Пронајдени заеднички гени кај ноевите и академиците

24.10.2013 10:05
Пронајдени заеднички гени кај ноевите и академиците

Скопје, 24 октомври 2013

По обемното истражување во неговата приватна лабораторија, научникот Љубомир Дарвинчев открил дека ноевите и македонските академици имаат заеднички гени.

Дарвинчев дошол до ова сознание по две години напорна работа, споредувајќи одредени дејства и реакции кај членовите на МАНУ и ноевите, за подоцна да сфати дека меѓу нив постојат големи сличности.

„Најпрво мислев дека академиците имаат исти гени со мечките, кои долго време спијат во зимски сон, но сфатив дека грешам, затоа што нашите академици спијат постојано, без разлика на годишното време“, вели Љубомир Дарвинчев.

Тој додава дека пикањето на главата во песок на академиците пред секое порелевантно прашање и посериозен проблем, игнорантскиот однос кон стварноста и секојдневното аутистично поведение кај него ги расчистиле сите дилеми.

„Станува збор за гените ТРП-Е 1, ЌУТ-И 2 и КОМФО-Р 3, кои постојат и кај ноевите и кај членовите на МАНУ. Останува дополнително да ја истражиме еволуциската патека која довела до оваа сличност“, објаснува Дарвинчев.

Тој вели дека неговите истражувања нема да застанат овде, туку ќе бидат спроведени и врз целата културна и општествена елита, која покажува слични симптоми како академиците.

Анонимни извори од МАНУ, по откритието на Дарвинчев, најавуваат можност академијата да го промени името во Македонска академија на ноеви и уплашени, но ова за сега останува во доменот на шпекулациите.