Стариот пак е пијан

16.10.2013 19:53
Стариот пак е пијан

За главен лик во својот петти роман „Стариот пак е пијан“, Душан Чатер се зема самиот себеси, и вистинските настани од својот и од животот на неколку негови браќа по перо и шише ги зачинува со фикционални елементи во фабула сместена во криминалистичко милје. Кон себеси како кон главен лик Чатер приоѓа без нималку нарцизам или егоцентричност; напротив, тој оди во друга крајност и на големо хипертрофирајќи ги сопствените мани, се прикажува како книжевник среде творечка криза, кој заработува за живот со т.н. рекетирање, едвај комуницира со сопругата и детето, а низ страниците на романот - под постојано влијание на кокаинскиот прав - се пробива во цик-цак движење, трезнејќи се со коитална гимнастика во креветот на љубовницата Кика... и така сѐ до денот кога една навидум рутинска рекетарска задача ќе тргне во лоша насока, па Чатер е принуден да побегне од рацете на правдата дури во Јужна Америка. Таквиот расплет се испоставува како посебно ироничен, бидејќи она што го принудува Чатер на бегство од земјата е токму неговата „писателска слава“, која, проследена со интервјуа и фотографии во весниците, му носи опасност да биде препознаен како соучесник во злосторство.

Автоиронизирајќи се себеси (во толкава мера што веќе може да се зборува и за карневализациска постапка), Чатер всушност го исмева автобиографскиот жанр и ја демистифицира книжевничката професија, а вметнувајќи во романот вистински личности од словенечката културна сцена, тој дополнително си поигрува со „високата култура“.

Чатер својата приказна со исповедна постапка директно му ја раскажува на претпоставениот читател, често му се обраќа буквално, и со тоа успешно го постигнува чувството на блискост и емпатија, па читателот честопати, иако свесен дека станува збор за „негативец“, постојано „навива“ за неговиот лик.

Ракописот е, всушност, епизодична, анегдотална низа од алки, но го краси многу прецизна структура: романот започнува со чудната воведна јужноамериканска епизода, во текот на целата книга се запознаваме со сите настани кои го довеле јунакот до тој далечен континент, а самиот крај е заокружен со враќањето во Јужна Америка.

„Стариот пак е пијан“ е исклучително динамичен роман, неретко и многу жесток и насилен, преполн со атрактивни настани и духовити дијалози. Но, покрај големата доза шарм и духовитост, Чатер на моменти ја открива и својата лирска, поетична природа, особено во секвенците каде што главниот лик зборува со синот, делот во кој е прикажан кокаинскиот сон или јужноамериканските одломки.

Романот најкратко би можеле да го окарактеризираме со синтагмата „Буковски го сретнува Тарантино“. Но, освен на фановите на споменатите, книгата сигурно би им се допаднала и на почитувачите на Фанте или Велш.

Фрагмент од романот „Стариот пак е пијан“ може да прочитате овде.

ОкоБоли главаВицФото