Македонската демократија како „карго култ“

15.10.2013 12:33
Македонската демократија како „карго култ“

Првиот карго култ се појавил на Фиџи 1885 година како домородечка реакција на последиците од судирот со материјалната култура на европските колонизатори, кои - пренесувајќи ги на девствениот остров своите надмоќни транспортни средства и предметни блага – предизвикале урушување на традиционалните островски општества. Култот бил воспоставен врз ветувањето за преродба на народот односно врз возобновувањето на златното доба на предците. Основна култна „алатка“ за постигнување на целта било обредното имитирање на пристигањето и растоварот на карго бродовите. Најголемиот процут на карго култовите е периодот по Втората светска војна, кога на Меланезиските острови мирот ги „сопрел“ воените карго транспорти кои цела деценија носеле незамисливи количини храна, облека, лекови, оружје и опрема за јапонската и американската армија. Тој долг и несфатлив проток на добра кај домородечките заедници се претворил во фасцинација кон карго богатството кое се спушта од небото и доаѓа преку морето со фантастични метални авиони и бродови, фасцинација која - кога карго конвоите исчезнале - станала митолошка супстанца на карго култовите. Обредите од кои се состоеле карго култовите требало да ја совладаат општествената криза и да го обезбедат повторното појавување на авионските и бродските карго конвои. За да ги повикаат авионите да фрлаат храна и опрема со падобрани, островјаните ја имитирале рутинската воена постапка за осветлување и обележување на импровизираните земјани ритуални писти; поклониците изработиле дрвени пушки, а на голите тела ги сликале воените униформи, па дури изградиле дрвени авиони и кули за контрола на летовите, на кои седеле „контролори“ со изрезбарени дрвени слушалки на ушите кои ракувале со радија изработени од кокосови ореви и слама, и со антени од бамбусови стапови.

Описите и фотографиите од практикувањето на овие ритуали, речиси несопирливо предизвикуваат смеа, а чувството на супериорна емпатија – какво што развиваме кон децата – нè преплавува додека ја гледаме наивноста која создала култни предмети од дрвени и сламени макети на авиони и контролни кули, воени кантини и опрема. Сожалување предизвикува и неснаоѓањето на островјаните да ги препознаат законитостите на материјалниот свет, како и неразбирањето на политичките, пазарните и технолошките принципи според кои карго конвоите функционираат во реалноста. Но, само еден поглед на македонската реалност е доволен за да сфатиме дека постојат неверојатни структурни сличности помеѓу меланезиските „примитивни“ заедници и нашето „супериорно“ современо општество, зашто од пред некое време функционирањето на нашата парламентарната демократија и правната држава не се ништо повеќе од обредно практикување на некаков перверзен ѓоа-демократски култ, кој во сè наликува на карго култ.

На сите ни е веќе сосем јасно дека институциите на македонската демократија и на уставниот поредок се веќе неколку години потполно испразнети од својата суштинска содржина од страна на авторитарниот режим на Груевски. Ниту една институција не ја врши функцијата пропишана со Уставот на Републиката. Во Парламентот практично нема плурализам, нема политичка дебата и не се донесуваат закони, туку неписмени и неуставни акти со кои се демонтира правната држава и се дерогираат човековите и граѓанските права. Судовите не судат според законите и правдината, туку според налозите на еднопартиската власт. Полицијата не е сервис на граѓаните, туку му служи на режимот за застрашување на населението и за апсење на политичките противници. Медиумите се контролирани од режимот и имаат „слобода“ да ја емитираат владината пропаганда. Изборите се во потполност недемократски, а ги лажираат токму оние органи кои треба да го обезбедат правото на слободен избор и на фер натпревар. И така натаму. Иако е очигледно дека зад фасадите на зградите во кои се сместени институциите на македонската демократија, веќе не се случува ништо вистински демократски функционално, целото општество сеуште сосем мирно и организирано ги одржува некогаш демократските - а сега сосем испразнети од смисла - процедури и постапки, токму како обредни ритуали на некаков карго-ѓоа-демократски култ.

Македонската „демократија“ ја допре суштината на карго култoвите, која се состои во маестралната заблуда дека упорното и слепо практикување на ритуалите на култот е сè што е потребно за да се обезбеди посакуваната материјална благосостојба, а – во нашиот случај – да се обноват демократските вредности, слободите и граѓанските права. Заблудата на која „едри“ секој карго култ е дека површинската формална сличност на култните реквизити (направени од дрво, бамбус, кокос и слама) со вистински појави, е сосем доволна за да ја обезбеди исчезнатата реалност која култот ја евоцира, додека суштинските услови, околности и содржини (клучни за одвивањето на посакуваните појави), се апсолутно небитни за поклониците на култот. Македонската демократија веќе не постои, а Македонците упорно живеат во истата заблуда како и нивните меланезиски колеги: дека со ритуалното почитување на сламените институции на системот кои се потполно испразнети од демократската, правната и етичката суштина и со упорното обредно учество на лажни избори или монтирани судски процеси, ќе ја евоцираат слободата и демократијата од минатото. Тоа дека овие лажни недемократски култни обреди имаат исто толку врска со вистинските институции на демократијата како и бамбусовите макети на авиони со вистинските летала, како веќе никому да не му пречи. Или барем не му пречи доволно за да се отфрлат празните ритуали и да се преземат вистинските општествени акции за повторно воспоставување на реални демократија, медиумска слобода и граѓански права.

Македонската „карго култ демократија“ е метафора за општество неспособно да ја препознае вредноста на културните и цивилизациските придобивки кои ги изгуби како последица на нелегалното владеење на режимот на ДПМНЕ. Ние станавме општество кое одбива да се сеќава на своите родители и на цената која тие ја платиле за нашиот настанок. Поради тоа, ние сме општество кое не е подготвено да ја плати реалната цена за одржување на придобивките на слободата и демократијата; општество кое е неспособно да сфати дека почитувањето на зградите на окупираните институции на системот и на лажните недемократски законски процедури, само по себе никогаш нема да може да ги „повика“ да се вратат изгубените слободи, права и културни вредности. Имитирањето демократија со учество на лажирани избори и со почитување на одлуки на лажни судови ќе ја врати демократијата во Македонија тогаш кога ќе проработат обредните радиоапарати направени од кокос и кога од пистите осветлени со ритуални факели ќе полетаат дрвените карго авиони. И додека меланезиските карго култови делумно ја постигнаа својата цел обезбедувајќи им на островјаните некаква социјална кохезија, нашата „карго култ демократија“ го дели општеството на антагонизирани групи и на атомизирани летаргични единки кои стануваат поклоници на празните псевдодемократски култни обреди на едно мртво тоталитарно општество. Да, оригиналните островски карго култови беа автентичен обид со обреден социјален инженеринг да се надминат општествените кризи, но нашата „карго култ демократија“ е само јавна обредна маска зад која партијата за внатрешен терор ДПМНЕ практикува авторитарна клептократија и стрмоглаво ја продлабочува културно-општествена безнадежност.

Слики: Свирачиња