1021 hPa
87 %
9 °C
Скопје - Пон, 14.10.2024 07:59
Дури и денес, во ерата на голем технолошки напредок и постојани напори за постигнување целосна родова рамноправност, жените ширум светот се соочени со апсурдни културолошки, политички и општествени опресии.
За тоа говорат и статистичките податоци. Судејќи според резултатите од последниот попис во САД, Американките заработуваат 77% од платата на своите колеги на иста позиција. Податоците на ОН за 2008 година говорат дека една третина од жените за време на својот живот се претепани, присилени на сексуален однос или злоупотребувани на друг начин. ОН располага и со застрашувачки бројки дека жените работат две третини од работите во светот, заработувајќи само 10% од вкупната заработка во светот. Статистиката на Светската здравствена организација е немилосрднa: секоја минута, секој ден една жена умира на породување. И покрај тоа што жените сочинуваат една половина од светската популација, жените заземаат само 15,6 места во парламентите ширум светот.
А за оние за кои овие податоци не се доволно понижувачки, организацијата UN Women при ОН која се занимава со проблемите на жените ширум светот, креираше рекламна кампања составена од фрази и поими поврзани со жените кои Гугл автоматски ги нуди при пребарувањето. Судејќи по кампањата зад која стои агенцијата Memac Ogilvy & Mather Dubai, и Гугл потврдува колку сексизмот, нерамноправноста на половите и постојаната дискриминација на жените се присутни во денешниот свет.
Така, при пребарувањето на синтагмата „жените не би смееле“ Гугл ги нуди предлозите: „не би смееле да имаат права“, „не би смееле да гласаат“, „не би смееле да работат“, а при пребарувањето на „жените би требало“ некои од предлозите се „жените би требало да бидат робови“ и „жените би требало да бидат во кујна“.
Од организацијата UN Women велат дека овие предлози на Гугл се само уште еден доказ дека големата борба за права и еднаквост на жените е далеку од готова.
Извор: The Guardian