Три фрагменти за свињата

18.10.2013 12:52
Три фрагменти за свињата

По ѓаволите со сите сонувачи.
Многу знаат ломбаците
до кај ми допираше чурилката.
Ќе легнев овдека
и со гровтање
дури зад суводолицана
гробиштата ќе ги разбуричкав. (...)
Златни времиња. Свински.
Ене сум сега в баџа
со чад ме оклопуваат.
(Славко Јаневски, Свиња)

 

На времето таинствено се шепотеше една впечатлива југословенска приказна, веројатно вистинита, од седумдесеттите години на минатиот век. Приказната тогаш зборуваше дека некои усташки кругови во Канада нашле некоја голема свиња и на неа со црвени букви напишале „Тито“. Таа приказна се шушкаше уште во социјализмот, а преживеа до денес.

Тоа што режимот им го прави на македонските граѓани многу наликува на усташките свињарии; осма година циркусот на груевизмот шета дебели свињи низ земјата, за забава на народот, и врз нив клеветнички ги испишува имињата на непријателите за тој ден. Списокот е флексибилен и речиси бескраен, оти производството на непријатели и производството на омраза е основната дејност на режимот.

***
Следнава приказна за свињата е од еден од поновите филмови од серијалот Х-Ман. Приказната, меѓу другото, зборува и за „идентитетските прашања“, но можеби е и добра препорака (или барем утеха, фантазија, пророштво) за справување со чудовишниот груевизам....

Еден од главните ликови во филмот, Ерик (попознат како Магнето), се обидува да го улови нацистот којшто во логор ја убил мајка му. Потрагата по нацистот го доведува Ерик во некакво полупразно кафеанче зафрлено во внатрешноста на Аргентина.

Ерик почнува муабет со единствените двајца посетители на кафеаната, а тие лажно и малку иронично му се претставуваат како типични Германци; едниот е одгледувач на свињи, а другиот шнајдер.

„А ти од кај си? Како ти се викаат родителите?“, го прашуваат Германците Ерик.

„Моите родители немаа имиња. Имињата им ги земаа одгледувачи на свињи и шнајдери“, им одговара Ерик на двајцата Германци.

„Кој си ти?“, прашуваат сега веќе малку подисплашените нацистички бегалци.

„Јас сум нешто налик на Франкенштајновото чудовиште и го барам својот креатор“, одговара Ерик (кој е нешто како мутант, човек со малку поинаков генетски код) и ги парчосува двајцата злосторници.

Посакувам и на овдешните одгледувачи на свињи и шнајдери на националниот идентитет да им се случи истото.

Слики: Свирачиња