. Површината на покриениот простор изнесува 35.400 квадратни метра, од кои на железничката станица отпаѓа 21.500 квадратни метри, за сообраќајната пошта 10.600 и за автобуската станица 3.300 квадратни метри. Скопје е град на цвеќе. Хроничарите бележат дека секоја пролет, на отворените градски површини, се садат по милион стракови цвеќе. Тоа значи на секој скопјанец доаѓа по два корена цвеќе! Тој не беше таков до земјотресот. Не беше ниту град на зеленило. И тоа што го имаше пострада во земјотресот зашто по градските паркови, скверови, зелени површини беа изградени шаторски населби и разни провизориуми во кои живееја оние без покрив над главите. Со нивното преселување во монтажни или згради од тврда градба беа обновени зелените површини, а кон нив се придружија и нови.

Планината Водно, Гази Баба, Француските гробишта се централните зелени површини на градот, но по земјотресот се изградени: паркот „Жена-борец", зелените површини на булеварите „Партизански одреди", „Октомвриска револуција", „Југославија", „Гоце Делчев", „Крсте Мисирков", како и зелените површини во 18 приградски населби, полни со „куќарки во цвеќа" со што комплетно е решена инфраструктурата на Градскиот парк (на 20 хектари и насадени се 10.000 дрвја). Се предвидува тој да има површини од 80 хектари во пејсажен стил, со сите карактеристики на современ парк. Како рекреациони шуми се или наскоро дефинитивно ќе станат Водно и Гази Баба, низ кои се пробиени асфалтни и обични патеки. Со уривањето на оштетените згради во градот се создадоа празни површини кои наскоро беа озеленети. Таквите нови зелени површини се протегаат на површина од над 55 хектари. Посебно внимание им е посветено на дворовите на зградите во кои досега се насадени околу 5.000 липи, јавори, јасени...

Во историјата на градежништвото на нашата земја, а можеби воопшто, ќе остане запишан големиот зафат што тоа го направи во Скопје при градењето на приградските населби, со над 14.000 монтажни куќички. На тоа треба да се додаде дека градежниците, во рекордно краток рок, подигнаа во тие населби и околу 930.000 квадратни метри улици и патишта, 154.000 кв.м. тротоари, 367.342 метри водовод, 277.000 м. канализација, 543.271 м. електрични водови, 138.000 м. ПТТ мрежа, 108.530 кубни метри насипи, 288.000 електро-приклучоци итн.

Градот што беше помогнат од сите југословенски народи и народите на 82 земји, беше обврзан со таа помош да ракува што подомаќински. Треба да се напомне дека монтажните куќи што беа подарок не беа продавани, туку делени на семејствата кои што останаа без станови во земјотресот или во поплавата од 1962 година. Меѓутоа, другите беа продавани на кредит, со учество на купувачите и со камата. Продавањето на монтажните згради се вршеше преку јавен конкурс, распишан уште во ноември 1963 година и тоа со учество на купувачите. Скопје својата иднина ја гледаше во развивањето на стопанството. По војната, во која беше оштетено 72 отсто од и без тоа малото стопанство, поплавата од 1962 г. и земјотресот од 26 јули 1963 година го дотолчија стопанството, нанесувајќи штети на новите капацитети подигнати во слободните години. Земјотресот нанесе релативно малку штета на индустриските капацитети, благодарение на тоа што тие беа лоцирани надвор од градот, вон централното градско подрачје каде земјотресот се урна со сета своја јачина и интензитет. Но, од околу 400 милиони динари штета во тековни цени речиси 50 отсто отпаѓаа на индустријата. Покрај текстилната фабрика ,,К. Ј. Питу", која беше сосема урната, знатно oштетување претрпе тутунската индустрија, железницата и угостителството кое пред земјотресот имаше 1.750 легла, а по него тие се сведоа на само 49 легла! Само по две години, со потребните кредити и услови, многу полесни од дотогаш, се успеа да се постигне реактивирање на најголемиот дел од стопанските организации на градот. Напоредно со санацијата, се презедоа мерки за подготвување техничка документација и друго за модернизација и проширување на капацитетите, како и за изградба на нови. Тие нови мерки беа осигурани со средствата на Фондот за обнова и изградба на Скопје кои беа 5,5 пати поголеми од сумата на оштетувањето. Тоа се овозможи со тоа што, за сметка на поголемото вложување во стопанството, беше одложено изградувањето на одделни објекти од општествениот стандард, како и со тоа што за обновата и изградбата на оштетените објекти од станбената изградба беше наложено што поголемо партиципирање на инвеститорите во финансирањето на соодветните објекти.

Еве и некои параметри од десетгодишната обнова на Скопје: Фондот за обнова и изградба на градот, во тоа вложување, учествуваше со 1.755 милиони динари. Како резултат на тоа, општествениот производ во скопското стопанство нарасна, само во периодот 1963—73 година, за 71,3 отсто, националниот доход во стопанството се зголеми за 677 отсто, нето личниот доход во стопанството постигна растеж за 8 отсто, вработеноста за 153 отсто...

Во првите години по земјотресот беше извршена санација на 17 оштетени индустриски капацитети, со воведување елементи на реконструкција и модернизација на погоните, како и проширување на капацитетите (фабрика за цемент „Усје" со нови 380.000 тони). Дури потоа почнуваат вложувањата за реконструкција и оптимализација поодделните носачки капацитети во скопската индустрија: ОХИС, Железарница, Металски завод „Тито", Цементарница и други. Особено значајни финансиски напори и помош се дадени при оспособувањето на ОХИС како значаен фактор во скопското стопанство и Железарницата, за доградување на нејзината трета фабрика за производство до милион тони суров челик, потоа во проширување на нејзините хали во валалниците (студена и топла), во челичарницата во полуконтиливот и друго. На дваесетгодишнината од повторното раѓање по катастрофалниот земјотрес, Скопје има 513.607 жители, во поширокиот реон, и 123.692 домаќинства, а се вработени 162.376 лица, од кои 128.550 во стопанството, и 51.483 се жени. Националниот доход по жител беше во 1981 година 77.962 динари. Во структурата на општествениот производ во 1981 година, најголемо учество имаше индустријата — 30 отсто, трговијата со 28,2; градежништвото со 20,0 итн. Пред земјотресот, Скопје имаше околу 37.000 станови, а денеска има 120.709 (од кои 102.171 на потесното градско подрачје). Просечна станбена површина по жител е 13,4 квадратни метри. Скопје има 1.911 основни организации и заедници на здружениот труд со кои управуваат 18.000 членови на самоуправните органи, работнички совети. Скопје има и 178 градежни организации на здружен труд од кои 41 високоградба. Градот на крајот 1981 имаше 1.888 трговински продавници (една продавница на 27 жители) и 11 хотели со 1.838 лежаи. На 47 градски линии на сообраќајот превезени се 117.652 милиони патници (само во 1981 година), а жителите на Скопје поседуваат и 63.751 патнички приватни автомобили. Градот има и 13 железнички станици, 24 пошти, 50.460 телефонски приклучоци...

Кон првиот дел

Извор: Skopje '63-'83, Partizanska knjiga, Ljubljana, 1983.

Слични содржини

Скопје 1963-2013
Скопје 1963-2013

ОкоБоли главаВицФото