Градоначалници

24.10.2013 11:59
Градоначалници

Беспоштедната политичка битка, што се прекршува преку претстоечките локални избори, всушност, го открива нашиот индолентен однос не само кон базичните демократски принципи (владеење од базата кон врвот, односно од локалното кон централното), туку целосното непочитување кон урбаната култура како начин на живеење. Имено, работите околу бојкотот на опозицијата на локалните избори сосема прецизно го дефинираат нашиот однос кон улогата на таканаречениот „градски татко“.

Парадоксално, но токму бојкотот на изборите, кристално јасно и фокусирано покажува дека локалните избори не се ништо друго туку вообичаена битка за политичка превласт, односно дека евентуалните визии за развојот на еден град или една општина се ставаат во длабок втор план, зад директните партиски интереси. Во верзијата на македонското сфаќање на политиката, голиот број освоени советнички и градоначалнички места е многу поважен од можноста некоја општина да добие лидерство какво што заслужува.

Конечно, и во условите на опозицијата за да се врати во Парламентот и за да учествува во изборите стои дека ако освои барем еден глас повеќе од позицијата мора да се распишат парламентарни избори. Со други зборови, победата на локалните избори (без оглед за која партија станува збор) се сфаќа како пораз на политиките на соперничката политичка сила, а не како волја за вистинско решавање на комуналните проблеми. Затоа, во суштина, станува збор за кандидати кои, базично, се партиски апаратчици и кои своето место на советничките листи, па и во градоначалничката трка го здобиле не со својот урбан авторитет, ниту како некакви локални визионери, туку врз основа на заслугите за партијата.

За волја на вистината, живите генерации и не помнат некој друг однос кон локалната самоуправа. Низ оваа призма треба да се гледа и причината зошто Скопје (а ист е случајот и со другите мкедонски градови и општини) не поседува меморија за своите градоначалници. Македонскиот главен град не помни некое име од типот на њујоршките градоначалници Рудолф Џулијани или Едвард Коч, или барем како белградските градоначалници Бранко Пешиќ или Богдан Богдановиќ. Дури ни некого од типот на загрепскиот актуелен градоначалник Милан Бандиќ.

Значи, во времето на социјализмот, за градоначалници се поставуваат проверени партиски кадри, а градоначалникувањето евентуално повеќе им служи како некаква отскочна штица кон партиска, државничка, па и дипломатска кариера. Тоа, се разбира, не значи дека овие градоначалници нужно морале да бидат лоши. Напротив. Во списокот на повоените скопски градоначалници можат да се најдат еден Благој Попов (во времето на скопскиот земјотрес), Драгољуб Ставрев (во време на постземјотресната изградба), Душко Поповски..., а претходно и Васил Ѓоргов, Наум Наумовски – Борче итн. Многумина од нив имаат оставено длабоки траги во животот на градот, но, сепак, нивните амбиции и нивниот печат биле насочени во некои други насоки.

Ако во еднопартискиот систем, единствената партија ја кроела кадровската политика според своите сознанија и без директна изборна проверка, во повеќепартискиот (практично, веќе двопартискиот) систем ситуацијата е, слободно можеме да кажеме уште покатастрофална. Го помни ли уште некој Милан Талевски, првиот плуралистички градоначалник на Скопје (во народот попознат како Миле Жица), од кого се откажа дури и неговата партија, ВМРО-ДПМНЕ. Од плуралистичкиот период веројатно ќе останат запомнети Ристо Пенов (најмногу затоа што е досега најдолговечниот скопски градоначалник, од 1996 до 2005, и прв избран на непосредни избори) и, секако, актуелниот Коце Трајановски, најмногу поради својата чудна предизборна програма, во која најави поправање на часовникот на Старата железничка станица, но и поради големото преуредување (до непрепознатливост) на централното градско подрачје. Несреќно загинатиот Горан Николовски, краткотрајниот Јове Кекеновски и контроверзниот Трифун Костовски веројатно бргу ќе бидат заборавени, ако тоа веќе и не се. Како и да е, во нешто повеќе од дводецениската плурална историја, ниту едно од овие имиња не успеа да се наметне како вистински „градски татко“.

Но, не дека немаше обиди. На првите повеќепартиски избори својата самостојна кандидатура ја истакна архитектот Живко Поповски, но, според тогашните законски акти, градоначалникот го бираше Собранието на градот од своите редови, па оваа кандидатура пропадна, практично, пред да почне. Во една од изборните трки учествуваше карикатуристот и аниматорот Дарко Марковиќ, но без јака партиска инфраструктура не успеа да дојде до градоначалничката фотелја.

Од погоре кажаното произлегува дека во отприлика истиот временски период од нешто повеќе од две децении, во она предвоено Скопје, под српската градска власт, повеќе се водело сметка за градскиот „шмек“ на скопските градоначалници, отколку во времето на слободна Македонија. Во некоја колективна меморија останува името на тресончанецот, архитектот Јосиф Михајловиќ (градоначалник од 1929 до 1936 и од 1939 до 1941 година). За неговото име се врзуваат капиталните објекти, од типот на хидроцентралата „Матка“ и водоводот „Рашче“, потоа регулацијата на теченијата на Вардар и Серава, но и првиот урбанистички план на градот. Во негово време е направено авионско снимање на градот, катастарски премер и, внимавајте, попис на населението. Оние што го виделе урбанистичкиот план велат дека станува збор за еден од најквалитетните планови што Скопје некогаш го имал, со сериозно водење сметка за урбаните површини, потребите на населението и градското зеленило. Во негово време е оформен денешниот плоштад „Македонија“ со околните улици, изградбата на Собранието, Градската болница, некогашната Народна банка, Старата железничка станица, денешните улици „Илинденска“, „Мито Хаџивасилев Јасмин“, „Орце Николов“... Во негово време започнува и поставувањето калдрма на улиците.

Како што стојат работите, се чини дека работите на ова поле ни во втората деценија од XXI век нема значајно да се променат. Барем не кон подобро. Се разбира, ваквата констатација не се базира само врз најавениот бојкот на локалните избори, а со самото тоа и со намалувањето на квалитетот на понудата, што секако ќе се реперкуира и врз евентуалните визии за урбаниот развој на државата. Повеќе станува збор за изборот на кандидатите и нивниот ентузијазам во градењето на урбаниот живот. Не дека, барем на моменти, партиските кадровици не се потрудиле да обезбедат „познати фаци“, макар што овој тип квалификации и не се вистинската препорака за водење на општината. И актерката Билјана Беличанец – Алексиќ (кандидат за градоначалник во Кисела Вода) и адвокатката Јагнула Куновска (кандидат за градоначалник на Карпош), кои се третираат како изненадувања во редовите на владејачката партија, иако се ликови од урбаното милје на градот, сепак нивното досегашно искуство одело во некои други насоки, а не во збогатувањето на урбаните содржини, па се чини дека и со нивниот избор не е направено некое поквалитетно поместување во евентуалното збогатување на урбаните содржини во овие градски општини. Освен можеби фактот дека станува збор за жени, што е вистински раритет во досегашната македонска историја на „градски татковци“.

Што се однесува до Скопје, ако работите останат вакви какви што се сега, речиси е извесно дека новиот „градски татко“ ќе биде „стариот“ Коце Трајановски. Ако ги оставиме антиквизациските и барокните преуредувања на градот, зафати кои повеќе влегуваа во „државничките работи“, отколку во неговиот делокруг, тогаш Трајановски ќе остане запаметен како еден од градоначалниците со најмалку слух за зеленилото на градот, наспроти неговиот, на моменти тешко разбирлив, афинитет према катните гаражи. И по својата појавност, по неголемата елоквенција, а најмногу по сечењето дрвја во централното градско подрачје, без оглед на должината на неговото владеење, и за Коце Трајановски може да се каже дека му недостасуваат основните атрибути на посакуван градски татко: јасна визија за развојот на градот, омиленост меѓу граѓаните, широчина во погледите и чувство за опкружувањето.

И историски и етимолошки гледано, градоначалничката функција не значи да се биде „прв меѓу граѓаните“, туку таа повеќе значи „да се грижиш за граѓаните“. Како што сега стојат работите со сите градски параметри: хаотичниот урбанизам, несредениот сообраќај, китинестото фасадирање, несносливоста на загаденоста на воздухот, Скопје ќе ја има таа несреќа во догледно време да не добие вистински татко (па макар бил тој и „мајка“). Иако улицата е една од основните клетки на урбаниот живот, граѓаните, сепак, не се уличари. Заслужуваат градот да им биде дом.

Извор: Граѓански
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото