На велосипедите, со љубов

21.10.2013 11:14
На велосипедите, со љубов

Како изгледа кога еден врвен уметник ќе се позанимава со темата на велосипедизмот и активизмот во сообраќајот, најдобро покажува контроверзниот Аи Веивеи.

По изложувањето на својата неверојатна инсталација под името „Forever Bicycles“ во 2011 година во Музејот за применети уметности во Тајпеј, еден од најпознатите кинески современи уметници и политички активисти, Аи Веивеи, и оваа година брилјираше со својата работа на истата тема, но на друга локација, на манифестацијата La Nuit Blanche (Бела ноќ) одржана во Торонто. Бела ноќ е годишен целовечерен уметнички фестивал кога сите музеи, галерии и други културни установи од тој вид се отворени цела ноќ и центарот на градот се претвора во отворена уметничка галерија, создавајќи простор за разни уметнички инсталации.

Оваа година Аи Веивеи направи реконструкција на своите инсталации од Тајпеј. Во Торонто се одлучи за храбар потфат правејќи гигантска струтура која е широка 30,5 метри и висока 9 метри. Тој поврза меѓусебно 3.144 велосипеди во тридимензионален лавиринт низ кој гледачот и корисникот визуелно и физички може да се движи. Главниот подвижник на ваквата идеја е освестеноста која уметникот сакаше да ја поттикне, поврзувајќи ја со визијата за превозот и неговото влијание врз околината и човекот денес. Веивеи употреби предмет кој се користи секојдневно во сѐ поголем број, како што е велосипедот, претворајќи го во елемент кој добива апстрактна форма. Додека гледачот се движи низ просторот и ги менува аглите на визурата, инсталацијата изгледа како нејасна матна слика, речиси како урбана илузија, своевидна фатаморгана. Движејќи се околу инсталацијата и во неа, самиот гледач има впечаток како и таа да се движи со него, така што и двајцата се во постојана меѓусебна интеракција.

Оваа инсталација се наоѓа на плоштадот Нејтан Филипс, доминирајќи пред градското собрание, и е главна атракција на годинешниот фестивал во Торонто. Инсталацијата ќе биде изложена за посетителите до 27 октомври.

Извор: pogledaj.to

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото