Планот за Скопје на Кензо Танге

24.10.2013 05:32
Планот за Скопје на Кензо Танге

Во плановите за реорганизација и реконструкција на југословенскиот град Скопје (со 172.000 жители во 1961 година), од кој 65% беше срушен во земјотресот од 1963 година, Кензо Танге ги разви своите идеи за изградба на градот според токискиот план и ги примени во конкретната ситуација. Идеите што овде ќе ги конкретизираме имаат далекусежно значење за иднината на овој интернационално планиран град. Во 1965 година Танге беше замолен од Обединетите Нации да учествува на конкурсот за реконструкција; исто така беа поканети и југословенски проектантски бироа, Славко Брезовски, Александар Ѓорѓевиќ, Радован Мишевиќ, федор Вензлер и Едуард Равникар, како и четири странски архитектонски фирми (Ван ден Брок и Бакема, од Холандија, Луиџи Пицинато од Италија, Морис Ротивал од САД и Кензо Танге од Јапонија). На 31-ви Мај 1965 година Танге го изнесе својот план, кој доби 60% од првата награда, додека 40% му беа доделени на југословенскиот тим на Радован Мишевиќ и Федор Вензлер од Загреб (прва фаза).

Жирито составено од претставници на Обединетите Нации - директорот на проектот на ООН, Адолф Циборовски, Љубе Пота, директор на Урбанистичкиот завод на град Скопје и Ристо Галиќ, директор на Институтот за планирање и архитектура, предложи соработка меѓу двата тима што ја добија наградата. Освен тоа, бирото на Танге побара услуги и од Кивоши Мито и Тошихидо Хисада, стручњаци за земјотреси.

Регионалниот план на град Скопје, изработен од грчката фирма Доксиади Асс. и една полска група, го остави отворен центарот на градот на површина од 2 квадратни километри, со цел за оваа област да се изработи подетален елаборат на реконструкционата шема, во облик во кој тој, чекор по чекор, беше реализиран од 1965 година од тимот на Кензо Танге во кој работеа и Арата Исозаки, Садао Ватанабе, Јошио Танигучи во соработка со југословенските архитекти. Танге и членовите на неговиот тим не само што изработија нов концепт за погодна реконструкција на центарот на градот, туку исто така се залагаа да го премостат јазот меѓу планот на хартија и практичната реализација (втора фаза).

И така во третиот ревидиран план, тие датоа конкретни архитектонско - урбанистички предлози со што ја покрија целата структура на центарот на Скопје и некои индивидуални клучни комплекси. Најбитните елементи на структуралната реорганизација на градот се „Градската порта" и „Градскиот ѕид". Целата оваа област е сместена и обмислено организирана во согласност со овие две фокусни точки (трета фаза).

Во концептот на Градската порта Танге ги опфати сите функции на комуникации и деловни операции. Планирано е сите постојни сообраќајни системи да се вкрстат во оваа точка: движењето на железницата, автомобилите, автобусите и пешаците. Железничката станица е планирана како надземна структура. Потоа различните нивоа се вертикално расчленети и дополнети со пешачки зони и паркинзи. Сообраќајниот јазол исто така има функција на трансформирање на брзиот сообраќај во локален сообраќај.

Придружниот центар на Градската порта се состои од канцеларии, библиотека, банки, салони за изложби, три кино сали, хотел, продавници, ресторани - сите поврзани со железничките и автобуските терминали. Тука Танге продолжи со развитокот на две архитектонски тенденции кои веќе беа присутни на повеќе нивоа, пројавени уште во 1960 година во планот на Токио како структурален елемент при изградбата на централниот офис, и организацијата на вертикално поредени станбени трактови во одделени сервисни кули и операциони нивоа; овој систем тој веќе го провери со експериментот што прв пат го изведе во Комуникативниот центар на Јаманаши во Кофу.

Сепак, и двата елемента се тука елементи на еден поголем целосен контекст. Со Градската порта Танге извлече нова оска на градот кон запад, паралелно со реката Вардар, централната географска особеност на градот. Бреговите на реката од двете страни се искористени за центарот на градот. Фокусните точки, како од архитектонски така и од урбанистички поглед, се следниве: Плоштадот на Републиката со два музеја, зградата на СКЈ, судот, туристичката област, Градскиот плоштад со градски салон, народна библиотека, кино сали и Муниципален универзитет, Градско собрание и Народен универзитет. Можно е да се изведе и пешачка зона што ќе ги поврзува најглавните зони на централниот дел на градот.

На другата страна на реката стариот правец оди во друг правец: под прав агол северно од Градскиот плоштад доаѓа Плоштадот на Слободата, на спротивната страна со два музеи, Операта, балетскиот театар и балетското училиште, една црква, хотел и училиште.

Ова на север продолжува во Чаршија со музеи, фолклорни објекти, продавници, ресторани и стоковни куќи. Во оваа област неоштетените објекти по земјотресот беа вклопени во новиот план. Тука е сместен и Народниот универзитет.

Градскиот ѕид претставува за Танге втор одредбен структурален елемент на градот. Со овој израз тој го именува костурот сочинет од високи станбени згради. Масивните редови на Градскиот ѕид ја потенцираат целината на градот. Тие се сместени во тап агол јужно од новата оска и продолжуваат аналогно на северната страна. Овој систем дозволува доведување станбени објекти во урбаниот центар со нивното архитектонско значење. Овде е применет системот на вертикални високи кули и хоризонтални станбени нивоа каков што има на Кофу. На влезовите на блоковите Танге ги дуплираше кулите.

Планот на Танге е егземпларен со тоа што структуралните елементи, Градската порта и Градскиот ѕид, имаат програмско и симболично значење. Тој е исто така егземпларен со тоа што функционалните и другите значајни карактеристики се координирани во една современа заедница. Градот исто така поседува еквилибриум врз база на неговите потреби со еден дизајн кој е и урбанистички и архитектонски. Основната преокупација на Танге беше да му даде структурален облик на просторот. На теоретски план тука Танге го пречекорил традиционалниот функционализам. Иднината ќе покаже дали скопјаните сакаат да живеат во просторна реалност што е замислена на тој начин или не.

Извор: А, списание за култура на просторот; број 2, 1985 г.

Слични содржини

Јавни Простори / Скопје 1963-2013
Скопје 1963-2013

ОкоБоли главаВицФото