Неповратно

22.10.2013 08:47
Неповратно

(од книгата Десперадоси и номади)

 

1.

Б. е хипохондрична. Од кога нејзината просечна телесна температура е 37,1 степени Целзуисови, постојано измислува болести. И сите се смртоносни и бавни. Мултиплекс склероза, хепатитис Ц, сида, леукемија, рак на кожа, рак на дојка, рак на црниот дроб. Сите можни видови рак. Во фиоката веќе има цел албум на рендгенски снимки на внатрешните органи и наоди. Три пати беше на тест за сида. На преглед за мултиплекс склероза, кај дерматолог, на мамографија, ректоскопија, колоноскопија, гастроскопија, рендген на белите дробови, сликање на мозокот барем два пати. Редовно оди на јога, на три различни видови јога, секојдневно вози велосипед, и трча по угорница за да им обезбеди доволно кислород на клетките. Базените ги избегнува заради мочката и високата концентрација на бактерии во хлорираната вода. Ретко изглегува во клубови, зашто во нив има премногу вируси и чад. Спие осум часа дневно, за да не го ослабне својот и онака лабилен имунолошки систем. Наутро веднаш вежба, јаде и работи. Нејзиното мени е едноставно, составено од сите видови овошје и сиров или полуварен зеленчук, риба, понекогаш пилешко, маслиново масло, нелупен црвен ориз, снегулки од полно зрно, оревести плодови, биолошко обработени семки и дестилирана вода. Тоа е нејзиното оружје во борбата против слободните радикали, пестициди, емулгатори и канцерогени концентрати. Б. е многу строга со себеси. Сѐ и тече по план. Ѝ недостасува само време за љубов, за ослободување на хормонот на среќа. Заробена е во безвременоста на коцката составена од непознат број помали коцки, во клаустрофобичен лавиринт проникнат со невидливи пипки на смртта. Во секоја соба демне различна стапица и четири врати кои не водат никаде.

2.

М. е главно ведра личност, иако живее на работ на амнезија. Со години, секогаш во истиот кошмар сонува завивање на полициски сирени и група скинхедси, нивните мазни, избричени глави, нивните цврсти чекори облечени во цокули, кои веднаш зад нејзиниот грб маршираат низ Пикадили, низ Блумсбери, по преполните улици на Сохо. Добро знае, кога ќе ја стигнат, ќе го изгуби разумот. Ако го изгуби разумот, ќе биде мртва. Ќе биде исто како да умрела. Во будна состојба понекогаш е уште полошо. Опкружена е со механички очи, невидливи пипки на надзорот. Всушност, можат да бидат насекаде: во цевките на радијаторот, во телефонот, во штекерите, во светлото. Уловена меѓу индексите на берзата, справите за прислушкување и камерите за видео-надзор на далечинско, помеѓу азбестот и катранот на напуштените фабрики, во светот на каки-боја панталони, најки, хамбургери и coca cola, во Bowling for Columbine, во светот во кој солидарноста е само носталгија, само збор кој исчезнува, каде револуцијата е само утопија, таа пропаѓа во црни дупки, во празна бездна без памтење. Вели дека по следниот џоинт веќе нема да се врати.

3.

А. е инсомнична и депресивна. Живее во градот на соништата. Во полусон, талка низ лавиринтите на магичниот реализам. Отуѓена од себе, од луѓето, од иднината, од историјата. Изгубена помеѓу денот и ноќта, помеѓу вуду кокошките и петлите, помеѓу прозак и апаурин. Да не беа тие потези, одамна ќе беше мртва. Жива закопана. Млитаво, слабо, рамнодушно тело, што едвај се одѕива. Бледо месо, без проток на крв, без рефлекси, без адреналин. Нејзина стратегија на преживување е потполното преобразување. За миг, во секој ходник од лавиринтот таа го менува својот пол, облик, кожа, крв, цртите на своето лице. Секој пат е поинаква. Како крадливка на тела, без сопствен одраз во огледалото.

4.

П. е клаустрофобична, дислектична, работохолична и декадентна. Смрт во Венеција е нејзин омилен роман. Кога ќе помисли на смртта, го гледа филмското умирање на Густав фон Ашенбах: сиво небо, полупразно летувалиште, студен ветер, развлечени дини во запурнината на белите маглини на попладнето, влажен песок, плиток залив, крупни парчиња пот кои ја топат пудрата на неговото лице. Неговото млитаво, старо и болно тело, што полека се лизга на столот. Лифтовите и тунелите ја потсетуваат на скапување на трупови, на мразот во мртовечницата, на мртовечка капела и на гробови. Погребите ги избегнува во голем лак. На последниот, беше тоа погреб на мајката на некој познаник, избега од гробиштата. П. ги меша зборовите и имињата. Најчесто тогаш кога гласовите на другите ќе ја натераат да направи скок во времето. Тогаш низ тенката пукнатина се враќа од временските стапици на рабовите на хоризонтот на случките. Експериментите, авантурите, комплицираните односи се нејзина авенија на соништата. Полињата кои горат под црвеното небо. Повикот на Сирените, од кој никогаш нема да избега.

5.

Г. е меланхолична, носталгична, загледана во времето кое никаде не почнува и никаде не завршува. Загледана во галаксиите, во синкавите планети, во маглините, во проѕирните суштества, во цивилизацијата на љубовта. Понекогаш суицидална. Уверена дека дваесет и седмата е првата клучна станица во животот. Старост, во која се случува промена, макар цената за тоа да е смрт, прекин на материјалното постоење. Мазохист, изгубена во слепа точка, во болката на неисполнетите копнежи. Фетишист на поезијата и естетиката на еротските слики од филмовите и романите. Два, три снифа, виски, малку техно, Rapture, LCD Sound System, Radio 4, треперење на стробоскопот и веќе е расположена за љубов. Веќе купува карта за возот кој ја вози до крајот на сеќавањето. Опкружена со андроиди, суштества без чувства, патува во 2046 година, таму од каде никој не се вратил. Осамена, опкружена со сино. Бојата на арктичките длабочини, кристалите на соништата, бојата што ја сака.

6.

Д. е хедонистка. Љубителка на жени. Некогаш беше опседната со нив. Како и со филмовите за Alien и стриповите за Dylan Dog. Како и со видеоспотови и јапонски цртани филмови. Хорорите и кинетичките трилери се нејзинот жанр. Армегедон е нејзината футуристичка фантазија. Понекогаш ѝ се чинеше дека не живее вистински. Дека само постои. Терминално тело, прикачено на оптички влакна, составено од месо, чипови, бакарни жици и вени низ кои тече црвена течност. Фрагментарно постоење, потонато во поле на рециклажа, во море на електромагнетни бранови, во сјајот на сонцето на видеосигналите. Киборг, клон, химера. Виртуелна егзистенција. И тогаш одеднаш се разбуди. Ја маѓепса ритамот на нејзините зборови. На места синкопиран, како што еднаш и самата кажа.

8.

Осамени луѓе сме во своите осамени светови. Понекогаш се среќаваме, но главно сме сами. Нашите силуети во матните стакла на ноќните бистроа се одразуваат во неповрат.

Наташа Сукич (1962) учествувала во основањето на Лезбејската секција LL во рамки на ŠKUC, коуредник е на L, zbornik o lezbejskom pokretu u Sloveniji. Објавила две збирки кратки раскази - Десперадоси и номади (ŠKUC-Vizibilija, 2005) и Деца на ноќното цвеќе (номинација за Dnevnikovo fabulo, Vizibilijа, 2007) како и романот Молците живеат во прав (Vizibilija, 2010). Во 2013 излегува нејзината нова збирка кратки раскази Кино (Litera, 2013). Инженер е по електротехника, живее во Љубљана.

Превод: Николина Андова

Слики: Jon Sours

ОкоБоли главаВицФото