По забраната за Фејсбук, МПЦ препорача и забрана за автомобили за свештените лица

25.10.2013 14:06
По забраната за Фејсбук, МПЦ препорача и забрана за автомобили за свештените лица

Скопје, 25 октомври 2013

По препораката свештените лица да не ги користат популарните социјални мрежи, синодот на МПЦ-ОА препорача дека свештениците не треба да користат уште една технолошка придобивка - автомобилите и џиповите.

Предлагач на оваа одлука е владиката Петар, кој смета дека врската помеѓу младите верници и свештените лица ќе се подобри доколку владиците пешачат или јаваат на магариња.

„Секој владика ќе треба да се грижи за спроведувањето на одлуката во својата епархија, да ги контролира патиштата и да проверува дали владиците пешачат со соодветни обувки и дали нивните магариња се потковани“, изјави колегата на Петар, владиката Тимотеј.

Поглаварот Господин Господин Стефан, пак, најави дека лично тој ќе се погрижи да им биде запленет рутерот, пресечени каблите, па дури и конфискувани компјутерите на владиците кои ќе ја прекршат забраната за Фејсбук, додека на сите свештеници, превентивно ќе им бидат запленети возачките дозволи.

„Секој искрен верник треба да кликне лајк на оваа вест и да се радува што ќе може да комуницира со духовните татковци на правилен начин“, смета поглаварот Стефан.

Тој додава дека дополнително ќе биде разгледано прашањето дали на свештениците ќе им биде дозволено да возат велосипед, бидејќи и тоа претставува релативно современ технолошки пронајдок, кој во последно време го користат сѐ повеќе луѓе.

Извор: Господ Бог Тајмс