Интелигенцијата и расата – псевдонаука и расизам

12.10.2013 11:39
Интелигенцијата и расата – псевдонаука и расизам

Не сум оптимист во поглед на иднината на Африка. Нашите социјални политики кон Африка се засноваат на убедувањето дека нивната интелигенција е еднаква со нашата, што не ѝ одговара на вистината.

Една недела по ваквата изјава во лондонскиот Sunday Times, легендарниот американски биолог Џејмс Вотсон, добитник на Нобеловата награда за заслуги во откривањето на физичката структура на молекулите на ДНК и прв раководител на Проектот Човечкиот Геном, доброволно се повлече од сите академски и истражувачки позиции. Извинувајќи се заради „коментарот кој нема упориште во науката“, призна дека не очекувал дека активното занимавање со науката ќе го прекине „во вакви околности“.

„Случајот“ Вотсон е затворен во октомви 2007 година. Две години подоцна, тогаш младиот истражувач Џејсон Ричвајн, пред тричлената комисија на Универзитетот Харвард, ја одбранил дисертацијата со наслов: “Коефициентот на интелигенција и емиграциската политика”.Нејзината рамка ја прави статистичката анализа, со која авторот докажува дека американските доселеници со хиспано потекло, дури и по неколку генерации на тлото на САД, имаат понизок коефициент на интелигенција во споредба со белците. Врз основа на тоа, Ричвајн на американските власти им препорачува додека ги издаваат дозволите за престој и/или вселување да го имаат предвид просечниот коефициент на интелигенција на расната/етничката група на која ѝ припаѓа емигрантот:

Статистичкиот конструкт познат како коефициент на интелигенција веродостојно ја проценува општата ментална способност, т.е интелигенцијата. Просечниот коефициент на интелигенција на американските емигранти е значително понизок во однос на белечката популација, при што оваа разлика не се губи ниту по неколку генерации. Тоа ја отежнува социоекономската асимилација на помалку интелигентните емигранти и го зголемува уделот на неквалификуваните работници на пазарот на работна сила. Изборот на емигранти со повисок коефициент на интелигенција би ги ублажил овие проблеми, со тоа што би им користел и на самите емигранти – на оние кои поседуваат интелектуален потенцијал, но во земјите од кои доаѓаат немале пристап до образованието.

Дисертацијата, иако со експлозивна содржина, до неодамна не го привлекувала вниманието ниту на стручната ниту на пошироката јавност. По стекнувањето докторска титула, Ричвајн добил место на истражувач на Институтот Enterprise, од каде набрзо преминал на позицијата истражувач-аналитичар во Фондацијата Heritage. Меѓутоа, тука се нашол на челото на тимот кој пред неколку недели, во екот на зовриената јавна расправа за реформата на американската емиграциска политика, ја обелодени анализата („Фискалните трошоци од амнестијата на илегалните емигранти“) чии резултати сугерираат дека легализацијата на статусот на илегалните емигранти САД ги чинеле милијарди и милијарди долари од даночните обврзници.

Беше само прашање на време кога некој ќе собере два и два, односно ќе ги поврзе резултатите од економската анализа на Heritage со дисертацијата на нејзиниот коавтор. Фондацијата попусто се оградуваше со тврдењето дека нејзината анализа на каков било начин не го рефлектира претходниот труд на Ричвајн; кон средината на мај морале да го замолат да ги напушти.

Тврдењето дека Африканците или луѓето со хиспано потекло во просек се помалку интелигентни од Европјаните или Австралијанците е запаливо, но и тестабилно. Меѓутоа, Ричвајн, како и Вотсон пред него, ја платија сметката заради значително „тешкото“ тврдење – дека групните (расни) разлики во интелигенцијата се генетски условени. Еве цитат од докторската теза на Ричвајн:

Доказите упатуваат на тоа дека групните разлики во коефициентот на интелигенција имаат генетска компонента. Никој не може да знае дали емигрантите со хиспано потекло некогаш ќе го достигнат коефициентот на интелигенција на белците, но тешко е да се побие предикцијата дека децата и внуците на новите хиспано доселеници ќе имаат низок коефициент на интелигенција; секако понизок од просекот на белата популација.

Тврдењата како ова релативно лесно можат да се нападнат и да се дискфалификуваат како расистички и неморални. Меѓутоа, тоа не ги прави нужно неточни. Заради тоа, клучните прашања се:

• Дали е научно оправдано да се зборува за групни разлики во интелигенцијата?
• Дали е научно оправдано да се зборува за генетски детерминираните групни разлики во интелигенцијата?

Интелигенција: Тестовите и индивидуалните разлики

За почеток, треба да се има предвид дека не постои директна мерка за општата ментална способност. Задачите од кои е составен IQ тестот непосредно ја мерат поединечната когнитивна способност на тестираниот: опсегот на неговата меморија и вниманието, способоста дедуктивно да заклучува и да планира, степенот до кој го разбира прочитаното... Врз основа на резултатот што ќе го постигне на секоја од наведените ставки, посредно се заклучува за неговата општа ментална способност.

Колку се оправдани ваквите заклучоци? Зависи. Современите тестови за интелигенција ги мерат способностите кои се применливи и високо вреднувани во индустриски развиените општества. Во таа смисла, ако коефициентот на интелигенција се сфати како показател за степенот до кој некој завладеал со нив, тој ни кажува нешто битно. Најпосле, коефициентот на интелигенција е многу добар предиктор за училишниот, академскиот и професионалниот успех; примањата кои некој ќе ги остварува во периодот на зрелоста; општото здравје; веројатноста дека личноста ќе биде корисник на социјална помош, дека ќе заврши на лекување од болестите на зависност или в затвор.

• Колку е оправдано да се зборува за општа ментална способност?

Ако ги земеме како доказ тестовите за интелигенција, тогаш е оправдано. Имено, анализите на резултатите кои ги постигнуваат тестираните на IQ тестовите покажуваат дека меѓу различните когнитивни способности постои висока корелација. Со други зборови, некој кој на IQ тестот ќе оствари добар резултат на задачите за работната меморија, ќе ги оствари приближно истите резултати и на останатите групи задачи. Сè заедно, ова сугерира постоење на општа когнитивна способност, единствениот фактор кој ги детерминира поединечните ментални вештини.

• Колку е оправдано да се зборува за вродена ментална способност?

Повторно, IQ тестовите сугерираат дека е оправдано. Резултатот на тестот за интелигенција, постигнат на возраст од осум години, помалку или повеќе останува непроменет и во периодот на зрелоста, сугерирајќи релативно фиксен вроден интелектуален капацитет. Освен тоа, студиите со еднојајцените близнаци и посвоените деца нудат сериозен доказ дека овој капацитет во добра мера е генетски детерминиран. Коефициентите на интелигенција кај близнаците се во далеку поголема корелација отколку коефициентот на интелигенција на браќата и сестрите од исти биолошки родители кои не се близнаци; Коефициентите на интелигенција на биолошките браќа и сестри покажуваат, пак, значајно поголема корелација отколку резултатите кои на тестовите за интелигенција ги постигнуваат биолошките и посвоените деца од иста родителска двојка, одгледани заедно, помалку или повеќе во идентични средински услови.

Проблемот со студиите кои со дизајнот на примерокот (вклучување на еднојајцените близнаци, родените браќа и сестри кои не се близнаци и усвоените деца во примерокот) настојуваат да го контролираат и да го раздвојат влијанието на генетскиот и срединскиот фактор на испитаната појава, во овој случај на интелигенцијата, може да се согледа во појдовните претпоставки, кои се далеку од неспорни. Под еден, ваквите студии типично подразбираат дека близнаците и родените браќа и сестри кои не се близнаци, во иста мера споделуваат исто/слично окружување. Во реалноста, тоа е малку веројатно; срединските услови за растењето на двојката близнаци се далеку послични отколку средините во кои растат родените браќа и сестри. Под два, поаѓаат од претпоставката дека семејствата кои ги посвојуваат децата се подеднакво разновидни како и семејствата воопшто. Меѓутоа, вистина е дека двојките-посвојувачи во просек се пообразовани и со повисок социоекономски статус во однос на просечната брачна двојка со деца.

• Колку социоекономскиот статус на родителите влијае на интелигенцијата на детето?

Кога еднаш ќе се релативизираат дадените премиси, влијанието на срединскиот фактор одеднаш ќе порасне. Студијата на двајца истражувачи од Универзитетот во Париз покажала дека коефициентот на интелигенција на детето во огромна мера зависи од социоекономскиот статус на родителите: Коефициентот на интелигенција на децата од родители со висок социоекономски статус (лекари и извршни менаџери) – независно од тоа дали станува збор за биолошки родители или посвојувачи – во просек е за 12 до 16 поени поголем од коефициентот на интелигенција на нивните врсници, израснати од родители со низок социоекономски статус (земјоделци и неквалификувани мануелни работници).

Студијата на група американски истражувачи, која ја предводел психологот од Универзитетот во Вриџинија, Ерик Туркхајмер дошла до уште поневеројатен заклучок: наследноста на интелигенцијата варира во зависност од класната припадност.

Колку и да звучи контраинтуитивно, според резултатите од истражувањето на Туркхајмер и соработниците, на интелигенцијата на децата од богати родители повеќе влијаат биолошките, додека интелигенцијата на децата од сиромашните семејства значително ја детерминираат срединските фактори. Во случајот на децата со родители кои котираат високо социоекономски, дури 75 проценти од варијациите во коефициентот на интелигенција можат да се објаснат со гените, додека останатите 15 проценти на варијабилноста можат да им се припишат на срединските фактори. Кај децата од социоекономски депривираните семејства, тој однос е значително поинаков: само десет проценти од варијабилноста на коефициентот на интелигенција може да се објасни со биолошките фактори.

Ако ја сфатиме интелигенцијата како вроден интелектуален потенцијал за чиј целосен развој е неопходно влијанието од соодветните средински услови, тогаш индивидуалните разлики во коефициентот на интелигенција ги рефлектираат разликите според овие две димензии. Со други зборови, варијабилноста на коефициентот на интелигенција е рефлексија на комбинацијата од два вида разлики: вродениот потенцијал (генетски фактор) и шансите за остварување на тој потенцијал (средински фактор). Кога интелигенцијата ќе се согледа на овој начин, наодите на Туркхајмер се повеќе од логични. Со оглед на тоа дека децата на богатите родители ги имаат сите услови за развој на вродените капацитети, нивниот коефициент на интелигенција примарно зависи од биолошкиот потенцијал. Наспроти нив, коефициентот на интелигенција кај децата од сиромашните семејства, лишени од можноста да ги развиваат капацитетите со кои дошле на свет, доминантно е детерминиран од дефицитите на окружувањето.

• Дали тестовите за интелигенција ја мерат вродената когнитивна способност?

Да, но само во случајот на поединците кои биле изложени на шансите да ги развијат своите вродени ментални капацитети. Во спротивно, резултатот на IQ тестот во еднаква мера е показател за вродените капацитети и дефицитите на срединските услови за нивниот развој. Последично, тестовите за интелигенција не можат да бидат средство за споредување на поединци со различно социоекономско потекло.

Споредувањето на етничките групи, култури и земји според интелигенцијата – па дури и споредувањето на просечната интелигенција на една група во различни временски периоди – е оптоварено со уште поголеми проблеми. Когнитивните способности кои ги мерат IQ тестовите не се подеднакво применливи и вреднувани во сите епохи и на сите меридијани. Покрај тоа, ако се набљудува историјата на човештвото во целина, тие неодамна станаа исклучок.

Генерално, добриот резултат на IQ тестот произлегува од капацитетот за стекнување апстрактни, теоретски знаења и аналитичко мислење. Сосема спротивно, во најголем дел од својата историја, човекот зависел од способноста да завладее со практичните знаења и вештини. Доколку и понатаму е нејасно во која мера концептот на интелигенцијата е културно обликуван, обидете се да го замислите својот резултат на тестот кој би го развиле амазонските ловци-собирачи или средновековниот европски селанец.

Апстрактното мислење, во сите свои манифестирани облици, претставува културна адаптација на современото, технолошки развиено општество. Но, современоста и технологијата не се подеднакво дистрибуирани во светот што го населуваме. Вештините на апстрактното и аналитичкото мислење се попотребни во развиените економии отколку во остатокот од светот. Покрај тоа, дури и во економски најразвиените општества повеќе ги користи социоекономската елита отколку остатокот од населението. Консеквентно, детето во САД, Британија или Германија има далеку поголеми шанси да ја развие својата општа когнитивна способност отколку детето кое е родено и живее во Мексико или Гватемала.

Што ни зборува сето ова за Ричвајн и за обидите врз основа на резултатите од IQ тестовите да се прават релевантни споредби помеѓу различните етнички групи?

Опасен коктел: Интелигенцијата, расата, гените

Во сериозната наука, повеќе никој не ја доведува во прашање културната релативност на концептот на интелигенцијата и IQ тестовите кои ја мерат. Да го земеме Флиновиот ефект, појава кај која „националниот коефициент на интелигенција “ во високоразвиените земји расте за околу три поени на секои десет години. Станува збор за премногу брза промена за да би можела да се објасни со генетските примероци. Најдоброто објаснување вели дека Флиновиот ефект е последица на усложнувањето на општествениот контекст, кој од современиот човек сè повеќе ја бара употребата на софистицираните когнитивни вештини (оние кои ги мерат тестовите на интелигенција), во исто време, нудејќи му сè повеќе можности да завладее со нив.

Џејсон Ричвајн е само последниот во низата неуспешни обиди за комбинирање на хередитаријанската интерпретација на коефициентот на интелигенција – сфаќање дека резултатите на тестовите за интелигенција се индикатор за вродената општа когнитивна способност – и погрешните идеи дека врз основа на просечниот коефициент на интелигенција на одредена група луѓе (раса) може веродостојно да се заклучи за интелигенцијата на нејзините поединечни припадници.

Во одредена мера типично американски, митот за поврзаноста на расата и интелигенцијата е стар колку и настојувањето за мерење на интелигенцијата; значи, повеќе од еден век, кога се развиени IQ тестовите. До денес, во живот го одржува расистичката псевдонаука која, а тоа ја прави особено опасна, поаѓа од некои точни генерализации.

Ако ја набљудуваме Америка, емпириска вистина е дека, во просек, Афроамериканците имаат понизок, а Американците со азиско потекло повисок коефициент на интелигенција во однос на Американците со европско потекло. Дистрибуцијата на IQ според етничките групи, за САД, изгледа приближно вака: Американците со европско потекло – 103; Американците со азиско потекло – 106; американските Евреи – 113; Латиноамериканците – 89; Афроамериканците – 85. Глобалната слика го рефлектира истиот тренд: „белата раса“ – 100; популацијата од Источна Азија – 106; Африканците од подсахарската област – 70; Хонг Конг – 113; Јапонија – 110; Британија – 100.

Цитираните податоци се просечни вредности на поединечните расни/етнички групи. Меѓутоа, меѓу нив постојат совпаѓања, во смисла дека поединечните припадници на секоја од овие групи можат да се најдат во целиот спектар на вредностите на коефициентот на интелигенција. Поедноставно кажано, луѓето од сите етницитети се среќаваат меѓу генијалците, просечно интелигентните луѓе, во популацијата на луѓето со послаби когнитивни способности. Според тоа, просечниот коефициент на интелигенција на групата многу малку зборува за интелигенцијата на нејзиниот индивидуален припадник.

Расизмот стапува на сцена за време на интерпретацијата на ваквите податоци. Поаѓајќи од претпоставката дека општата когнитивна способност е вродена, а дека тестотвите за интелигенцијата ја мерат токму неа, се заклучува дека групните разлики во интелигенцијата се директна последица на групните генетски разлики.

Како што видовме, тестовите за интелигенција го мерат вродениот интелектуален капацитет само во случајот на поединците (да речеме, и групите) на кои срединските услови за растење им обезбедиле можност да го развијат. Во спротивно, коефициентот на интелигенција повеќе е индикатор за срединските дефицити отколку за вродените способности.

Биолошката заснованост на терминот „раса“ е тема за себе. За неа, токму во контекстот на расистичката дисертација на Ричвајн, во изминатиот месец се водеше многу квалитетна дискусија (Коефициентот на интелигенција и нативизмот; Раса, интелигенција и генетика за почетници; Што значи кога се вели дека расата е општествен конструкт; Расистичката харвардска дисертација: Зад сцената). Накратко, иако е погоден како конструкт, концептот за расата има далеку помалку смисла во термините на биологијата отколку во термините на културата.

Заради аргументот, да речеме дека интелигенцијата е фиксен, цврсто дефиниран концепт со кој ја означуваме општата интелектуална способност, а дека расата постои како реален ентитет, како нешто повисоко и пообјективно од хеуристиката. Сеедно, оправданоста на тријадата интелигенција-раса-гени зависи од одговорот на следното прашање:

• Дали е разумно оправдано да се зборува за генетски засновани групни разлики во интелигенцијата?

Да, во следниот случај: Идентификуван е генот кој недвосмислено кодира одредена карактеристика (интелигенцијата), а застапеноста на тој ген варира од популација до популација. Меѓутоа, во мера во која е генетски детерминирана, интелигенцијата припаѓа во полигените карактеристики. Тоа значи дека не само што не постои ниту еден ген кој ја дефинира, туку во мноштвото гени кои ја обликуваат не постои ниту еден кој според импактот се издвојува во однос на останатите.

Настрана тоа што е исклучително тешко да се идентификуваат ваквите гени, уште потешко е да се измерат нивните ефекти. Да речеме дека генетичарите ќе успеат во тоа. За да можеме на гените да им припишеме некоја воочена групна разлика, неопходно е да го раздвоиме генетското од социокултурно условеното. За дизајн на таква студија, пак, неопходен ни е примерок составен од поединци кои биолошки се едно, а социокултурно нешто сосема друго. Дотогаш, секоја групна разлика во погледот на некоја од наследните особини може да биде последица исклучиво на генетските разлики, исклучиво на социокултурните детерминанти, или некоја нивна комбинација.

Извор: http://mindreadingsblog.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото