Војна

24.10.2013 06:41
Војна

Војната штотуку почнала, а веќе има вести за сериозни загуби. Кафеаните се преполни; се дискутира за евакуација на музеите. Минува еден одред коњаници облечени во долги наметки во боја на пустински песок. На ракавот имаат знак: златножолт кенгур, свртен на десно. „Кои се па овие?“ „Тоа се доброволци кои нашиот конзул ги собрал во Сиднеј; тие пристигнале со подморница“. „А коњите?“ „Какви се тие глупави прашања, коњите се наши, тукашни“. „А зар имаме подморници?“ „Имаме, се разбира, само тоа се крие“.

Пукотници насекаде, а јавна тајна е дека главниот снабдувач на армијата со оружје има љубовница во странство. Нејзе ѝ купувал ѓердани со розови бисери во Хонгконг, а тенковите што ги нарачувал се од ламарина.

Поштата не работи, но сѐ уште има неколку места каде што може да се добие добра скара.

Доаѓа веста дека се направени пропусти во одбраната и дека, поради тоа, непријателот ги зазел Железничката станица и Географскиот институт. За Станицата - и така и така, ама Институтот! Каква е тоа војна без географски карти! И навистина, без помошта на прецизните растојанија, без точно назначените места на планини зад кои можеме да се засолниме, и на клисури низ кои би можеле да го изненадиме непријателот, наскоро сѐ се сведува на кафеански дискусии. „Ви велев јас“, вика еден пензиониран генерал, „ви велев!“ - ама ни самиот тој веќе не се сеќава што велел, а ниту точно се знае со кого сме сега во војна.

Расказот е преземен од книгата „Седмата страна на коцката“ во издание на Магор.
Слика: Чарли Спеар

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото