Богата програма на Плакарт 2013

19.10.2013 18:44
Богата програма на Плакарт 2013

По минатогодишниот 5 јубилеј од постоењето на Асоцијацијата на дизајнери - Плакарт и крунисувањето на истиот со првата балканска изложба на дела од Александар Родченко на почетокот на 2013 година што се одржа во Музејот на современа уметност, време е да го прославиме 6от Скопјепостер фестивал, кој кон крајот на октомври и првата половина на ноември ќе понуди богата културна програма.
Помеѓу 18 октомври и 15 ноември ќе може да посетиме презентации/работилници на светски реномирани графички дизајнери, изложба на постери од овогодинешниот конкурс „Citizen2020” и изложби на членовите на меѓународното жири, забава и дружење со жирито и за прв пат - изложба која ќе може да се погледне на различни локации низ градот.
Централниот настан, свеченото отворање на изложбата на најдобрите постери од конкурсот „Citizen2020“ ќе се одржи на 4 ноември во Младинскиот Културен Центар, во 20 часот.
Претседател на жирито кое од пристигнатите над 1900 постери традиционално ќе избере 3 најдобри решенија и 7 почесни ќе биде Мирко Илиќ, легендарниот дизајнер од екс-ју просторите кој има свое дизајн студио во Њујорк и е вброен од страна на магазинот Design USA меѓу 50. највлијателни во светот. Жирито ќе го сочинуваат и нашиот Небојша Гелевски од Кома Дизајн автор на впечатливи кампањи со претпознатлив дизајнерски стил и Франсоис Каспар, французинот кој ја создаде уникатната веб-алатка за оптимизација на трошоците во процесот на изготвување на дизајнерски решенија, своевиден посредник помеѓу клиентот и дизајнерот.
Шестото издание на Скопјепостер фестивалот започнува на 18ти октомври, петок, во 18 часот, во Concepts37, каде ќе биде отворена ретроспективната изложба на најдобрите постери од изминатите 5 години. Целосната програма погледнете ја на
www.skopjeposter.com.
Автор на овогодинешниот дизајн на впечатливата аутдор кампањата е Славимир Стојановиќ, минатогодишниот член на жирито, најнаградуваниот балкански дизајнер кој е магнет за публиката од екс-ју просторите.