Големиот принц Арчибалд Арчи

21.10.2013 16:02
Големиот принц Арчибалд Арчи

(...) И сè е под негова власт,
и кит и клен.
Така од час до час
и луѓето му станаа плен.

И ѕвездите од тага болуваа
на Арчибалд Арчи сите му робуваа.

Земјата му би по мера чевел,
небото - капа:
жеден заглушно реве,
испива океани,
полипи и кораби лапа.

И жеги ли се или ветришта дуваат,
без прекин е врева,
овците ги стрижат и ги потстрижуваат,
планина од волна се крева.

Луѓето,
од прв до заден,
готват за принцот гладен.

Се влачи,
се преде,
се ткае,
под роса и слана
принцот голем и сјаен
со ткаенини го хранат.

Се вјаса.
Не се надвјасува.
На Арчибалд ништо не му стасува.

Луѓето,
глави да сочуваат,
до кожи се соблекуваат.

Кожите на сонце им горат,
ни елек ни гаќи на нив.
Последниот со последен чорап
принцот го храни.
Го гостат со коси и бради
на Арчи сè му се слади.

И ништо. Јадењето не стасува.
Најголемата утроба
не се надвјасува.
Попусто сите ја полнат
на планетава пуста
со бради, коси и волна
а ќелавите дури и со мустаќ.

Принцот со муцка жолта
сè што ќе му се даде
голта и голта и голта
и пак е гладен.

***

(...) Во меѓувреме Арчибалд Арчи
се сврте кон коњските гриви
и кон опашките волчји,
лапа кожи на ѕверови диви,
се дебели, расне и молчи.

И кога излапа сè до грло несит,
шепна: „Царицата мила
погача да ми меси
од брашното на своите крилја.“

И без да си ја шине вилицата
Арчи ја голтна и царицата.

Зема Арчи и зема
сè од куглата земна,
потоа и царот го снема
во утробата темна.

***

Што ќе јаде Арчибалд сега?
Сè што можел изел.

Ременот од глад го стега,
ременот од глад го гризе.

Празниот желудник му зјапна
од невидена буна.
И од прегладнетост напнат
ја голтна и својата круна.

По круната, сè уште гладен
и страшно палаво палав,
тој себеси се јаде,
тој себе си е залак.

Сега голем и предив
во својата утроба седи.

Слики: Свирачиња

Сродни песни:

Ти си само плашлив зајак!

Си бил еднаш еден цар

 

ОкоБоли главаВицФото