Во Македонија ќе се легализира медицинското пиво по 19:00 часот

14.10.2013 11:17
Во Македонија ќе се легализира медицинското пиво по 19:00 часот

Скопје, 14 октомври 2013

Македонските власти планираат да донесат закон со кој граѓаните ќе можат да набават пиво од аптеките по 19:00 часот, за употреба во медицински цели, откри пратеникот Влатко Ѓорчев во разговор за Пара вести.

Ваквата одлука е поттикната од фактот дека многу македонски граѓани кои имаат проблеми со нервите го користат за смирување, па за нив претставува голем хендикеп неможноста да го набават во секое време.

За набавка на пивото нема да биде потребен рецепт од лекар, туку продавачот во секој маркет ќе врши проценка дали пивото навистина се набавува во медицински цели.

„Пред некој ден, неколку млади момчиња набавија две гајби пиво во 20:00 часот, со образложение дека не можат да гледаат фудбалски натпревар без да се напијат по некое шише. Сум чул дека пивото се користи и во медицински цели, но не сум знаел дека е добро и за луѓе кои имаат проблеми со видот“, раскажува еден продавач од маркетот „Летва-фарм“.

Пратеникот Влатко Ѓорчев, пак, открива дел од мотивите на владејачката партија за воведувањето на новиот закон.

„Грижата за здравјето на нашите граѓани е еден од приоритетите на оваа власт. Сакаме здрава нација, а пивото употребено во медицински цели ќе помогне да ја изградиме“, вели Ѓорчев.

Тој додава дека продажбата на медицинско пиво по 19:00 часот е директно поврзано со зголемувањето на наталитетот, доколку се конзумира во соодветна количина, и изрази надеж дека мерката позитивно ќе влијае и врз бројноста на Македонците.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото