Режимот е нервозен

24.10.2013 06:57
Режимот е нервозен

Музејот ги искара новинарите зашто протестирале пред него. А бидејќи и музејот, впрочем, е зграда, и не може да зборува, гласот на музејот му го позајми пастирот, а музиката, следствено, партиските фрули.

И така, кара судот, ќе кара и музејот. Фрулите запиштеа: насилно сакале да влезат во музејот, иако на никого тоа не му падна на памет. А и ќотекот е воспитна мерка, излезена од рајот. Понекогаш, како денес, и новинарите храбро ќе изедат и по некој пендрек и клоца под штит. Оти одбиваат да бидат соучесници во превоспитување на општеството според денес општоприфатливите шибицарски манири.

Новинарите и дел од граѓаните кои беа повикани јавно вчера (да потсетиме, ова не беше само новинарски протест, како што свират фрулите, јавно стои повикот на интернет, па џабе и спиновите чуму не-новинари на протестот), денес пружија достоинствена партија, во која без сила го поразија режимот и неговите фрули. Освен поддршката за Кежаровски, која очигледно расте, денес новинарите и граѓаните го бранеа и уставното право на слобода на движење и слобода на протест, кое беше брутално прекршено од полицијата. Демонстрантите не беа насилни и само се обидоа да пристапат до местото каде што имаа намера мирно, со молк да протестираат, што им беше оневозможено, со сила.

Режимот е нервозен, оти знае дека ова негово соголување го виде цел свет, го видоа граѓаните. Режимот исто така треба да знае: следниот пат ќе нѐ има повеќе, а ќе бидеме и поподготвени. На насилството да одговориме со уште повеќе ум и дух. Денес секој трет џандар се смееше. Наскоро ќе почнат да паѓаат и штитовите.

Извор: Фејсбук профилот на авторот