Од Зора до самрак

19.10.2013 11:23
Од Зора до самрак

Крајно десната политичка партија Златна зора, во 2009 година имаше поддршка од избирачкото тело од само 0,2 проценти, за три години подоцна на изборите да влезе во парламентот со осум проценти поддршка и 18 претставници. Малку повеќе од една година по тој метеорски успех, Златна зора минатата недела доживеа апсење на дваесетина свои претставници и извесна перспектива дека ќе ѝ се суди како на „злосторничка организација“. Повод за тоа е убиството на грчкиот музичар Павлос Фисас, 34 годишен рапер со антифашистички светоглед, кого на 17 септември во атинското предградие Кератсини со нож го уби поддржувач на Златна зора.

По тој настан од Министерството за внатрешни работи веднаш беше испратена листа со злосторства до Врховниот суд за кои се верува дека се извршени од страна на припадници и поддржувачи на Златна зора, со барање партијата да се прогонува како злосторничка организација и со тоа да се овозможи нејзината забрана. По итната процедура донесена е и одлука партијата да престане да се финансира од државниот буџет. Уапсени се 22 членови на партијата, меѓу кои и претседателот Николаос Микалолиакос и неговиот заменик Кристос Папас, а тоа беше првото апсење на лидер на политичка партија од крајот на воената диктатура во 1974 година. Извршени се претреси на станови и партиски простории, при што се пронајдени големи количества оружје и пари, како и нацистички сувенири како знамиња со свастика и портрети од Хитлер.

Од неодамна објавениот извештај на државното обвинителство се дознава дека Златна зора се сомничи за „11 видови злосторства како што се убиство од небрежност и убиство со предумисла, обиди за убиство, вооружени грабежи, детонирање експлозивни направи, нанесување тешки телесни повреди и нарушување на јавниот ред и мир“. Медиумите споменуваат и перење пари, уцени и изнуди, формирање и тренирање паравоени единици и физички напади на емигранти со поинаква боја на кожата кои ги спроведувале банди со припадници и поддржувачи на партијата во рутинските „патроли“ на атинските улици, вооружени со ладно оружје. Во извештајот се наведува и дека групата „која за првпат се појавила во раните осумдесетти, се трансформирала во политичката организација Златна зора со политичко и оперативно крило, при што оперативното крило спроведува насилни напади против оние кои организацијата ги доживува како непријатели“. Таканаречените „јуришни единици“ располагаат со вештини „како оние кои служат во елитните единици на вооружените сили на Грција“, а „оружјето се чува на непознати локации во близина на камповите за тренинг“. Се споменува и дека организацијата е структуирана врз основа на нацистичкиот fürherprinzipa, при што „овластувањата на лидерите се свети и неспорни“, додека „емигрантите, Ромите, инвалидите и сите кои не ги прифаќаат идеите на организацијата се сметаат за пониска раса“.

За коментар за случајот беше прашана Сапхо Ксенакис, криминолог од Правниот факултет на Универзитетот во Лондон, која се занимава со организираниот криминал и која ни рече дека раководството на Златна зора досега „преземало одговорност само за нападите на емигрантските трговци од тезгите, но одбива вмешаност во многу други инциденти како претепувања, напади со нож и убиства, со кои ги поврзуваат многу медиуми и невладини организации“.

- Како што на големо се известуваше во медиумите, грчката полиција и судството долго време недоволно квалитетно ги процесирале злосторствата за кои се верува дека ги направиле припадници и поддржувачи на Златна зора, заради што денес постојат многу малку службени докази за тие злосторства достапни во јавноста. Заради тоа размерите до кои разузнавачките служби ги забележувале овие злосторства ќе ѝ станат достапни на јавноста во текот на процесот кој се води во моментов – ни рече Ксенакис.

Во пресрет на полициската акција суспендирани се седум полицајци кои се сомничат за поврзаност со Златна зора, двајца се уапсени, а еден дал отказ заради „лични причини“. За инфилтрацијата на припадниците на Златна зора во разузнавачко-безбедносниот апарат, Толис Малакос од лондонскиот универзитет Метрополитан пишува дека шефот на полицијата во центарот на Атина во последните седум години ги заштитувал припадниците на Златна зора кои во квартот спроведувале „рекет“, апсејќи ги емигрантите кои биле малтретирани од десничарите, а во неговата куќа исто така биле пронајдени оружје, шверцувана стока и адреси на емигранти.

Исто така, грчките медиуми ја анализираа поврзаноста на Златна зора со војската и полицијата, на пример, дневниот весник “Ethnos” објави заеднички фотографии од припадниците на Златна зора и специјалните антитерористички единици, додека еден поранешен член на партијата, на телевизијата Alpha News рече дека војската „секогаш ги пуштала во своите центри за обука“. Кога станува збор за финансиската поддршка, дневниот весник “Kathimerini” пишуваше дека Златна зора ја финансирале „бродарски тајкуни, кооперанти, адвокати, можеби и една банка“, па дури и „демократските партии“ со цел спречување на изборниот успех на ЛАОС, уште една партија од радикалната десница.

Исто така, Сапхо Ксенакис ни рече дека „постојат бројни наоди дека токму симпатиите за десниот екстремизам меѓу грчката полиција и војската се причина заради која злосторствата не се доволно добро документирани, но и причина за општата пасивност, па и поддршката на полицијата на десничарското насилство“.

- Постои страв и дека делови од војската се исто така наклонети кон Златна зора, до таа мера што наводно помагале во тренирањето на десничарската милиција. Симпатиите за екстремната десница се споменуваат и во контекст на судството, па сите овие фактори заедно сугерираат дека ќе биде потребна исклучително силна политичка волја и акција за да се искоренат таквите нелиберални и антидемократски практики распространети во државните институции – вели Ксенакис.

Токму заради таквите појави и наспроти ветувањата на грчкиот премиер Антонис Самарас дека „ќе го искорени срамот од неонацизмот“, во грчката јавност се појавија сомнежи за цврстината на случајот кога по три дена, сите освен еден од уапсените се пуштени од притвор, уште повеќе што од Златна зора тврдат дека обвинувањата се темелат на незаконски спроведеното прислушкување. Излегувајќи од затворот, припадниците на Златна зора ги туркаа новинарите, а нивните поддржувачи извикуваа: „Крв! Чест! Златна зора!“. Лидерот на партијата, 56 годишниот Микалолиакос, кој од притвор се закануваше дека ќе ги повлече од парламентот своите 18 претставници, а тоа би довело во предвремени избори, рече дека владата се обидува да ја дискредитира партијата пред локалните избори следната пролет и „дека оние кои ја демонизираат Златна зора ќе бидат одговорни ако земјата влезе во нов циклус нестабилност“.

Со оглед на жилавата „репутација“ на корумпираноста на грчката политика, бројни аналитичари ја дочекаа оваа акција на владата со скепса. Тие се прашуваат зошто коалициската влада со партиите од десниот центар, Нова демократија, од левиот центар ПАСОК и Демократската левица, ја покренаа акцијата токму сега, а не порано, иако канцеларијата на грчкиот правобранител во последните неколку години на репресивните органи им проследи податоци за 300 случаи на расистички напади кои се поврзуваат со Златна зора. Исто така, напоменуваат дека премиерот Самарас, пролетта 2012 година јавно зборувал за „окупација“ на грчките градови од страна на илегалните емигранти, дека ја спречил либерализацијата на законот за државјанство и ја покренал операцијата “Xenios Zeus” со која илегалните емигранти биле апсени и затворани во кампови.

На владеачката Нова демократија ѝ се забележува за политикантскиот пристап кон проблемот за десничарското насилство, односно манипулација со тој проблем со цел да ја зацврсти сопствената политичка позиција. Многумина аналитичари напоменуваат дека Нова демократија секогаш, а особено по исклучителниот успех на левата СИРИЗА на изборите минатата година, прибегнувала кон таканаречената теорија за двете екстреми со цел дискредитација на таа партија. Откако на изборите СИРИЗА стана втора најсилна партија, со само два проценти помала поддршка од онаа што ја доби Нова демократија, оваа другата почна да ја заострува својата десна реторика за да ги придобие избирачите на Златна зора. Така, на пример, во почетокот на оваа година 85 претставници на Нова демократија покренаа иницијатива дека никој, што не ѝ припаѓа на грчката раса, не смее да служи во војската и полицијата.

Истовремено, Нова демократија се противеше на донесувањето на законот против говорот на омразата, тврдејќи дека законот не се занимава доволно со левичарското насилство. Повикувајќи се на долгата историја на левичарското насилство во Грција, која се протегала од граѓанската војна на левицата и десницата за време на Втората светска војна, преку воената диктатура од 1967 до 1974 година, па до појавата на движењето 17 Ноември активно сè до раните деведесетти, Нова демократија континуирано ја обвинуваше СИРИЗА дека е подеднакво пронасилна и антидемократска, за да може во исто време да ја дискредитира СИРИЗА и да ги привлече избирачите на Златна зора. Но, бидејќи Златна зора веќе неколку месеци, а особено по убиството на музичарот Фисас, бележи континуиран пад на поддршката, се претпоставува дека токму тој факт го одредил тајмингот на акцијата против партијата, затоа што Нова демократија проценила дека ударот на Златна зора ќе оди во нејзина корист.

Некои аналитичари пропаста на десничарскиот популизам директно ја поврзуваат со мерките за штедење кои се спроведуваат во Грција под диктатот на Меѓународниот монетарен фонд, Европската унија и Европската централна банка. И покрај двојниот бејлаут и придружните намалувања, во Грција сè уште се намалуваат платите, се воведуваат дополнителни даноци, БДП и понатаму се намалува за пет проценти годишно, додека невработеноста достигна 30 проценти, а меѓу младите 60 проценти. И покрај мерките, директорот на Европскиот стабилизациски механизам Клаус Реглинг неодамна изјави дека на Грција наскоро ќе ѝ треба нов пакет за помош за да не банкротира. Комбинацијата од осиромашувањето и невработеноста, губење на суверенитетот и слабеењето на системот заради корумпираноста и неефикасноста на главните политички партии, е проверен контекст за раст на десниот популизам.

Но, Толис Малакос од универзитетот Метрополитан напоменува дека економската ситуација во Шпанија и Португалија е многу слична со онаа во Грција, но дека таа не резултираше со ваков раст на десниот популизам. Тој пишува дека „посебноста на Грција“ се состои во тоа што „полицијата во многу случаи активно соработувала со неонацистите, правосудството немало волја да ги процесира истите, а владите не реагирале на постојаните предупредувања“. Од друга страна, пишува Малакос, грчката левица исто така придонесе за растот на екстремната десница со фактот дека се поделила на активисти кои се борат исклучиво на улиците и оние кои само се противат на штедењето, што ги приближува до гледиштата кои за тоа прашање ги има екстремната десница. Малакос тврди дека официјалната левица со години ја блокирала секоја реформа со која појавите како Златна зора можеле да бидат спречени, наместо да работела на формирање поширок антифашистички фронт.

13.10.2013

Извор: http://www.novossti.com

ОкоБоли главаВицФото