1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 04:59
Мракот и сенките денот го сменија,
ова е миг на алчната Мортенија.
Пијана морнарска песна за еден Фаталино
Во пијано едно време
на пијано едно море
пловел еден пијан кораб -
сува лушпа од стар орев.
Фаталино, Фаталино,
наздрави со капка вино!
На коработ пијан морнар
кон запад бил свртен чисто,
но некаков пијан ветар
го носел кон румен исток.
Фаталино, Фаталино,
на југ појди, барај вино!
И едрата, стари гаќи,
кон далечен југ се стремат.
Но пред нив е леден север
капка сонце кај што нема.
Фаталино, Фаталино,
сркни уште малку вино!
Пијан ветар, пијан кораб
и пијано небо сино,
под пијани гаќи-едра
пијан бил и Фаталино.
Фаталино, Фаталино,
се удави в капка вино.
Адмирал
Секој термит, голем, мал,
сега има адмирал.
Адмиралот строен бор е,
шуплив долу, празен горе.
Пенушка е, нема море -
пенушка, без лист и плод,
адмирал без сплав и брод.
Си имаме адмирал,
ќе плови по прав, по кал.
Сув дол - море, мува - галеб...
Среќно плови, адмирале!
Ти си само плашлив зајак...
Во очај сме...
прими прекор -
и ти си ми
јунак некој.
Во тебе бевме
сите заљубени.
Сега сме тажни
сосем загубени.
Капка вода
страв ти внесе,
беспомошно
да се тресеш.
Сирото дете,
сето си вџашено...
кој да те сака
вака исплашено?
Ти си само
плашлив зајак.
Си бабрел
од лажна маја.
Затоа нема
пак да те славиме.
Збогум и среќно,
ќе те заборавиме.
Слики: Свирачиња
Сродни песни: Си бил еднаш еден цар