Граѓанскиот активист треба да е спремен да ја плати цената на својот активизам

17.10.2013 11:04
Граѓанскиот активист треба да е спремен да ја плати цената на својот активизам

Како можеме да се спротивставиме на неправдата, како можеме да направиме промени кога некои не сакаат да ги има? Дали сакаме промени или ја заслужуваме оваа тоталитарна власт која ја имаме?

Како можеме да зборуваме за промени во општеството кога ние самите сме гнили во внатрешноста, кога ние самите имаме повеќе желба за контрола во своите редови отколку што имаат партиите? Не можеме да се бориме против една неправда, не можеме да бараме промени, кога во нашите редови добро чуваме и криеме предавници, интригаши и андроиди. Кога внатре во нашите редови имаме „свесни“ граѓани кои ги потиснуваат свесните, кога имаме марионети на кои играјќи за разни страни им се исплеткале конците и сега добро си ја научиле својата игра и ја играат. Но на нивната игра никој не им дава аплауз затоа што во нивните шематски претстави веќе не верува никој и никој не присуствува. Граѓаните веќе ја научија нивната игра на интриги и лажни активистистички настапи и не можат повеќе да го привлечат обичниот грѓанин. Не можат веќе да допрат ни до срцето на оној паталец кој на улица проси за парче леб, кога ќе ги види марионетите и тој не им верува на нивните кажани зборови и се оддалечува не сакајќи да ја следи нивната добро уиграна претстава. Тоа се оние истите кои ќе ги сретнеме на секој настан, тоа се оние истите кои ќе ги видме како се приближуваат до секоја иницијатива и секој загрижен граѓанин, тоа се оние истите на кои им верував дека се вистински, но многу брзо им паднаа маските и им го видов нивното вистинско лице.

Лицето на предавството, играта и интригата, лицето на алчноста и лакомоста, лицето на уништувачите.

Или си со нас или ти нема спас, е нивната порака упатена до мене, до мојата фамилија, до нашата организација, таа е пораката која им ја упатиле на многу пред мене и успеале да ги заплашат или да ги вметнат во нивните игри, но со нас не им успева. Нема никогаш да подлегнам на тие притисоци, нема никогаш да ме попречат нивните сопки и сплетки, нема никогаш да ме одвратат нивните интриги. Нашата порака е јасна и гласна „САКАМЕ ДА СЕ ВРАТИ ВЛАДЕЕЊЕТО НА ПРАВОТО“, едноставно сакаме демократија.

Граѓанскиот активизам е од суштинско значење за опстанокот на една држава

Граѓанските активисти се лица кои обично се групираат со слични ориентирани поединци и работат за решавање на проблемите кои ги согледуваат. Граѓански активисти не се лица кои од секој проблем гледаат како да си ги задоволат своите расипнички и лакоми желби, како да си ја зголемат својата веќе добро обезбедена материјална состојба. Граѓанските активисти се борат да им го појаснат проблемот на останатите граѓани и да успеат да ја окрупнат незадоволната маса, а не да ја растурат и разделат, како кај нас.

Активистите секогаш сакаат да бидат вклучени во нови искуства.

Активистите се отворени и се големи ентузијасти, полни со нови идеи и уживаат во вршењето на своите активности. Тие соработуваат и сакаат да работат со сите граѓани без разлика на нивната определеност. Граѓански активист не е оној кој гледа само интерес, не може да биде оној кој е затворен во еден круг каде владее зборот на едниот. Активизмот не може да се развие ако не дозволуваме учество на други, не може да се развие ако седиме во удобните ресторански сали и си одржуваме виртуелни работилници во еден затворен, претходно избран круг, круг каде не може да дојде секој и не може да опстане секој кој размислува со своја глава и не работи по претходно добро испланираниот шаблон.

Граѓански активист може да биде секој граѓанин кој свесно застанува и се спротивставува на секоја неправда или нарушување на општествените и демократски принципи во една држава. Активистите делуваат на многу начини, но ненасилниот активизам е најприфатена форма на активизам. Тоа се ненасилните мирни протести. Некои активисти работат со поблаги методи како што се пишување на писма, блог постови, дистрибуираат литература, делат флаери, одат од врата на врата и разговараат со луѓе. Граѓанските активисти никогаш не се делат од граѓаните и не можат да се поставуваат во положба дека се скалило над граѓаните.

Граѓанските иницијативи служат за јакнење на свеста и вршење на притисок на оние кои треба да најдат решение бидеќи за таа работа се добро платени со пари од буџетот. Граѓанските иницијативи се еден од механизмите каде граѓаните треба да се окрупнат, соединат, но претходно треба добро да ги елиминираат недостатоците во своите редови, треба да ги отстранат марионетите и лажните поддржувачи кои од секоја граѓанска иницијатива гледаат само поле за добро зголемување на нивната приватна сметка.

Граѓанскиот активизам е непрофитна и недоходовна работа, но го исполнува внатрешнот мир кај активистите; од учество во истиот може само духовно и социјално да има придобивки. Секој граѓанин ја има титулата граѓански активист.

Тоа значи активен интерес и загриженост во врска со заедницата, општеството, државата во која живее. Тоа значи одвојување на време од приватниот живот и посветување многу труд за интересите на другите. Тоа значи и триумф, но и големи загуби и издатоци.

Граѓанскиот активист треба да е спремен да ја плати цената на својот активизам, таа е премногу голема. Цената на граѓанскиот активизам некогаш може да ви одземе сѐ што имате, но верувајте дека вреди да се плати.

Јас, мојата сопруга и мојот малолетен син веќе ја плаќаме големата цена на нашиот активизам: закани, уцени, притисоци. Ние загубивме сѐ, но не се откажуваме! Не се враќаме! Сега ќе ни ја одземат единствената егзистенција која ја имавме 25 години, заради мојот активизам ќе ми ја рушат книжарницата, ме казнуваат и секој ден го живееме со очекување на некоја нова казна за нашата непослушност, но не се враќаме, ќе одиме напред.

Нашето мото во животот гласи „Верувајте, вреди да се плати“. Нема подлегнеме на внатрешните бољшевисти кои се многу полоши од овие кои ги знаеме, нема да нѐ замолчите, народот ќе ви пресуди. Ние сме со граѓаните, а не со подлите и превртливите, ние сме со обичните и таму ќе останеме.

СМРТ НА ФАШИЗМОТ-СЛОБОДА НА СЛОБОДАТА

Влатко Ристески

Граѓански активист

 

Слики: Linda Guenste

ОкоБоли главаВицФото