Конечно, слобода во печатот!

18.10.2013 09:53
Конечно, слобода во печатот!

Денес, кога сите станавме експерти за ламентирање на состојбите во новинарството, кога сме сведоци дека секоја будала може да се прокламира за некаков журналист, конечно, добиваме еден печатен медиум, кој ,верувам, ќе има капацитет да внесе малку ред и стабилност во сферата на новинарството и информациите.

Се прашувам: кој од двата збора кои го сочинуваат името на весникот повеќе ќе фати корен кај луѓето? Дали ќе залепи - дај ми еден „печат“, или луѓето ќе викаат, дај ми „слобода“? Како и да е, убаво е што се враќа слободата во печатот.

Сакам априори да дадам една замислена дефиниција за Слободен печат, една моја надеж, дека ќе биде весник кој ќе има сопствеништво, но нема да има газда. Весник, кој нема да бара дозвола од никого, опозициски каков што ни треба, но критичен и кон сите политички и општествени фактори кои не нудат веродостојна алтернатива.

Сакам весник чија политичка линија ќе бидат Уставот, слободната информација, новинарската етика, здраворазумската критика, интелектуалната искреност, кој ќе зрачи со пркос и со идеи кои ќе ги охрабрат и ќе ги отворат хоризонтите на читателите. Да бидеме искрени, денес сите сме добри да го критикуваме Груевски, дури и лажните новинари и експерти го прават тоа, но тука верувам дека ќе пронајдеме еден поширок и посериозен дискурс за проблемите кои нѐ засегаат сите нас.

Од слободен печат сѐ уште не сме виделе ништо, но оние кои ги познаваат имињата вклучени во овој амбициозен проект на пркос и потрага по слободата (а не постои писмен човек што не ги познава), според мене можат мирно да спијат, овие луѓе се гаранција за интегритет и за квалитет. Најмногу од сѐ, сите се не само докажани и почитувани пера, туку се и искрени борци за слобода и напредок во општеството.

Тоа што особено ми се допаѓа кај имињата кои се дел од проектот е што по подолго време, ќе видиме комбинација од луѓе кои изразувале или изразуваат различни линии на критика и размислување. Сите се познаваат, но не сите работеле заедно, најчесто, во времето кога бевме сѐ уште демократија, па и денес кога сме режим, сите биле дел од различни медиуми или од власта уништени медиуми, но не секогаш со исти гледишта, многупати дури и со спротивставени. Но, денес, по години на репресија врз новинарството и слободната мисла, кога важни новинарски имиња беа прерано и присилно пензионирани или неправедно маргинализирани од режимот, ќе видиме еден спој, една хетерогена група на луѓе кои ќе работат заедно.

Би сакал тоа да биде пример и почеток на едно поголемо групирање или обединување на важни новинари, интелектуалци и не само тоа, со цел да престане фрагментацијата и евтините караници кај многу важни категории во општеството. Сакам да верувам дека Слободен печат ќе освести многу луѓе дека е неопходно да се вложува во слободните медиуми и дека ќе се најдат средства и за други нови или претходно од власта уништени медиуми.

Од тоа малку што знам е дека ќе има простор и за млади новинари, па им посакувам многу да научат од поискусните колеги. Видете, денес еден слободен и пред сѐ печатен медиум е најдоброто школо за конечно во Македонија, по подолга пауза, да се врати вистинското новинарство, да се едуцираат вистински новинари, а не само полтрони на власта или неписмени и самоименувани квази новинари. И се надевам дека и младите читатели, кои од режимот се приморани во сираштво на слободната мисла и квалитетното новинарство во печатена форма, ќе покажат голем интерес.

Од власта очекувам да биде жестока, каква што е кон неделникот Фокус, каква што беше кон нивниот дневен весник, каква што беше кон Глобус, или кој било критички печатен медиум. Верувам дека притисоците ќе бидат жестоки, но очекувам луѓето, повеќе од само солидарност, повеќе од реакција кон негативноста на власта, да покажат позитивност и автентична љубов кон слободата што верувам дека овој нов медиум ќе ја промовира.

Еве за крај и мало ЕПП: Во време кога животот на слободната мисла и новинарство се најобезвреднети, цената за нивната смрт е највисока.

Да им одговориме на платениците и на убијците на слободното новинарство со мала цена за животот на едно парче слобода. Од викендов, Слободен печат, слободна информација, за само 5 денари!

Слика: Свирачиња