Орбан ја врати Унгарија во XIX век

18.10.2013 11:49
Орбан ја врати Унгарија во XIX век

Последниве десет години Зита Гурмаи е претседателка на Секцијата на жени при Партијата на европските социјалисти која се залага за родова еднаквост и за застапеност на жените во политиката. Активна е во женските движења веќе две децении, откако е членка на Унгарската социјалистичка партија (МСЗП); ова е нејзиниот втор мандат како застапничка на оваа партија во Европскиот парламент, во склоп на прогресивниот сојуз на социјалистите и демократите. Родена е 1965 година, дипломирала и докторирала на Економскиот универзитет „Карл Маркс“ во Будимпешта.

Каква е ситуацијата денес во Унгарија, каде што на власт се премиерот Виктор Орбан и неговата христијанско-конзервативна партија Фидеш?

Дури и сега би сакале да мислиме за периодот после Орбан. Се работи за човек кој започна од младинските движења, кој беше поддржуван од Американците, кој студираше со помош на стипендиите на Сорос, а кој денес сака да има контрола над сите и кој секогаш мора да има непријатели. Сега тој е непријател на Европската унија. Пред дваесетина години неговата партија се двоумеше дали да се приклучи кон социјалистичката или либералната интернационала; конечно се одлучија за втората, но по одреден период сфатија дека тоа не им одговара, па се приклучија кон Европската народна партија. Денес во Унгарија 15 проценти од граѓаните живеат под границата на сиромаштијата, половина милион луѓе немаат ни за храна. Орбан ги презеде и медиумите: ако некој не е близок со Фидеш ќе остане без огласувачи, а оние кои се вработени таму не можат да напредуваат ако не се на страната на владејачката партија.

Ѓурчањ е човек со визија

Па тогаш, каква е ситуацијата на Социјалистичката партија?

За време на двата мандата од 2002 до 2009, кога МСЗП беше на власт многу нешта се променија. За малку ќе победевме и на изборите во 2010, кога имавме прилично рационална програма за излез од кризата. Лидерот на партијата Атила Местерхази сфаќа дека идната година не можеме да одиме сами на изборите, па се консултираме и преговараме со невладините организации и со другите партии за да излеземе како коалиција под името „Заедно за 2014“. Во овој момент коалицијата која ја води Гордон Бајнаи е некако настрана, бидејќи нивниот рејтинг од првобитните 14 проценти сега падна на шест проценти. Но добрата вест е дека нашата партија сепак успеа да се одржи на политичката сцена.

Под страшен притисок од јавноста беше и поранешниот социјалистички премиер Ференц Ѓурчањ, обвинет за корупција: какво е неговото наследство, во позитивна или пак, негативна смисла?

Поранешниот премиер беше многу популарен, а тоа го потврдија и изборите на кои социјалистите освоија 40 проценти од гласовите. Уверена сум дека Ѓурчањ не направи ништо лошо: добро вложувaше во државата, а и неговите министри беа одлични. За време на неговиот мандат беа отворени нови работни места, и за Унгарците и за националните малцинства. И неодамнешната ослободувачка пресуда покажа дека тој не направи ништо лошо. Сето тоа беше валкана игра на Орбан, кој постојано смислува обвиненија на сметка на нашите поранешни премиери, па и на Бајнаи. Упорно, како папагал, повторува како тие го направиле ова или она и на крај граѓаните веруваат во тие лаги. Ѓурчањ беше премиер шест години, се грижеше за образованието, за родовата еднаквост и за животниот стандард. Кога сфати дека веќе не треба да биде на таа функција, отворено отстапи, не сакаше да лаже како другите политичари. Сметам дека Ѓурчaњ навистина е човек со визија: веруваше дека Унгарската социјалистичка партија треба да биде отворена за центарот, па направи платформа во постоечката партија. Беше јасно дека сака Европската социјалистичка партија да добие нова сила со неа, но Унгарската социјалистичка партија не го сакаше тоа, па затоа тој отстапи и ја оформи партијата Демократска коалиција.

На жените им се закануваат со губење на работата

Со оглед на загрозувањето на многу граѓански слободи, каква е положбата на жените во Унгарија?

Сакате да почнам да плачам? Се вративме буквално во XIX век. Пролетва беше променет унгарскиот устав, а нашата партија ја бојкотираше оваа промена, бидејќи во него сега бракот е дефиниран како заедница помеѓу маж и жена. И децата родени во вонбрачни заедници сега имаат помала сигурност, намалени се давачките за нив. Загарантираната родова рамноправност е исфрлена од уставот, како и пакетот социјални мерки кој гарантираше сигурност. Во Унгарија 4,5 милиони луѓе се сиромашни, милион и половина се под границата на преживување, а најголемиот дел од нив се жени. Значи, жените се најпогодени од сегашната политика. Срамота е што се воведени и даноци за семејствата кои најмногу продираат во женската независност. Сега Орбан воведува и некои кратења, кои на крајот ќе резултираат со помалку жени на универзитетите. Го намалува бројот на факултетите на кои работат многу талентирани жени. Ваквата политика сака да провлече и забрана за секс пред брак. Земјата ни ја води голем христијанин кој некогаш беше многу либерален човек, а сега е чиста спротивност, конзервативец како десничарот Хозе Марија Азнар кој ги уназади правата на жените во Шпанија. Поради стравот на жените кои не сакаат да учествуваат во работата на Социјалистичката партија, бидејќи поради тоа би останале без работа, има многу малку жени на политичките позиции, а таа мала квота доведе до тоа на последните избори да биде избран најмалиот процент на жени во парламентот во Унгарија. Силната, машка доминација на Орбан води кон ситуација во која жените ќе имаат сè помали права.

Го спомнавте и стравот на жените да се приклучат кон Социјалистичката партија?

Се разбира, стравот е присутен, цената на кризата која ја плаќаат жените. Заради ова Унгарската социјалистичка партија има малку женски гласови на националните избори: и покрај сè што направивме во однос на ова прашање, од 1990 не успеваме да освоиме ни десет проценти од женските гласови. Основниот проблем е стравот за егзистенција, жените едноставно не сакаат да останат без работа затоа што би биле членки на Социјалистичката партија. Бев на чело на движењето на Жолтите шалови кога во 2001 година протестиравме против владата; ни се придружија жени постари од 50 години бидејќи немаа што да изгубат. Но денес овие исти жени имаат ќерки на кои претпоставените им велат дека ќе ја изгубат работата ако нивните мајки продолжат да се борат за социјалистите.

Извор: Новости

ОкоБоли главаВицФото