1023 hPa
93 %
6 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 09:35
СТРАВ
Се расплака еден лав на плоштадот,
почнаа страв и тага да го вијат
кога виде колкумина се во градот
во лавовски кожи што се кријат.
ПОЈАСНУВАЊЕ
Од еден лав, јасно е, посилни се два лава,
а уште посилни се десет волци
кога на исто мислење стојат.
Па затоа кај луѓето често збрки се прават:
-им се лутат на лавовите,
а всушност волците капите им ги кројат.
ИЗМАМА
Зебрата се заљуби во еден голем лав
и секој ден навраќаше во неговиот дом.
Сѐ ќе беше добро ако еднаш не ја фати страв
кога виде дека во лавовска кожа се криел коњ.
СОВЕТ
На Магарето лавовите му зборат:
„Еј, другарче, инает - полна глава;
ако треба да работиш, зар мора
секогаш некој да те мава?“
МАГАРЕШКА РАБОТА
Магарето се расплака еднаш
и побара најубавата книга да му се даде.
А кога му ја донесоа, тоа веднаш -
радосно седна и почна да ја - јаде!
КУЧЕ
И Кучето високо носот го крена,
иако нема никакво знаење;
дозна дека многумина ја ценат
дарбата за учтиво лаење.
ИГРАОРЕЦ
Ежот не е во некоја играорна група,
но за него гласови се шират
дека сепак секогаш многу убаво игра
поголемите како што му свират.
ПАПАГАЛ
Од крајот на светот дојде кај нас еден Папагал,
на изглед мошне интересна фигура,
па кога почна да суди и голем, и мал,
му дадоа почесно место во нашата литература.
КЕНГУР
Еден видовит Кенгур почна да гата,
кај нас што се случува тој сѐ знае;
па сега му дадоа добра плата
само за некои работи да трае.
АТЕНТАТ
Кибритната клечка изврши атентат,
-крај на својот живот му стави
од мака кога виде низ целиот град
дека има и други со вжарени глави.
ВЛИЈАНИЕ
Поточето виде како големата река
со безброј свиоци низ светот оди,
па и тоа, малечко, без да чека,
почна така штом се роди.
ПОУКА
Еден даб на силниот ветер му се спротивставуваше
и сега скршен во реката се дави,
а трските, кои се веднеа накаде што дуваше,
останаа исправени и здрави.
ПАТОР
Еден Патор важно оди низ двор, со крената глава,
и зборува нешто неразбирливо и за патките стари.
„Овој е многу учен, си велат тие, ќе стекне слава,
Зашто од вакви патори најубава чорба се вари.“
НАРАВОУЧЕНИЕ
Лавот рече:
„Дискусиите за денеска се доста!
Вака може да заклучиме:
од сѐ произлегува дека поуката е проста
-и од мравките може многу да научиме.“
МОЖЕ
Нилскиот коњ легнат во кал
на другите им се фали вака:
-Со олкава уста можам јас и крал
да станам само ако сакам;
зашто зборењето најмногу се цени.
А јас можам да зборам во четири смени.
ВЕТЕР
Ветерот знае силно да дува
и на ридот, и во долината.
Но, од него најмногу се чува
дрвото што стои само на голината.
НАЧИТАН
Кај кравата на ручек Коњот беше гостин,
па сакаше поголема важност да си даде.
„Е, ѝ рече, не сум таков баш како што ме гледаш, прости,
да знаеш само врз колку книги јас сум јадел!...“
Извор: Еден лав плаче од страв, НИК „Наша книга“, Скопје: 1973.
Слики: Вил Балас
Михо Атанасовски е роден на 1934 година во Скопје. Основно училиште и шест класа гимназија завршил во родниот град, а од 1955 година работи како новинар, прво во весникот „Нова Македонија“, а подоцна во РТВ Скопје. Од 1957 година е член на Друштвото на писателите на Македонија.
Автор е на книгите: Очите и измаглините (поезија, 1955), Никогаш не сум сам (поезија, 1957), Минуваат пролети (поезија, 1959), Од лав до страв (басни, 1962), Божурика (поезија, 1963), Еден лав плаче од страв (басни, 1964), Марко новинарко (раскази за деца, 1969), Во дворецот на сказните (римувани сказни, 1971), Марко новинарко (нови раскази, 1972), Река (поезија, 1975), Големиот јунак (новела за деца, 1975), Песни (1976), Тајната на едно писмо (пиеска, 1976), Има еден прозорец (поезија, 1979), Отаде реката (поезија, 1985), Куќичката со бела шамија(роман за деца, 1987), Кога се сакавме со Тинка (роман за деца, 1989), Зад де-вет гори зелени (поезија, 1990), Бамбила од другиот свет (роман за деца, 1992), Тутуле бале (поезија за деца, 1994), Цветот што носи среќа (поема 1994), Уличето со обетки од цреши (поезија за деца, 1995), Пуземаже и Цинцилин (поезија за деца, 1996), Љубовниот живот на Симсиле (новели за деца, 1998), Уличето со обетки од цреши (нова книга, поезија за деца, 1998), Вечери кај шардаванот (поезија за деца, 2000).
Добитник е на повеќе литературни признанија.
Починал во јули 2008 година во Скопје.