Don't try (како што рекол Буковски)

17.10.2013 12:46
Don't try (како што рекол Буковски)

СЕЌАВАЊЕ ЗА ТРЕНДАФИЛОТ

Во дворот до ѕидот на куќата
имаше трендафил што цветаше
во мај така одеднаш
но повеќе не цвета стариот го
исече и искорна и насади други
трендафили на други места кои не можат
да пркнат како тој трендафил
Стариот мој немаше рака за цвеќиња
Во тој двор се исушија и други дрва
Последното што го правев во тој двор
беше еден куп земја од другиот двор
во кој бетониравме
а пред тоа ги пресадив јагодите
и потоа садев домати и сите се зафатија
со оглед дека секој ден од овие
денови на мај врне лисјата им беа
пожолтени што од многу влага
што од многу сенка
Во тој двор имаше и божур но тој божур
измрзна одамна а перуниките се веќе
одамна прецветани
Ете толку ми текнува


НЕДЕЛА ВО ПАРКОТ

Што е важна датата
на таа недела
можеше да биде било кога
дури и во идно време
под услов да е топло
како тогаш
едно попладне пред мај
од која и да е година
а ние во паркот
лежевме помеѓу една
јаворова крошна и едно
шаторско крило
послано на тревата
освен што некој те бараше
на мобилен
не правевме речиси ништо
речиси и не зборувавме
само лежевме и се бакнувавме
и ми беше убаво а се надевам
и на тебе убаво ти беше
учеше за без’рбетници
преку мене лазеше пајак
а додека си молчевме легнати
го гледав јаворот и си
мислев за него за нас за
времето што никој го нема
во кое ќе имаме дете син или
ќерка или и од двете
и сѐ ќе помине и како ние
да не сме ни биле
и што сѐ не ми падна на ум
додека лежевме молчевме
и се бакнувавме


СЕВДИ И ЈАДОВИ

Мајка ми гледа турски
серии
не слуша добро
и ако вратата е
отворена
целиот кат ечи
од нивните севди
и јадови
Малку ли ми се
моите


DON’T TRY (КАКО ШТО РЕКОЛ БУКОВСКИ)

Најпосле останува да се прашаме
која рамнотежа ја одржуваме
во што веруваме кого служиме
кој нѐ сака за да го мразиме
што грешиме кога внимаваме
поради кој личен интерес даваме
Останува исто така да ни текне
ако ни текне ако не со здравје
што сме сакале да направиме
колку револуции чуваме во
фрижидерот
како идеалите се дозирани
дали може да се допрат
и ќе им дадеме ли да ни дадат
за да поживееме додека не ни
скисне
што тоа не било тоа
до кога ќе трпиме
и што ни беше проблемот за
да стиснеме старт
молејќи се да не ни ја
исклучат струјата
Најпосле зошто сме поети
и ако пишуваме зошто го
правиме тоа
како што Буковски рекол
ако сакаш да си поет
за што и да мислиш дека вреди
и сѐ што очекуваш дека ти следи
не пробувај
поарно не пробувај

 

Александар Станојков (белешка со белешки)

(Штип, 1982)

Најпрво многу читал.

Некаде во средно (гимназија, Штип) почнал да пишува (поезија), а наскоро баталил сметајќи дека има сокласници/чки кои пишуваат многу подобро од него.

При крајот на студиите (Природно-Математички факултет, признај) пак почнал да пишува во слободно време за да разбие досада. Од тие записи тешко дека некој видел како изгледаат. Ракописот и тогаш му бил ужасен. Како што бил и уште е срамежлив, а згора на тоа гадно се... (нечитливо) ...дека пишувањето му доаѓа како средство за смирување. Овде ги цитираме стиховите од Леб и Сол:

Pravih se reci uvek kasno setim
Odgovor znam kad ostanem sam

Од оние малку пријатели кои знаат дека пишува (и од нив ли криел?) е наговорен да направи блог, ги послушува и од 2009 па наваму објавува текстови на блогот nepodoben.blog.mk.

Учествувал на неколку поетски читања, нешто во локали, нешто на Канал 103 во емисијата Свирачиња (кога нормалните луѓе спијат) и на натпревари во слем поезија.

Сака кафе без шеќер, црн чај, салати, готвење, пешачење, излежување со фино четиво или инструментална музика, да има бавча, стабилна работа со добра плата, да не го... (пак нечитливо) ...кога треба да... (и пак е нечитливо?) ...

Мерка жени во разминување и плакне очи кога минува кај бутици за долна облека. (аха, се откри) Око пусто.

Ретко оди во црква. Едно време се интересираше за исихазам, суфизам и зен (будизмот изгледа, не оној рапер ли беше или што знам).

Не пуши, ретко пие (пивото не се брои?) и од малку го фаќа.

Уште чита. И сонува. И игра танго.

Слики: Џејмс В. Џонсон

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото