Јама за темел

23.10.2013 11:32
Јама за темел

Матрицата на владеење на Груевски е школски пример за авторитарни, па и тоталитарни тенденции. Башка што и самото општество, длабоко заглавено во една несогледлива криза (која има разнородни аспекти: финансиски, гео-политички, идентитетски...), испраќа многу сигнали во истата потенцијално многу опасна тоталитарна насока. Ако, како на општество, ни се случи таа историска несреќа на еден подраматичен начин да „проработи хемијата“ меѓу водачот и неговите фрустрирани поданици - тогаш нема да ни бидат од помош ниту толпата „наши“ олимписки богови ниту христијанското тројство, т.е. моноцентричниот севишен лично!

Веќе сега солидно го кркаме стапот заради погрешно избраните стратешки политички правци на актуелната владеачка гарнитура. И сегашниов пад, значи, е огромен. Секое понатамошно истрајување на сегашните глупи политики (водачот мисли за сите; водачот арбитрира за сè: и за книгите кои ќе се печатат и за автобусите во кои (не) ќе се возиме, и за моралните прашања, и за историјата...) ќе значи сè потешко пронаоѓање на магистралниот пат (кој води во ЕУ, нема никакви дилеми; иако во моментов предводничката банда од слепци, сосе флејтите и стаорците во придружба, нè ака низ балканските севременски мочуришта каде што, како во музеј со восочни фигури, времето просто ги замрзнало древните пизми на бандите кои со боздогани налетуваат едни на други, низ маглите и калта).

Еве неколку слики низ кои ги гледам тоталитарните тенденции на власта. Во чудесниот роман на Андреј Платонов, Јама за темел (напишан 1930, а објавен дури 1987), може да се види од каде произлегува фантастичниот преродбенички ентузијазам наречен „24/7“. Работниците херојски ги копаат темелите за една огромна зграда („стокатница“) која ќе биде дом на пролетерите од целиот свет. Жарот на работниците е незгаслив, не постои начин да престанат со копањето:

„Што сакаш да кажеш, да престанеме да работиме?“, прашуваше Чиклин. „Можеме да извлечеме уште кубен метар, или метар и пол, и нема смисла да престанеме пред тоа.“
„Но, морате да престанете да работите“, се бунеше надзорникот. „Веќе работите повеќе од шест часа (иако е недела), а законот си е закон.“
„Законот е само за изморените“, се уфрли Чиклин, „а јас сè уште имам сила, пред да ми дојде сонот. Кој се согласува со мене?“, ги запраша сите околу себе.
„Има уште доста до мракот“, извести Сафранов. „Зошто да живуркаме, кога можеме да ја завршиме работава. На крајот на краиштата, ние не сме животни, ние можеме да живееме само од ентузијазмот.“

Ќе укажам на уште еден пример од истото железно време, кој ја илустрира неверојатната сервилност на цели огромни делови на македонскиот естаблишмент спрема својот „пастир“. Тоталитаризмот, во случајов сталинизмот, ги прави луѓето инфантилни. Тие зависат исклучиво од државната моќ и од милоста на своите водачи. Мудроста на раководството не може да биде доведена во прашање. Дури ни хероите на советското општество не можеле да стигнат до зрелоста којашто нивните достигнувања симболички требало да ја претстават. Чкалов, првиот авијатичар кој од Москва, патувајќи преку Северниот пол, стигнал до САД, набрзо по потфатот (во јуни 1937 година) го објавува текстот под наслов „Нашиот татко“:

Тој е нашиот татко. Авијатичарите на Советскиот сојуз ја нарекуваат советската авијација - Сталинова авијација. Тој нè учи, одгледува, нè предупредува на опасностите како деца што му се прираснати за срце; тој нè изведува на прав пат, им се радува на нашите успеси. Ние, советските пилоти, секој ден го чувствуваме неговиот со љубов исполнет татковски поглед. Тој е наш татко. Гордите родители наоѓаат нежни, искрени, охрабрувачки зборови за секој од своите синови. Сталин своите авијатичари ги нарече „орли“.Тој своите орли ги праќа да летаат и ги следи каде и да одат, а кога ќе се вратат, тој ги свива крај своето со љубов исполнето срце.

Една од причините зошто СДСМ многу често наликувал на ВМРО е што неодоливо потсетуваат на пилотот Чкалов токму актуелните „орлиња“ произлезени од широкото сдсмоовско гнездо (голем дел од тие „инкубирани орлиња“ често прелетувале во разни други гнезда, совршено акомодирајќи се, на пример, на националистичките идеолошки матрици на ДПМНЕ зацврснати низ фашистичките студентски протести 1997 година).

Уште Хегел го објасни механизмот („егземпларен случај на илузија“, за кој често пишува Жижек) со кој сегашниве десни болшевици се пресметуваат со „лажниот капитализам“ (кој, според нив, го направија „комуњарите“ со „лоповската приватизација“); но, десниве популистички болшевици не сфаќаат (или се прават дека не сфаќаат) дека нивното противење на тој „лажен“ капитализам и „лажна“ демократија всушност е противење на капитализмот и демократијата воопшто, т.е. дека тие се, а не екс-комунистите, вистинските политички наследници на најмрачните аспекти на социјализмот. Заправо, како што врви времето, јасно е дека нааканиот наци болшевизам не само што ги ползува тоталитарните матрици од времето на социјализмот, туку и придобивките од т.н. транзиција: речиси сите транзициони моќници, уредно плаќајќи рекет и бацувајќи рака, денес се во таборот на перверзната власт (која во еден екстремно недемократски амбиент дури користи и демократска реторика - што е врв на мимикријата и перверзијата!).

Во секој случај, да се вратиме на темата, токму фактот што некои граѓани во Груевски ја препознаваат старата социјалистичка дисциплинирачка матрица (а младите, пак, ја откриваат нејзината едноставна заводливост), е една од причините за неговиот политички успех. Се разбира, актуелната режимска тоталитарна матрица е „надградена и проширена“ и во својата форма и суштина - обидувајќи се да биде баш тотална, т.е. лажно обединувачка - таа е синкретичка (токму како формата и суштината на целокупниот груевизам: СК014).

Затоа не би сакал текстов да се разбере како поистоветување на левиот и десниот тоталитаризам. Само укажувам на некои нивни структурни сличности, ловејќи историски аналогии.

Слики: Свирачиња

Утрински весник“, 12.01.09.

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото