1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 03:59
„Повторно се отвораат македонските училишта со албански внуци, опаѓа интересот за бракови” е насловот на вест објавена во онлајн медиум, кој на грб го носи тешкиот товар на осуда и презир за лицата кои што ги решиле проблемите од нивниот приватен живот, „игнорирајќи ја националната геополитика“. Истиот текст, со некои скратувања и со изменет наслов, се појави и на друго место. Тој е потпишан од ист автор, иако во ниту едниот од двата медиуми нема авторски потпис.
Што е тоа што не чини во ова вест?
Прашањата кои што новинарите ги избираат да ѝ ги понудат на јавноста влијаат врз прашањата за кои размислува јавноста. Но, начинот на кој што се пласираат тие прашања, влијае врз начинот како јавноста размислува за тие прашања.
Оваа дефиниција за ефектите на медиумите и нивната улога во општеството, го покажува големото влијание што тие го имаат врз размислувањето на луѓето, преку рамката што тие ја избираат за да ги третираат вестите за кои пишуваат, каде што намерно потенцираат одредени факти и карактеристики, а избегнуваат некои други.
Така, во случајот на веста што ја рецензираме, насловот е осмислен во форма на една реченица во два дела која се однесува на две вести:
Првата, „повторно се отвараат македонските училишта со албански внуци“ содржи иронија и сарказам за оваа појава, како и за причините зошто тоа се случува. Се демонстрира отворен став за поделба на „страните“ на „Албанци“ и „Македонци“ и нивните меѓусебни односи, што меѓу редови, се претставува како неповолна.
Втората, „опаѓа интересот за бракови“ е оптоварена со презир кон причинителите на оваа појава. Овој дел од насловот прави обид истовремено да предвиди и што ќе се случи со оваа појава во иднина.
Реалноста што ја изградил овој напис, се опишува од гледна точка на личните и колективните предрасуди за одредена појава и неговите актери, односно „невестите од Албанија“. Главата на веста, првиот пасус од написот, го започнува дискурсот на сензационален начин, обидувајќи се да допре до емоциите на читателот со намера да создаде чудење, сензитивност и дури да доведе до вклопување на ставовите со оние од самиот дискурс. Понудените бројки ја поддржуваат веста дека бројот на децата родени од албански мајки довел до тоа повторно да се отворат македонските училишта во овие села, кои биле затворени со години, да се врати радоста на живот со деца и најбитното, да се зголеми населението со македонски презимиња.
Освен етничките именувања „Албанци“ и „Македонци“, авторот на написот се покажал прилично внимателен да не употребува навредлива терминологија. Судот за браковите од типот „албански невести за македонските ергени“ го дава само преку етничките поделби, без да употреби ниту еден омаловажувачки израз. Омаловажувачко е самото гледиште на авторот за појавата, што е и причина прашањето на овие бракови тој да го постави во една рамка со нетагивна конотација, како на пример во изразот „иако живеат во села и се бават со сточарство, тие се задоволни од животот“. Допусниот сврзник „иако“ во овој израз јасно го рефлектира негативниот став на авторот кон тоа што го опишува. Со тоа, авторот на написот остава да се подразбира дека тие (невестите) не би требало да се задоволни во такви услови. Таквиот став на неодобрување на оваа појава се чувствува од самиот почеток па до крајот на овој напис, во еден латентен, но многу силен облик.
Од сето ова може да се заклучи дека рамката на оваа вест, освен што е омаловажувачка, пати и од плиткост при обработката на веста за појавата на пост-комунистичките албанско-македонски бракови.
Дали оваа вест може да се искористи подобро, не само за информирање, туку и за сензибилизација?
Новинарот имал можност на читателот да му го долови не само контекстот, туку истовремено тоа да го направи преку една достоинствена рамка, што би можело да придонесе за отворање на пошироки општествени дебати и подлабоки елабораци на разните прашања, забележување на решените и нерешените проблеми, придвижување на надлежните институции за унапредување на животот на луѓето, итн.
Како би се водела општествената дебата, во контекстот на јавниот дискурс кој што интензивно се води во Македонија околу односот на демографскиот раст на населението од албанска и македонска националност, доколку новинарот би ги обработил тенденцијата, географијата, причините итн. и во конкретниот случај тој би можел да праша, на пример: дали децата од овие мешани албанско-македонски парови го знаат албанскиот јазик, дали биле некогаш во Албанија, дали ја знаат, дали ја сакаат родната земја на нивните мајки, итн.
Исто така, новинарот можел да ги праша брачните другари на албанските невести дали ја посетиле Албанија, особено што сега нивните животни сопатнички се оттаму, дали можеби научиле да позборуваат на албански, дали овој брак им помогнал да го запознаат подобро албанскиот народ, со кој одамна живеат заедно во Македонија, но со кој што сѐ уште имаат длабоки недоразбирања и големи незадоволства.
Друг проблем кој што се поставува во текстот, и кој што не е едностран, е проблемот на ергенството. Како македонските мажи, така и албанските жени, стапиле во брак со странски државјани за да му дадат крај на ергенството. Животот во село и сточарството кои што се спомнуваат во текстот, се дел од личниот избор кој го направиле двете страни во однос на условите и можностите што ги имале. Додека условите и личните можности, како на македонските ергени, кои не можеле да најдат жени во нивните села, така и на албанските моми, кои што пред неколку години, кога нивната земја била економски слабо развиена, се омажиле за странски државјани, се заложници и последица на слабите државни политики на двете земји. Овој факт излегува на виделина самиот од себе преку интересното интервју кое новинарот го направил со една од протагонистките. Таа јасно кажува дека за овие бракови имало спремност пред неколку години, но дека сега веќе не е така, токму заради подобрувањето на социјално-економските услови во соседната земја со која имаме сродство!
Значи, освен чувствата, главно околностите ги диктираат делувањата на луѓето и нема зошто луѓето да бидат оцрнети за предрасуди што тие ги немаат, па макар и за тие со кои што направиле компромис со надеж за подобар живот. Обичниот човек сака да живее, не може да се бави со геополитика, освен кога го користи правото на глас! Една добра рамка за оваа вест би можела да биде токму добрата страна на приказната: признавање, слободата за донесување одлуки, оттргнувајќи се од минатото, желбата за соработка и компромисот во полза на животот, постапки кои што и до денешен ден многу балкански лидери немаат волја да ги преземат.
Прашањето на промената демографската состојба во македонските села во последните години, авторот би можел да го апсолвира, правејќи и една паралелна анализа со илјадниците православни Албанци кои стапиле во брак се македонски партнери за време на комунизмот, не заради сиромаштијата, туку заради општествениот статус и етничко-политичките конјуктури во југословенскиот комунистички систем. Кога би направил една ваква паралела, авторот на написот би можел да го оцени на правилен начин односот човек-општество-држава и би можел да го оправда тоа, без емоции за човекот, за кој што нацијата почнува од егзистенцијата, од неговиот дом.
Заклучок
Проблематизирањето на одредени прашања, со намера за потполно информирање, но и со намера тоа информирање да влијае врз животот на луѓето, би бил поефективен пристап за обработка на вестите отколку тенденциозниот став за судење на личната приватност и презир за одреден избор, што е и направено во овој случај.
Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).