Громот удри во предвремени избори?!

21.10.2013 10:51
Громот удри во предвремени избори?!

Луѓето отсекогаш верувале дека ударот од гром е нешто многу ретко и непредвидливо. Тоа е рефлекс од минатото, кога, дали под име на Зевс или на Тор, громот е сфатен како каприц или како апсолутна моќ на божествата. Јас верувам дека и кај нас, во политичка смисла, громот е последица на една апсолутна моќ, но тоа не го прави ништо помалку предвидлив. Денес мислам дека можеме да дадеме одговор на прашањето: каде мава нашиот политички ГРОМ?

Вчера, Стевче Јакимовски ја состави ударната екипа на неговата партија - ГРОМ. Избрано е потесното и поширокото раководство, и партијата со тоа е речиси целосно екипирана. Откако ги собра советниците на својот печат - партнер Милетиќ, Стевчо најави дека собрал и неколку независни кандидати за градоначалници кои покажале добри резултати, а не биле приклонети кон ниту една од двете поголеми политички партии. И сево ова екипирање е со цел ГРОМ потоа да понуди визија за Македонија.

А каква визија и политика на еквидистанца од двете главни партии може да понуди човекот кој ја изигра една од клучните улоги во уништувањето на Отпорот? Зарем е можно некој што отворено заиграл во интерес на власта и режимот, и тоа во клучен момент за опозицијата, да се претставува како некаков вид алтернатива?!

Прво, човек што се покажал во јавноста како предавник или како конвертит, не може да глуми алтернатива, а уште помалку да нуди некаква визија. Второ, сржта на неговата партија се неколку од најсебичните и најпропаднатите елементи од СДСМ, кои од лукративни и од лични интереси најдоа корист во исполнување на сценаријата на ДПМНЕ. Понатаму, кај Стевчо има членови од фиктивната и владина конструкција корисна за збунување на гласачите, нарачена СДУ, и нормално, членови на неизбежната Српска напредна странка.

Притоа, веројатно ви текнува колкав беше притисокот врз градоначалникот од Карпош пред да ја изигра својата неблагодарна улога за режимот! Секој ден го решетаа со прес-конференции и протести, еден вид на тренинг за тоа што денес се случува во Центар, за сега општина Капрош да функционира како бубрег во лој, како пријателска филијала на режимот! Дури и Стевче, ослободен од притисоците на власта и охрабрен од нивната поддршка, почна да ги копира нивните недемократски методи на владеење. Направи од општината Карпош машина за регрутирање на гласови и воведе списоци за вработените, исто како и оние на ДПМНЕ за администрацијата.

Сето тоа уште еднаш потврдува дека Стевчо и ГРОМ се само уште една од конструкциите и инсталациите на ДПМНЕ, користени да ја реализираат агендата која власта ќе им ја диктира. Е, сега, откако Громот удри по Отпорот, откако власта си направи опозициона партија ( нешто слично на позитивците на Бучко и Зиков), со која би ги легитимирала следните недемократски избори, сега, ГРОМОТ мава директно во актуелизирање на темата за предвремени избори.

Комплетирањето на ГРОМ не треба да се толкува како нова партија, нова визија или каква било алтернатива, туку како уште еден чекор, кон неизбежните предвремени избори кои треба да се случат напролет. Како што напоменав, функцијата на ГРОМ е повеќекратна. Една од целите, нормално, е да се создава раскол кај опозицијата и да се освојуваат гласови во кампусот на левицата, другата е за да се релативизира дека постои и опозиција на опозицијата, демек, некој си неутрален и успешен. Третата и најлоша причина е за утре, кога ДПМНЕ повторно ќе организира нефер и недемократски избори, со мртви и непостоечки гласачи, со луѓе од Пустец, со притисоци и поткупи, некој како Стевче, да освои доволно гласови, неколку пратеници и со тоа да го легитимира режимот пред светот оти и опозицијата е задоволна од изборите.

И сега кога е формиран ГРОМ, доаѓа време за нивната најнова задача, а тоа е да ја легитимираат тезата на ДПМНЕ дека на Македонија ѝ се неопходни предвремени избори. Нивната визија ќе биде дестилиран спин од владејачката партија. ГРОМ ќе ни тврди дека Македонија е заглавена во политичка криза предизивикана од двете главни партии, дека за реализација на нивната алтернатива и во интерес на граѓаните, а пред се оние неопределените, треба да отидеме на избори.

Оттука, секој политичар кој покажува активитет, а нема однос спрема режимот, односно нема став спрема упропастената демократија и државата во целина, не заслужува да се третира сериозно. ГРОМ, совршено се акомодира на страна на режимот и стана уште партија-слуга на Груевски, еден од мноштвото сателити. Тоа што си даде звучно име ја прави целата оваа „игранка“ уште потрагикомична. Громот ќе удри во коприва.

Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото