За диктаторот

24.10.2013 06:03
За диктаторот

Преку својата официјална страница, Владата им соопшти на граѓаните дека: „Новиот концепт Менаџмент етика ќе ги унапреди позитивните резултати во администрацијата и услугите кон физичките и правните лица“.

Во информацијата се вели дека: „Владата на Република Македонија е суштински посветена и работи на унапредување на администрацијата, и тоа во насока на обезбедување на професионална, стручна и способна администрација која ќе е вистински сервис на граѓаните и компаниите, физичките и правните лица, а своите обврски кон нив ќе ги извршува ефикасно и ефективно. За таа цел досега се преземени многу мерки и активности, многу закони и законски измени се донесени и се реализирани многу проекти. Сега, откога е поставена и надградена таа основа која почнува да дава резултати, одиме уште еден чекор понапред во реализација на стратегијата.“

Во случајов нема да зборувам за уништувањето на Агенцијата за администрација, нема да зборувам за апсолутната партизација на администрацијата, ниту за уништувањето на кариерното напредување базирано врз професионалноста, искуството и стручноста. Нема да зборувам ни за понижените, уплашени административни работници кои се потполно блокирани во својата работа од сеприсутниот страв од партискиот егзекутор. Нема да зборувам за илузорноста и апсурдноста да се зборува за етика на несамостојна, партизирана, слабо платена, незаштитена администрација која работи во услови на апсолутно владеење на неправото и промоција на корупцијата како највисока вредност. Нема да зборувам ниту за тешкотиите да се поставува покрив таму каде што уште не се изградени ни темелите, а ѕидовите се уште само далечна визија.

Овде ќе зборувам само за „настанот“ на кој Груевски ќе зборува пред 3.000 раководители во државната администрација.

Според мене, самиот настан претставува акт на рушење на идејата за непартиска админситрација која својата работа ја базира на законот и процедурите, а развојот на стручноста, компетентноста и искуството.

Имено, кога партискиот водач ќе ја свика на масовен митинг елитата на администрацијата која во најголем дел припаѓа на политичката опција на тој водач, тоа е акт на диктат, а не акт на развој. Тоа е акт на манифестација на моќ и барање за беспоговорно, апсолутно, слепо потчинување.

Кога масовен митинг (3.000 луѓе) ќе се се опише како „групна средба на премиерот и владините министри, односно првото ниво на управување и раководење, со второто и третото ниво на извршната власт. Тоа е јасна отвореност и транспарентност, и соодветен начин на споделување на идеите за понатамошен напредок и постигнување на резултати, но и согледување на предизвиците и полињата каде има помал прогрес и интензивирање на реформите во оваа сфера.“, тоа претставува исмејување на секој администратор посебно и на администрацијата во целина.

Имено, на вакви митинзи може да се наложува, може да се информира, може да се наредува, може да се аплаудира, може да се прифаќа нешто со акламација, може да се слушнат овации, ама не може, НИКАКО НЕ МОЖЕ, да се споделуваат идеи, да се согледуваат предизвици, групно да се согледува или да се разговара за што било.

Според официјалната информација, на овој настан ќе стане збор за објаснување на концептот и „Посебен акцент како што кажува и името на концептот ќе биде ставен на етиката која во својата суштина опфаќа модел на однесување кој нуди продуктивност, ефикасност и ефективност…“.

Ова повторно нѐ враќа на кецарошите кои ја водат државата и кои немаат елементарен капацитет да разберат за што станува збор.

Имено, целта на етичкиот менаџмент не е да обезбеди ефикасност и ефективност, туку да ја додаде етиката кон ефективноста и ефикасноста кои не се остваруваат преку етиката туку врз основа на знаење, компетентност и искуство (види Compatibility of Public Administration Systems and Ethics Мanagement или Promoting Ethics in the Public Service или Comparative Study on the Public-service Ethics of the EU Member States

И секако, повторно доаѓаме до проблемот на диктатурата, која нема поим што е тоа јавна расправа, што е тоа развивање на модели од професионалци, нема поим што е тоа партиципација и градење на систем кој произлегува и е прифатен од оние на кои се однесува, а не октроиран од некој партиски врв кој си игра држава. И секако, нема поим за процесите на прилагодување на одредени модели кон комплексниот систем со цел градење на конзистентна машинерија која може да функционира, а не Франкенштајн кој нема шанси да проработи затоа што и не е наменет да работи туку да создава привид на функционална алатка (со многу мал акцент на привид).

П.С. Секоја сличност на настанот со презентираните фотографии е случајна и ненамерна.

Извор: kvadraturanakrugot.crnaovca.mk