Како феминизмот стана послушник на капитализмот

22.10.2013 10:39
Како феминизмот стана послушник на капитализмот

Феминизмот обично подразбира дека со борбата за еманципација жената создава подобар свет - поправеден и послободен. Но, во последно време се јавува страв дека идеалите кои први почнаа да ги заговараат феминистките, сега почнуваат да служат за други цело.

Конкретно, се поставува прашањето дали критиката на сексизмот не стана оправдување за новите облици на нееднаквост и експлоатација?

Во овој случај, постои ли опасност женското ослободително движење да се здружи со неолибералните тежнеења за изградба на општество со кое владее слободниот пазар? Тоа би објаснило зошто феминистичките идеи, кои порано беа дел од еден радикален поглед на свет, сега сѐ повеќе се изразуваат во индивидуалистички термини. Некогаш феминистките го критикуваа општеството кое промовираше кариеризам, а сега им советуваат на жените „да се прилагодат“. Движењето кое ставаше нагласок на општествената солидарност, сега ги слави претприемачките. Движењето кое ја ценеше меѓузависноста, сега промовира индивидуален напредок и меритократија.

До сево ова дојде поради промените во самиот карактер на капитализмот. По државниот капитализам во повоениот период, на сцената стапи нов, „неорганизиран“, неолиберален капитализам. Вториот бран на феминизмот настана како криткика на првиот вид капитализам, но сега стана послушник на вториот.

Од сегашна перспектива може да видиме дека женското ослободително движење укажа на две различни можни опции за иднината.

Според првото сценарио, замислен е свет во кој родовата еманципација оди рака под рака со партиципативната демократија и општествената солидарност; според второто, ветен е нов облик на либерализам кој на жените и мажите би им овозможил индивидуална автономија, зголемена можност за избор и меритократски напредок. Вториот бран на феминизмот во таа смисла беше амбивалентен. Со оглед на тоа дека беше компатибилен со двата погледи на општеството, беше подложен на различни историски елаборации.

Амбивалентноста на феминизмот последниве години се разреши во корист на второто, либерално-индивидуалистичко сценарио, но не поради тоа што феминистките беа пасивни жртви на неолибералното заведување. Напротив, самиот феминизам даде три важни придонеси во развојот на неолибералните идеи.

Првиот придонес беше феминистичката критика на „семејната плата“ - семејството во кое мажот заработува, а жената останува дома, што беше клучен идеал на државниот капитализам. Феминистичката критика на тој идеал сега служи како оправдување за „флексибилниот капитализам“. Жените сѐ повеќе почнаа да учествуваат на пазарот на труд и идеалот „семејна плата“ е заменет со современата верзија - семејство кое се состои од двајца вработени, која феминизмот, судејќи според сѐ, ја одобруваше.

Не е важно што тој нов идеал во стварноста значеше помали плати, несигурни работни места, намален животен стандард, зголемување на бројот на работни часови по домаќинство, и општ раст на сиромаштијата, особено во домаќинствата кои ги водат жени. На тој начин неолиберализмот ја искористи феминистичката критика на семејната плата за да ја оправда експлоатацијата, и ја употреби борбата за еманципација на жената со цел да акумулира капитал.

Феминизмот даде уште еден придонес за неолиберализмот. Во периодот на државен капитализам, феминистките со право го критикуваа ограничениот политички поглед кој беше толку фокусиран на класната нееднаквост што ги занемари останатите „неекономски“ неправди како семејното или сексуалното насилство. Отфрлајќи го тој економски аспект и фокусирајќи се на личниот, феминистките го проширија политичкото дејствување за да ја доведат во прашање статусната хиерархија која почиваше на културална конструкција на родовите разлики. Тоа требаше да резултира со ширење на борбата за правда, како во културната, така и во економската сфера. Но резултатот всушност беше еднонасочен фокус на „родовиот идентитет“ по цена на сите останати политички прашања.

Уште полошо, феминистичкото свртување кон политиките на идентитетот беше премногу усогласено со растечкиот неолиберализам чија цел беше да се потисне секое сеќавање на општествената правда. Феминистките најмногу се фокусираа на критика на културниот сексизам, токму во моментот кога околностите бараа да се посвети двојно поголемо внимание на критика на политичката економија.

Конечно, третиот придонес на феминизмот за неолибералните идеи беше критиката на патернализмот на државата на благосостојба. Иако за време на периодот на државен капитализам таа критика беше прогресивна, подоцна се стопи со неолибералната војна против „државата дадилка“ и нејзиното цинично прифаќање на невладините организации. Пример за тоа е „микрокредитот“, програмата на малите банкарски кредити за сиромашните земји од југот. Претставен како феминистички лек за потчинетоста и сиромаштијата на жените, се занемари фактот дека тој кредит се појави токму во мигот кога државите се откажаа од макро-структуралните напори за борба против сиромаштијата. Проектот чија првична идеја беше демократизација на државната моќ за да ги зајакне граѓаните, сега се користи за да се озакони комерцијализацијата и државното штедење.

Во сите овие случаи, амбивалентноста на феминизмот беше разрешена во корист на (нео)либералниот индивидуализам. Но второто, солидарно сценарио, сѐ уште е можно. Затоа феминистките треба да ја прекинат опасната врска со неолиберализмот и да ги бараат назад своите три „придонеси“ по свои сопствени услови.

Тоа значи дека најпрво треба да се прекине сомнителната врска помеѓу критиката на семејната плата и флексибилниот капитализам, така што ќе се заговара децентрализација на платениот труд и вреднување на неплатените активности. Потоа, треба да се обедини борбата за трансформација на статусниот поредок кој почива на маскулинитетни културни вредности со борбата за економска правда. Најпосле, би требало да се одвои лажната врска помеѓу критиката на бирократијата и слободниот пазарен фундаментализам, така што ќе се бара враќање на партиципативната демократија како средство за јакнење на моќта на јавноста, што би го ограничило капитализмот и би ја зголемило праведноста.

Извор: The Guardian
Слики: Патрик Џеј Марфи

Слични содржини

Општество / Активизам / Свет / Психологија
Општество / Квир / Теорија
Општество / Активизам / Став
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Теорија

ОкоБоли главаВицФото