Своите национални идентитети можеме да ги оствариме само здружени

17.10.2013 12:05
Своите национални идентитети можеме да ги оствариме само здружени

Никакви промени не се случија во животот на граѓаните на Хрватска од нејзиниот влез во Европската унија, или јас не ги чувствувам. Не можеше, ниту требaше да се случат, а мене и така ми е сеедно. Тоа е погрешна насока на движење на земјата која во Европската унија влезе како потстанар, и како таква не може да профитира - вели во разговор за Новости Игор Мандиќ, најпознатиот хрватски книжевен критичар, есеист, полемичар, колумнист, автор на повеќе од 30 книги, кој ја одбележа културната и јавната сцена на некогашна Југославија, Хрватска и Србија.

Неговата „маленкост“ која веќе со децении го вознемирува малограѓанскиот политички естаблишмент на овие простори, денес е своевидна метафора за интелектуалец кој е секогаш спремен да се спротивстави и да биде во конфликт.

Дали таа позиција на потстанар во ЕУ, и резервна станица за келнери и проститутки, како што изјавивте, е важи и за останатите балкански земји?

Мора да ја поднесеме судбината дека сите ќе бидеме третирани така, дека ќе бидеме потстанари од сѐ понизок и понизок степен, бидејќи Европската унија нѐ смета за помалку вредни раси, и нации, и држави. Но, таков третман и заслуживме, по многу нешта - кај нас сите институции отидоа по ѓаволите, ние сме земја каде сѐ е распродадено, украдено и дарувано, нема доволно елити кои се во состојба да го држат општеството „на куп“, на власт се или неспособни, или крадци, или медиокритети, или криминалци, а постојано се чукаме во гради, и Хрватска, и Србија, сега веројатно и Косово, дека сите отсекогаш припаѓаме на Европа, што е вистина, но и не е, ама тоа си најде идеолошки и дневнополитички цели. Ние сме земји кои европските сили лукаво ги искористија како резервоар за своето потрошувачко општество, така што и светот нѐ гледа на тој начин.

Постои ли навистина цинизам на Западот кон Балканот?

Има цинизам, само притаен, во лажна, фина форма. Но, на крајот сепак испаѓа дека нѐ исмејуваат.

Дали ставот дека е подобро да се направи нова Југославија отколку да се влезе во ЕУ, кој вие го застапувате, е одраз на југоносталгија, и кои се денес југоносталгичарите?

Повеќе нема југоносталгичари. Во Хрватска владее австро-унгаро носталгија, што веќе фактите го потврдуваат. Ние сме повторно Австроунгарија, бидејќи Австрија владее со нашите банки и други богатства, а Унгарија ги купи нашите извори на енергија, како на пример нафтата и гасот. Според тоа, Австроунгарија веќе ја запоседна Хрватска, и нормално е што на тој план повторно останавме без Србија, како и порано.

Во кој облик би било можно некое ново здружување на балканските земји, после сѐ што се случи на овој простор?

Не сум геополитичар со толку паушален размав за да можам да зборувам за тоа. Лично немам никакви идеи, и тоа што го велам за повторно обединување на јужнословенските народи и некаков сојуз на балканските земји на нов начин, се само фантазии на разочаран. После сѐ што се случи на Балканот никој не е победник. Сите се кутри, бедни, и сите се поразени. Бедата на некои триумфални настани во Хрватска, како што е славењето на „Олуја“, е баш вистински циркус. Значи, немам илузија дека можеме со соседите и едни со други, но и сега мислам дека своите национални идентитети единствено можеме да ги оствариме врз темелите на заедницата.

Што е вистинска шанса за нас кои некогаш бевме во заедничката татковина?

Во тоа е и проблемот, не ја гледам, не знам. Сѐ се распадна, и само некој крвав преврат можеби би можел да ги промени работите, а тој е одвратен.

Каков е сега односот на Хрватска и Србија, додека се гледаат од оддалеченост помеѓу Европската унија и Балканот?

Тој однос го гледам како беден, разрушен, понижен, и покрај некои економски и стопански врски кои се воспоставени, сеедно. Таа папочна врвка која некогаш постоеше помеѓу Србија и Хрватска е прекината и опасно крвари.

Како ќе заврши „војната против кирилицата“ во Вуковар?

Усташијата се разбуди, не ни заспа, ниту беше закопана, како што мислевме, и тој грозен елемент ровари во хрватското национално битие, така што ќе го уништи и самото битие. Тоа е како рак кој го јаде својот носител. Старата усташија и неоусташија се истиот рак-феномен во Хрватска, и нѐ водат во смрт. Лично, кирилицата е мое интимно писмо, подеднакво како и латиницата, го знам од мали нозе, и воопшто не правам разлика што читам на латиница а што на кирилица. Но, не е кирилицата проблем во Вуковар, таа е само изговор да се тргнат и преостанатите Срби. На кој било начин. Гледаме дека се огласија некои одбори кои се закануваат дека тие на секој начин ќе ја избркаат кирилицата, и покрај предлозите и сугестиите на хрватската влада, тие се инаетат и упорно „одат со стомна на вода, додека не се скрши“, па ќе видиме дали ќе се скрши од нашата глава, или ќе падне самата. Веќе е средина на октомври, а тоа малцинство за жал, и понатаму се разжестува, и не му го гледам крајот. Употребата на брутална сила против луѓето кои нешто говорат и протестираат не би била пожелна во една демократија, но до кога ќе биде така, не знам.

Дали и сега би рекле: запрете ја демократијата, како што изјавивте во деведесеттите години?

Би рекол, но од други причини. Воведете тоталитаризам, би рекол сега.

Денес гледаме дека на овие простори и културата и интелектуалната елита молчат, и повеќе речиси не се слушаат критички гласови?

Културата одамна ја предаде работничката класа, бидејќи побегна под закрила на капиталот, што и постојано го правела низ историјата, кога се вовлекувала под здолништето на државата и политиката. Денес повеќе никој не ја споменува работничката класа, што на хартија, што вистински, и повеќе нема основен хуман гест, а тоа е известување за правото на работникот на подобар живот. Но, речиси нема ни работници - производството во Хрватска практично исчезна, го снема, ова што го има изумира, а начелно, или во принцип или теоретски, го укинавме поимот работништво, бидејќи беше социјалистички, марксистички и одвратен. Така работничката класа е уништена и фрлена во печка, но таа и го дозволи тоа. Беше преслаба, се препушти на добробитта на социјализмот, и сега е целата очајна, и на сите страни лелека како повеќе ги немаме оние привилегии и права кои ги имавме. А како, кога работничката класа сама гласаше за сите националистички партии, и од едната и од другата страна.

Постои ли денес глобално хумана идеја во светот, како алтернатива и како бунт?

Нема хумани идеи во светот, и нема хуманистички бунт. Народот е маса која ја придвижуваат лошите страсти, додека не се најде некоја цврста идеолошко-политичка организација која може да управува со тоа, а идејата за хуман бунт не е само хумана, таа е и револуционерна, значи крвава и опасна, ако сака да биде ефикасна. Но, колку што може да процениме, таа идеја и нема некаков силен одек, нема поддршка од силите кои би биле придвижувачки, а тие сили се финансиските извори. Сѐ друго е само академско тропање и претурање од шупливо во празно. Постојат на сите страни на светот, од Америка преку Франција, до нас, до Грција, списанија со многу сериозни и силни општествено-политички аналитичари за кои ние би сакале да дадат некаква хумана визија за светот. Но, визиите се чад од една работа, тие се расплинуваат. Општествена сила имаат производствените, класните сили. Ние повеќе го немаме тоа, ние ги растуривме сите класи, односно, ја уништивме основата за општественото постоење - класната борба е претворена во националистички судири, а работничката класа е свесно префрлена во глупавата толпа, и системското заглупавување на народот го даде својот плод.

Разговарала: Радмила Радосављевиќ

Извор: www.novosti.rs

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото