Чикашкиот супермаркет

22.10.2013 09:44
Чикашкиот супермаркет

Победивме со идејата конечно да се собори империјалистичката експлоатација, да му ставиме крај на странскиот монопол и да ја довршиме аграрната реформа. Исто така, како влада ќе бидеме одлучни во контролата на трговскиот увоз и извоз, ќе ја спроведеме национализацијата и ќе се ослободиме од странските кредити – беа зборовите на Салвадор Аљенде, новиот чилеански претседател, изговорени во инаугурациската ноќ во ноември 1970 година. Тогаш, 62 годишниот Аљенде, кандидат на широката лева коалиција (социјалистите, комунистите и уште четири леви партии) наречена Народно единство, победи на претседателските избори два месеци претходно.

Сè што порача таа ноќ од балконот на зградата на Универзитетот во Сантијаго, Аљенде во мандатот, насилно прекинат со воениот удар три години подоцна, оствари или започна во ветената насока. Кон средината на 1971 година владата донесе една од најважните одлуки – онаа за национализација на рудниците за бакар, главната чилеанска извозна суровина, кои дотогаш беа во рацете на американските корпорации. Беше започната реформата на школството, а вратите на универзитетите беа отворени за домородното население. Беа обезбедени половина литар млеко дневно за децата од најсиромашните слоеви – мерка по која Аљенде остана особено запаметен. Веќе во првата година од мандатот значително беше намалена стапката на невработеност, а беа зголемени платите и пензиите. На оние што не поседуваат земјиште, со аграрната реформа им беа распределени 59 проценти од обработливата земја, која дотогаш беше во рацете на големите земјопоседници.

Десните сили не успеаја да го поразат Аљенде ниту на парламентарните избори во март 1973 година, па затоа преминаа кон друго сценарио; три месеци подоцна најпрвин ќе се одигра неуспешниот воен пуч, како своевидна увертира за тоа што ќе се случи на 11 септември истата година. Шефот на генералштабот Августо Пиноче – само еден месец претходно на тоа место го постави претседателот – со воен удар ја сруши демократски избраната власт, а Аљенде смртно настрада во претседателската палата. Војската, Црквата, САД и „момчињата од Чикаго“ можеа да тргнат на работа...

Зошто Аљенде денес им е важен на левите сили и зошто е добро да се потсетиме на 11 септември 1973 година, објаснува лингвистот и публицист Мате Каповиќ.

- Аљенде е интересен како прв социјалистички/марксистички претседател кој е избран на избори во рамките на капиталистичкиот парламентаризам, т.е она што со старомодниот речник би се нарекло буржоаска демократија, а денес премногу често и во левицата многу невнимателно (и опасно) едноставно се нарекува „демократија“. Како и неговите наследници од почетокот на 21 век (Чавез, Моралес, Кореа), случајот на Аљенде никако не е неважен како пример за тоа дека вистинската левица може да дојде на власт не само со оружје туку и со користење на можностите кои до некоја мера ги овозможува системот на либералната капиталистичка демократија. Тука секако не треба да се упадне во волунтаризам и неосновано воздигнување на поединечните политички искуства и успесите закотвени во специфичните локални и временски услови на ниво на општи методи на политичкото делување, но овие примери никако не се небитни денес, кога многу протестни движења барем несвесно често се (прото)анархични – вели Каповиќ.

Коалицијата беше составена од повеќе фракции, од кои некои бараа порадикални политички потези, а Аљенде се обидуваше да пронајде консензус со делови од граѓанството, па и со оние кои не беа наклонети кон неговите идеи. На крајот не успеа, а после сè Чиле стана она што се нарекуваше „диктатура на доверителите“. Податоците зборуваат дека во периодот на воената хунта имало 80 000 интернирани политички затвореници, дека режимот на Пиноче ликвидирал преку три илјади луѓе и дека повеќе од триесеттина илјади од нив ја поминале тортурата во режија на хунтата и новата тајна полиција (DINA).

Непосредно по победата на десните сили, Чиле станува поле за експерименти во режија на Милтон Фридман и неговите колеги од чикашкиот универзитет. Иако Чиле по неколку години отстапува од монетаризмот на Фридман, последиците од неолибералната контрареволуција, која по Чиле се сели во Израел, па во Велика Британија, САД итн., денес и тоа како ги чувствуваме сите.

- Неолибералната контрареволуција го започнала својот глобален поход пред 40 години во Јужна Америка. Тој поход земал дополнителен замав во 1989/1990, по пропаста на реалсоцијализмот, а всушност не го поколеба ниту големата криза од 2007/2008 година, и покрај повременото симболично појавување на Маркс во мејнстримот и подемот на протестите ширум светот. Мерките за штедење, новото свето писмо на светската капиталистичка економија, се логично продолжение на Вашингтонскиот консензус. Левицата, и покрај кризата и понатаму е на колена и е неспоредливо послаба отколку што беше пред еден век, а на сето тоа нема вистински одговор. Добар показател за тоа е честото свртување кон кејнзијанското мочуриште, особено на синдикалната левица, кое не може секогаш да се оправда со тактички причини. Се разбира, крајот на Аљенде во исто време е и потсетник за лековерните реформисти, ако такви има сè уште, дека системот нема тукутака да ги трпи оние кои се обидуваат да го загрозат и дека во клучен момент многу лесно ќе ја симне својата демократска маска. Притоа не треба да се мисли дека состојбата значително се променила од 1973 година и дека денес не може да се повтори такво нешто. Бруталноста на тој државен удар можеби и нема да се повтори, но државните удари не се само појава во минатото: доволно е да се сетиме на Венецуела во 2002 година, Хаити во 2004 година, Боливија во 2008 година и Еквадор во 2010 година, каде САД повторно беа замешани, иако сите тие пучови не успеаја – набројува Каповиќ.

Кога станува збор за Чиле денес, новиот лев бран од 21 век сè уште не го зафатил во форма на освојување на власта, но големото и милитантно чилеанско студентско движење покажува дека духот на Аљенде во таа земја сè уште не е мртов.

- Меѓутоа, надежта на светската и европската левица во моментов е грчката Сириза, за која многумина посакуваат да ја освои власта како и Социјалистичката партија на Аљенде. Но, иднината на Сириза не е извесна. Како прво, не е нималку сигурно дека воопшто ќе дојде на власт, а како второ, ако ѝ успее тоа, работата нема да биде лесна (како што не беше и за Аљенде). На Сириза, со сите најдобри намери, добри потези и ненасочување кон опортунизмот, ќе ѝ треба многу среќа. Како и вообичаено, станува збор за парадоксот дека е невозможно да се убеди мнозинството во нужноста за радикално свртување во ерата на просперитетот, а во ерата на кризата, кога тоа е полесно, таквото свртување е речиси невозможно да се изведе безболно во практиката, особено во институционалната прегратка на неолибералните ѕверови како што е ЕУ – заклучува Каповиќ.

Извор: http://www.novossti.com

Слични содржини

Свет / Теорија / Историја
Свет / Теорија / Историја
Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Активизам / Свет / Психологија

ОкоБоли главаВицФото